Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 3-годишна ќерка и 6-месечно бебе. Од неодамна мојата ќерка почна да се инаети и да вреска кога нема да добие нешто, од врескање се засркнува и од лутина почнува да повраќа… Пробавме со убаво, но нема успех. Сопругот е посмирен, почна тивко и смирено да ѝ кажува дека не може да прави така. Доста е интелигентна, зборува, брзо сфаќа, неодамна почна да оди во градинка. Да напоменам дека во градинка се соочува со „проблем“ што мора да зборува и да учи германски јазик. Досега дома само на мајчин, македонски јазик, зборуваме, затоа и по третата година ја запишавме во градинка. Задоволни сме од неа, знае да брои, ги знае сите денови во неделата, знае нови зборови на македонски и на германски јазик, а знае и англиски од цртани филмови, иако не гледа многу. Сè следи, сè слуша, се шегуваме дека ни е како камера дома, на секое прашање веднаш одговара. Дали мозочето ѝ е преоптоварено? Дали се соочува со тежок период во градинка, па дома се однесува чудно, навистина не знам. Дали вината е во нас, што е задоволена со сè? Таа точно знае што сака, а што не сака. Дури ни играчки не сака да дели со гостинчињата и братчето. Пред неколку дена ја прашав: „Зошто не му даваш на брат ти да си игра со твоите играчки, ти треба да ги делиш, не си веќе сама, како во градинка што си играш со другарчињата, така треба и дома“. Таа ми одговори: „Мамо, во градинка играчките се на сите деца, дома се мои“. Ве молам за совет, како да постапиме понатаму.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, верувам дека воопшто не ви е лесно кога се соочувате со хистеричното плачење и нервозно однесување на вашето дете. Имате многу интелигентно, активно, темпераментно девојче, кое е љубопитно и кое несомнено е центар во вашето семејство.

Кога децата се борат да се справат со она што им се случува емоционално, тие честопати ја покажуваат својата фрустрација преку нивното однесување. Бидејќи сè уште го развиваат своето размислување, самоконтрола и однесување, нормално е децата да не умеат да се справат со непријатните емоции, како што се лутина, тага и разочарување. Тогаш плачат, врескаат, клоцаат, удираат, а кај некои дечиња се случува, како и кај вашето девојче, да повратат. Лутината е интензивна емоција која со себе носи многу енергија. Ако повраќањето почнува да се повторува, тоа веќе станува проверен начин на привлекување внимание, во смисла дека на крај и ќе поврати само за да бидете со и околу неа. За ова вие најдобро ќе знаете.

Билјана Манасова-Јовановиќ

Кога децата се толку мали, тие живеат во еден свет на „сега и веднаш“ и неретко знаат да изразат бурни реакции ако тоа не е нешто како што го замислуваат. Лутина се јавува затоа што сакаат да ја преземат контролата над ситуацијата. Нивната цел е да го добијат она што го посакуваат и се надеваат дека врескањето ќе ве натера да го направите она што го сакаат.

Не толку одамна во животот на вашето девојче се имаат случено две големи промени, добивањето на бебето и тргнувањето во градинка. Со вакви промени детето го менува своето однесување, а бурните реакции може да се предизвикани од новото темпо на живот на кое треба да се навикне. Понекогаш за детето е полесно да ги помине и прифати овие промени, но родителите несвесно отстапуваат од некои граници и стануваат малку попопустливи во однесувањето кон детето. Вие и сами велите дека се чувствувате виновни, а тоа чувство честопати прави да се чувствуваме не доволно добри, некомпетентни и некако уште повеќе да правиме отстапки или да даваме повеќе, да бидеме попопустливи, и така во круг. Од друга страна, кога е дома, тука е бебето кое секако бара посебно внимание и грижа, така што веќе не е ваша единствена преокупација. На децата им се потребни љубов и дисциплина, тие постојано се преплетуваат и дополнуваат. Важно е да се постават граници на однесување, но таа да се почувствува дека е сакана и прифатена без разлика на однесувањето.
Децата се многу итри и многу бргу доаѓаат до сопствени заклучоци за тоа каде и во која мера имаат право и се обидуваат да ги поместуваат границите. Одговорноста е на нас, родителите, да ги спречиме во тоа, а истовремено да им помогнеме да се ослободат од вишокот непријатни емоции на прифатлив начин. За да го научиме детето да се справува со своите емоции, треба да го научиме да ги препознава.

На возраст под 6 години децата сè уште немаат толку развиено чувство на емпатија за да почнат да споделуваат. Пред тоа тие споделуваат затоа што ние ги условуваме да го сторат тоа.

Почнете емпатично да вербализирате за емоцијата што ја доживува: „Гледам дека си многу лута бидејќи …“, „Тажна си што не одиме сега…“ итн. На овој начин ѝ праќате порака дека е во ред да се лути, но некои работи не можат да се сменат, добијат… итн. Не е проблем што во градинка се зборува на друг јазик, дури и подобро што уште сега слуша и усвојува повеќе јазици.
Внимавајте на сопствената реакција. Иакo и вие лично сè уште се привикнувате на вашата промена, потрудете се да останете смирени кога таа реагира со јаки емоции. Кога и вие одговарате на нејзиното однесување со лутина и вознемиреност, таа уште повеќе реагира и беснее за на крај да поврати. Исто така, потрудете се да забележите кога доаѓа до вакви испади, веројатно пред да се појават почнува малку понервозно да се однесува, да се лути, па тогаш може да ѝ го одвлечете вниманието од изворот на фрустрација.

Што се однесува до делењето, на малите деца им е многу тешко да делат 🙂 Како расте детето, така развива приврзаност кон лицата и предметите. Оваа способност на силна приврзаност е важна за детето да се развие во емоционално здрава личност. Во текот на втората и третата година, како што детето преминува во сепарација, воспоставува посебен идентитет одделен од мајката, почнува да употребува „Јас сакам сама!“ „Мој! мое! моето!“

На возраст под 6 години децата сè уште немаат толку развиено чувство на емпатија за да почнат да споделуваат. Пред тоа тие споделуваат затоа што ние ги условуваме да го сторат тоа. Како што децата почнуваат да си играат едни со други и да соработуваат во играта, така почнуваат да ја гледаат вредноста на споделувањето.
Поради тоа, не очекувајте дека таа така лесно ќе дели и ќе дава, особено кога е дома. Може да се случи да почне селективно да дава, да ги задржува играчките што ѝ се омилени и многу вредни, а со текот на времето да дава играчки со кои е не е толку приврзана. Не присилувајте ја, од една страна, почитувајте ја нејзината нормална одлука, а од друга страна, охрабрувајте ја. Бидете ѝ модел, на пример: „Дали сакаш да те намирисам со мојот парфем? Кога јадете нешто… Дали сакаш од мојата банана, чоколадо, крем…?, Бебето ти даде од неговата храна (различни примери).

Децата најмногу учат преку игра, понекогаш најдете време за забава и играјте делење сите. Пред да дојдат гостинчињата, прашајте ја што би сакала да даде за сите заедно да си играат и така да направите некој договор.
За крај, останете смирени, но со јасни граници, бидете полни со љубов и трпеливост иако понекогаш е тешко.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X