Да се биде мајка не е лесна задача, па не е изненадување што постојат илјадници книги за родителството и за начините како да се биде добра мајка, преку учење нови родителски стилови и рутини со цел да воспитате ангелски деца кои добро ќе се однесуваат. Но, мајчинството не е нешто што може да се научи со читање книга, а понекогаш, кога се обидуваме да бидеме најдобрите мајки што можеме, завршуваме со чувство на вина поради одлуките и изборите што сме ги направиле во однос на децата и семејството.

Изгледа дека постои нешто што се нарекува „преголемо родителско советување“, кое е многу веројатно да прави да се чувствувате лошо во врска со вашите родителски вештини. На пример, моите деца се растени од две мајки, а двете од нив сум јас!

Првата мајка беше идеалист (неискусен), посветена мајка која ги проучуваше сите родителски книги, методи, системи, трендови и се обидуваше да живее според нив. Втората мајка имаше лузни, беше поискусна и понижена од сите родителски дилеми што направија да се сомнева во нејзиниот разум, но најде начин да биде родител со самодоверба. Звучи збунувачки? Па, и беше!

Прво, додека го воспитував моето семејство од шест деца и истовремено се обидував да ги завршам студиите и да започнам пракса, бев несвесна за родителските предизвици што следуваат.

Замислував дека ако ги сакам моите деца доволно и бидам решена и организирана, сѐ ќе биде во ред. Бев најстарата од многу браќа и сестри и не ми беше непозната семејната динамика, па мислев дека ќе знам точно што треба да направам. Но, тогаш добив удар од реалноста. Никој не ме подготви за лошото чувство на вина кога ќе оставиш дете во рацете на нова дадилка, додека трчаш да ги завршиш работните обврски. Никогаш порано не сум ја имала таа потреба да им бидам толку многу работи на многумина и сето тоа одеднаш. Често знаев истовремено да играм со моето најмало дете, да пишувам домашна со постарите и да бидам судија во конфликтите помеѓу браќата и сестрите. Не сфатив колку брутално и исцрпувачко може да биде сето тоа.

Како да гледаш семејство со деца што се интроверти, екстроверти, на кои им треба дополнително менторство, социјална интеракција, некој, пак, е гениј во класот и му треба дополнителна интелектуална стимулација, на некои облеката им е мала и чукаат на твојата врата додека ти се криеш во собата, очајнички обидувајќи се да одговориш на итен повик од работа?

Зошто родителските книги, организирани во поглавја за детскиот развој, не се приспособени на реалниот живот, туку се опишува утописки живот и семејни интеракции со среќни деца и мирни, задоволни мајки? Вистината е дека и покрај брзањето и будењето во зора, помнењето на последната гуру-порака за родителството и обидувањето за примена на советите, јас бев исцрпена, фрустрирана и немирна.

Доволно сум искрена за да признам дека многу пати кога ќе го слушнев зборот „мамо“, се грчев и очајнички размислував „Што сакаш сега од мене?!“ И се мразев себеси поради тоа чувство. Сакав да сакам да сум мајка. Но, тоа бев јас, учејќи се да бидам родителски експерт, одгледувајќи големо семејство додека успешно ја менаџирам својата пракса за развој – бев поканета да зборувам во група на жени за „работа/животен баланс“, а вистината беше дека не ја живеев реалноста што им ја предавав на другите вработени мајки. Се чувствував како измамник. Дали уживав во своето мајчинство и кариера и дали се чувствува успешна и во двете? Не! Дали бев способна да им го дадам целото внимание на децата додека истовремено инвестирав доволно ресурси во мојата кариера? Се обидував, но не… не, навистина. Дали некои од родителските методи што постојано се обидував да ги применам ми помогнаа во поврзувањето со моите деца, а истовремено ми овозможија да се чувствувам самоуверено во мојата животна борба? Апсолутно не.

Ако ништо друго, почнав да сфаќам дека се случува токму спротивното!

Со секоја книга, метода или последен родителски тренд сфаќав дека потфрлам како мајка. Дури и се сомневав во моите мајчински инстинкти и бев премногу свесна за сите „моменти на учење“ за кои не ни знаев дека постојат, додека не дојдов до сите тие родителски книги. Така, на крајот од денот, кога ги собирав расфрланите играчки, се занимавав со валканата облека на која ѝ немаше крај и валканите чинии од вечерата, психички го анализирав поминатиот ден и се критикував себеси што сум толку ужасна мајка.

Како можев да се чувствував добро кога сè што сакав за сите нив беше да заспијат истовремено и да ме остават… што? Да живеам? Да имам колапс?

Пред 30 години бев шокирана кога сфатив дека моите свесни напори за подобрување на родителството всушност ги влошија работите. Не знаев ниту дека слични вакви теми ќе бидат дискутирани многу години подоцна. Родителските гуруа конечно признаваат дека потпирањето на многу експертски совети наместо на поврзувањето со децата и неследењето на мајчинската интуиција може да доведе до конфузија, преголемо размислување и чувство на постојана осуда – ако не од средината, тогаш од себеси.

Како се чувствувате во врска со оваа реалност? Како читањето за многу родителски методи влијае врз вашата самодоверба како мајка? Дали сте свесни дека многу мајки се занимаваат со изучување и применување на овие методи, а ги пропуштаат најважните години за воспитување на децата?

Обично сето тоа изгледа вака: Слушате за некој родителски метод кој прави чуда за некој ваш пријател. Се навлекувате на тоа и почнувате да имплементирате нови стратегии. Потоа чекате да дојде до магични резултати кои значат – добро воспитани, сакани деца што се желни за соработка. Кога тоа нема да се случи доволно брзо колку што очекувате, или колку што треба, се откажувате, го впишувате на листата со родителски порази и се враќате на неефикасните родителски вештини, кои ве довеле до самата потрага по нови.

Ако сте изморени од овој круг преку кој се обидувате да станете подобра мајка и се чувствувате како да сте лош родител, време е да престанете. Не помирувајте се со чувството на неуспех како мајка. Не треба да бидете супермајка за да им бидете добар родител на вашите деца. Време е да бидете самоуверена личност и да верувате во своите способности како родител, и покрај разочарувањата и битките.

А ако чувствувате дека ви е потребна помош во постигнувањето на вашите родителски цели, тогаш не плашете се да ја побарате.

Автор: Атара Малак



912

X