Пред некој ден ѝ кажав на директорката на шелтер-центар за бремени жени дека мојата бременост беше неочекувана. На мое изненадување, оваа жена имаше дрскост да ми се смее в лице и да ми одговори: „Па, знаеш како се прават бебиња, Емили“. Можеби сум драматична, но нејзината осуда ја почувствував како удар во стомакот. Останав без зборови. Се разбира, не сум идиот. Знам како забременуваат жените, но едноставно бев збунета поради фактот дека можеби нема да бидам способна да имам повеќе деца.

По 5 месеци без менструција, ми направија ултразвук и ми рекоа дека има повеќе цисти на моите јајчници. Синдром на полицистични јајчници, ми рече лекарот. Моите менструации беа неконзистентни, имав 25 години и овулирав можеби еднаш на секои 6 месеци. Тоа значи дека е потешко да се забремени, рече тој. Веќе имав сомнежи за мојата способност да зачнам што произлегоа од ултимативната измама на моето тело: канцер. Моето тело беше непријателот, канцерогените клетки и радијацијата ме контаминирале однатре. Можеби тоа не е логичко размислување, но повеќе не му верував на телото дека е нешто друго освен разочарување.

Па така, во јули ми беше дијагностициран синдром на полицистични јајчници, хормонален дисбаланс кој може да влијае врз мојата плодност и да ги зголеми шансите за спонтан абортус, па започнав да се подготвувам себеси за студената, тешка вистина: можеби никогаш повеќе нема да можам да носам бебе во мене. По 2 недели, овулирав првпат во 6 месеци. Две недели потоа зачнав дете. Моето тело повеќе не беше мојот непријател. И покрај околностите и непланирањето, мојата бременост беше како чудо. Подарок од Бог. Не ми беше во план, но ова бебе е благослов. Понекогаш помислував дека никогаш повеќе нема да имам деца. Едноставно не може да биде случајност, бидејќи шансите изгледаа многу мали за тоа – изгледаше невозможно.

Мојата непланирана бременост ме научи дека можеби сè се случува со причина. Можеби има некоја поголема моќ и цел над сето ова, причина зошто сум тука. Има толку многу жени, особено оние што преживеале рак или имаат дијагноза за синдром на полицистични јајчници и имаат проблеми со плодноста. Не можат да зачнат, или пак страдаат од ран спонтан абортус.


Но, некако, јас сум 18 недели бремена со син. Малечко момче кое беше неочекувано на секој можен начин со мајка која се чувствува целосно благословена што ги чувствува неговите клоцања секој ден. Па, пред да ме осудите, пред да го исмејувате терминот „непланирано“ или „неочекувано“, треба да сфатите дека секогаш има повеќе од приказната што не ја знаете. Има тивки борби и тивка болка низ која луѓето поминуваат, а за кои вие не знаете.

А на крајот од денот, не е важно дали сте планирале да забремените или не. Создавањето живот секогаш е нешто на кое сте горди, и покрај осудите од луѓето кои веруваат дека е во ред да им држат предавања на другите за тоа како се прават бебиња. Дали знаете што имам да им кажам на таквите луѓе? Одете по ѓаволите.

Автор: Емили Лингенфелсер

Извор



912

X