Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Нашиот проблем се состои од тоа што детенцето на мојата братучетка понекогаш се однесува како женско. Дојдовме до таа ситуација што додека си играа заедно со моето дете во неговата соба, јас влегов да видам што прават, а нивната игра беше момче и девојче. Се работи за две машки деца на возраст 9 години (дете што се однесува како женско) и возраст 4 години, т.е. моето дете кое во играта беше машко. Кога влегов, тие се посрамија и на почетокот не сакаа да кажат што си играат. Но во тој момент им кажав да кажат и дека нема да ги осудувам. Ми кажа поголемиот, додека моето дете цело време велеше дека не знае што играле.

Кога кажаа, им реков дека тоа не е машка игра и дека момчињата си играат други игри, со автомобилчиња, коцки. Прашав и чија била идејата за таа игра и одговорот беше дека е на поголемото. Исплашена сум и за моето, а и за нејзиното дете. Потоа го прашував случајно да не имале физички контакт (да не се скокоткале, гушкале, за другото страв ми е и да помислам), но ми рече дека само танцувале (тоа што јас го видов ) и дека првпат ја играат таа игра. А на секое мое прашање одговорот на моето дете беше „не знам“. Многу сум загрижена и имам страв дали сум доволно добра мајка да го научам моето дете што е добро, а што лошо. Дали јас ќе го постигнам тоа, да го израснам во нормална, здрава личност. И како да го научам сам да разликува што е правилно, а што не. Бидејќи нема секогаш да сум тука, и не сум јас таа што треба да му ги одбира другарите. Како да израснеш дете во некоја средина каде што ти се посветуваш и ги забележуваш проблемите на своето дете и реагираш, додека другите не сакаат да го видат проблемот на нивното дете.
Во овој случај сум загрижена и за моето и за нејзиното дете. Како да ѝ дадам до знаење дека нешто не е во ред. Затоа што кога ѝ кажав за играта, таа рече: „Па добро де, тие се деца“.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, децата што ги опишувате се во различни фази од развојот, па својствено на тоа имаат различен начин на игра и поинаку ја разбираат играта, од различна возрасна перспектива. Најчесто децата сакаат да си играат со деца на нивна возраст. Разликата од пет години е преголема за тие да ја најдат играта што и на двајцата ќе им одговара. Како дојде до ситуацијата овие две деца заедно да си играат? Дали и едното и другото си го наоѓаат она што им е потребно во играта. Веројатно искреирале игра што им одговара, но поради различната возраст, се чини играта не е адекватна на нивните развојни капацитети. Нивната емотивна зрелост би требало да биде различна со ваквите возрасни граници, но дали е така.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Според некои познати нормативи на развојот, повозрасното дете не би сакало да си игра со помалото дете, би барало поинтензивна комуникација со врсниците. А ако се во комуникација, ќе бара да задржи доминантна позиција на моќ. Тоа би значело повозрасното дете да комуницира со помалото само ако е принудено или ставено во улога да го чува и да се грижи за помалото. Јас некако не гледам таков услов тука, или постои? Па тоа ми го врти вниманието кон емотивниот развој и потребите на повозрасното дете.

Според она што го опишувате како содржина на играта, доделувањето машка улога на помалото дете (кое биолошки има помала моќ од повозрасното дете), може да укажува на некаква потреба за нереализирана заштита дома, во семејството, која повозрасното дете несоодветно ја бара преку играта, наместо да ја добие на соодветно место, дома…. Од друга страна, одбира да си игра со помалото дете, а не избира да си игра со врсниците на негова возраст. Се прашувам дали постои некаков проблем со неговата социјализација за да остане да си игра со помалово дете? Дали е дете кое не се снаоѓа многу со врсниците и прибегнува кон игра со помало дете затоа што се чувствува покомотно и посигурно? Значи, темите на играта и на односот се потреба за сигурност, безбедност, заштита.
Вие го поставивте ова прашање, па сакам да ве прашам која е вашата улога и одговорност во сето ова? Она што чувствувам е дека сте блиски со семејството на повозрасното дете, т.е. имате регуларна комуникација и блискост со неговото семејство. Рековте дека сте ѝ пристапиле на мајката, но таа останала незаинтересирана. Исто така, би ве прашала од каде знаете што момчињата треба или не треба да играат? Верувам дека тоа целосно не е ваше убедување, туку е убедување на околината. Децата можат да играат на многу начини, и нивната игра кажува многу… И секогаш кога се одигрува некаква полово „неадекватна“ игра, реагираме со страв? Од што се плашите?
Вие го поставувате прашањето, а јас би сакала да ве поттикнам да преземете поактивна и посоодветна улога во решавањето на ситуацијата. Како вие можете да пристапите без да барате од родителите да преземат одговорност? Ќе ви понудам една кратка интроспективна вежба со цел да се запознаете повеќе со детето од кое се плашите.

Сакам да ве поддржам за момент да бидете поголемото момче. Замислете го пред себе и сè она што сте го виделе како си игра, како се однесува… Дали може да видите и препознаете како тоа дете се чувствува? Дали може да прочитате каква потреба има гледајќи во играта што ја развиваат? Сега ве поканувам да погледнете и во неговото семејство, во системот и контекстот во кој расте? Дали има некои околности што влијаат врз неговиот емотивен развој? Дали нешто во тоа семејство недостига, или се дава премногу? Сега повторно погледнете во детето. Како се чувствувате кон него? Дали би му пристапиле на поинаков начин отколку досега? Погледнете во можноста да најдете одговор и пристап кој и вам, и нему, и на вашето дете ќе ви обезбеди одредена сигурност во комуникацијата, нешто што ќе ви овозможи подобар контакт и посигурна атмосфера за развој.

Голема разлика прави како ние ќе реагираме на ситуацијата што сме ја затекле, дали со испрашување, страв и обвинување или со некакво разбирање и истражување пред да донесеме каков било заклучок.
Оваа вежба ќе ви даде многу информации за повозрасното дете, за неговата ранливост, но и за вашата улога во поддршка во неговиот развој, а пред сè во обезбедување на неговите потреби за сигурност и заштита. Како вие би можеле во вашиот дом да му ја обезбедите сигурноста и заштитата?
Сите ние сме дел од системот кој ги воспитува децата. Понекогаш кога семејството не може да ја обезбеди целосната поддршка, ние сме тие, најблиската околина, кои обезбедуваме дел од тоа чувство на сигурност и разбирање.

За да се воспита едно дете, потребна е цела држава, народ, маало, семејство, кои нема да гледаат само во сопствените стравови и ќе се штитат од непознатото што го носат животот и развојот, туку ќе обезбедат емпатија и сочувство и ќе им дадат поддршка на сите деца што имаат потреба. Зошто? Затоа што кога туѓото дете расте и се развива со љубов и поддршка, и моето дете исто така расте, се развива и напредува.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X