Ви ја пренесуваме приказната на Зорана, мајка на Ирис. Ирис има девет години. Тоа е девојче со аутизам, но успеало да постигне многу работи за кои и самите експерти рекле дека нема да може. Со своја сопствена работа и труд, како и големиот труд и работа на својата мајка.
Ирис е онаа што е радосна и светла како виножито, „жена која плени со убавина“, „лице кое е осветлено со боите на виножитото“, „виножито“, „боја“, „среќа“.
Прочитајте ја приказната.
„Кога и да одам по улица со мама, таа секогаш некаде брза. Ме влече за рака како да ја влече онаа торба за на пазар. Не сакам да се чувствувам како торба за на пазар, затоа ја пуштам нејзината рака и одам или пред или зад неа. Таа толку брзо и глупаво живее. Секогаш е сериозна и гледа само напред. Оди по тротоарот, ниту ги гледа, ниту ги слуша автомобилите што поминуваат, само механички поминува покрај нив, како препреки на патот. Трепка и оди. Не го ни забележала сивиот автомобил во кој на задното седиште имаше огромно куче. Некое чудно домашно милениче. Не знам каде го возат? Можеби на ветеринар? Не е тоа толку важно, пред него поминаа 25 автомобили и по него уште 34, сите ги изброив. Еве иде и 35.
И тие некаде брзаат. Од ауспухот им излегува некој чуден чад што смрди. Оф, каква миризба, зарем мама тоа не го чувствува?
Ме нервираат звуците на автомобилите. Кога и да шетам на улица, слушам само: тртр… тррр, тоа ме излудува. Еве сега одиме кон оној прекрасен излог со играчки.
Секојпат кога се приближуваме јас со поглед проверувам дали Веле Штрумф сѐ уште таму… и таму е. Не го продале, ме чека. Застанувам на момент, му се насмевнувам, а и тој мене. Во главата ми одѕвонува злобниот глас на Гаргамел. Не го сакам Гаргамел бидејќи тој сака да ги изеде штрумфовите. Кога би ги изел, кој после би глумел во цртаниот филм?
Низ главата ми се мотка воведната шпица:
Во далечни, прастари времиња, во длабока шума, живееше мал син народ… го слушам познатиот глас кој вика „ИРИИИИИИС“, се вртам, ја гледам мајка ми намуртена и знам дека морам да одам по неа. Уште еднаш му намигнувам на штрумфот и тргнувам.
Се гледаме утре, штрумфе.
Еве нѐ во автобус. Седнати сме. Зошто возачот не ја затвора вратата и не тргнува?
Сигурно поради овие две баби што се туркаат за да влезат. Зборувам наглас: Затвори врата! Мајка ми намуртено ме гледа и вели: „Тишина, ќе ја затворат кога ќе влезат сите“. И така, влегоа, тргнуваме.
Се возиме полека како да лебдиме. Го знам секој лежечки полицаец на патот до дома. Кога му се приближуваме, јас мижам, а потоа автобусот преминува преку него и нѐ отфрлува малку во висина, како лесно да сме скокнале на трамбулина. Убаво чувство е тоа, сакам трамбулина.
Мајка ми и не забележа дека од билбордот покрај патот ја отстраниле старата реклама и ставиле нова. Ма нема ни да ѝ зборувам. На овој мотел уште не ја поправија буквата М. Кога и да поминуваме одовде читам „отел“ наместо мотел. Навистина глупаво. Ни тоа мама не го забележа. Мислам дека мозокот на возрасните луѓе пати од нарушување на вниманието за детали, друго објаснување немам“.
Автор: Зорана Пљеваљчиќ