Родителите треба да се свесни дека со новиот образовен систем, конкретно во случајот за четврто одделение, учебникот не е единствениот извор на стекнување на знаењата. Независно дали се користат дигитални или печатени учебници, во фокусот на наставата треба да е интеракцијата помеѓу наставникот и ученикот, настава со истражување, дискусија и креативно и критичко размислување, бидејќи само на овој начин можеме да постигнеме подобри резултати. Тоа е и целта на новата Концепција – учење со разбирање, вели Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, во утринската програма на Сител ТВ.

Томшиќ ги повика родителите да ги поттикнуваат учениците да ги користат дигиталните материјали за учење затоа што таму има интересни интерактивни содржини, квизови и видеа кои низ игра го поттикнуваат учењето кај децата.

– Сите ние знаеме дека децата поголемиот дел од денот го поминуваат пред компјутери играјќи видеоигри кои не се продуктивни, затоа би било добро дел од ова време учениците да го поминат во прелистување на содржините на дигиталните учебници, со што ќе го повторуваат она што било предадено на часовите, но и на интересен и креативен начин ќе се стекнат со нови знаења – рече тој.
Осврнувајќи се на почетокот на школската година, Томшиќ рече дека новата Концепција успешно се спроведува во сите училишта во државата.

– Од она што го добиваме како информации директно од терен од наставниците, учениците и директорите на училиштата, засега реформата се спроведува според предвидената динамика и планот, без никакви тешкотии. Училиштата навреме ги добија потребните интерактивни табли, нагледни средства и дидактика кои се предвидени со наставната програма. Исто така, учениците навреме ги добија учебниците. Преку апликација се спуштени на нивните уреди – рече Томшиќ.
Тој додаде дека за децата од социјално ранливи семејства,

Министерството обезбедило 10.000 таблети кои им се даваат на користење. Исто така, МОН испечати 20% од тиражот на учебниците за 4. одделение и тие се доставени до училишните библиотеки. Овие учебници во печатена форма се наменети за учениците кои, за жал, немаат електрична енергија, се вели во соопштението на Министерството.



912

X