„Драг Сорен,
Кога јас бев дете, мојот татко ми зборуваше многу за добрите денови. На тие денови им претходеле раѓањето на неговите четири деца и медицинското училиште. За време на добрите денови, мојот татко бил ангажиран во деветтата „Шок командоси“ – унија на француските тајни служби, со падобран. Скокаше од авиони и разнесуваше тенкови. Служеше. Сонуваше да стане пилот – уште како дете ги разликувал авионите на германската авиокомпанија „Месершмитс“ од борбените авиони „Спитфајерс“ од Велика Британија, но му било дупнато ушното тапанче, па морал да се задоволи со скокање од авиони наместо да ракува со нив.
Татко ми беше роден во 1939 година. Деновите по Втората светска војна биле време на должност, а не себереализација. Ги направил вистинските работи, одржувајќи го семејството, спасувајќи животи како лекар, придонесувајќи во медицината со своите истражувања и водејќи добар живот според стандардите од тогашното време. Но, имаше многу работи за кои се каеше. Му се восхитував премногу, но научив рано дека не сакам да ги делам неговите карактеристики. Сакав да бидам „воздушен“ според моите правила.
Мојата работа е опасна. Прави да се чувствувам исплашен, возбуден и жив. Мојот татко сакаше да прави работи што го плашат, но се приспособи на работи што не го плашеа. Јас живеам со страв и го прифаќам тоа. Стравот е тука да ти даде сила, а не да те ослаби.
Се сеќавам на едно „бејз“ скокање (скокање со падобран од зграда, антена, жица и земја) во Велика Британија. Откако скокавме цела вечер од мостови, силоси, ветерници, направивме уште еден скок од кула од радиостаница, висока над 300 метри, на изгрејсонце. Се искачувавме цел час без заштита, го ставив мојот падобран, но се мачев да се релаксирам поради ментална и физичка исцрпеност. Ги споделив моите емоции со мојот партнер за скокање и му реков: „Не сум скокнал од антена веќе осум години, некако од тоа срцето ми чука забрзано“. Тој ми одговори: „Токму затоа и го правиме ова.“ Стравот е добар. Корисен е. Стравот ме мотивира да планирам, да го менаџирам ризикот и да се подготвам. Се соочувам со смртта секојпат кога излегувам од дома и одам на голема планина да скијам, да планинарам или да скокам со падобран. Но, смртта е нормална. Силниот човек ја прифаќа својата смртност, но не е дефиниран од неа. Секојпат кога скокам, се соочувам со смртта. Не се преправам.
Имав 18 години кога ја изгубив сестра ми. Нејзината смрт беше траума, но исто така ми даде и поттик. Смртта на блиска сакана личност може да биде и подарок, потсетник за најголемите емоции и предизвици. Може да умрам при скок. Се надевам дека доколку се случи тоа, нема да мислиш дека те напуштам или тоа да предизвика да станеш многу внимателен. Ако умрам, те молам запомни дека ја имав храброста да ги достигнам своите цели, без оглед на тоа колку сум бил исплашен.
Се гледам себеси во тебе, особено кога се возиш на скејтборд. Не си како другите шестгодишни деца и тоа ми го грее срцето. Знам дека нема да се приспособиш на медиокритет во својот живот. Ќе донесеш мудри, но храбри одлуки. Дури и сега, те гледам дека си посилен, посладок и многу повеќе емпатичен отколку што сум јас. Имаш дар за разбирање на светот и твојата емоционална интелигенција ќе ти помогне да се градиш повторно и повторно низ годините, додека влијаеш врз луѓето околу себе, на позитивен начин.
Без разлика што ќе се случи и која ќе биде цената, обидувај се да бидеш што поисполнет од животот. Никогаш не извинувај се за она што го чувствуваш. И немој никогаш да дозволиш стравот да стои помеѓу тебе и твојата страст. Ти си задолжен за сопственото постоење.
Со љубов,
Тато.
Автор: Матиас Жиро
Матиас Жиро е светски познат „бејз“ скокач, планинар, а неодамна успешно скокна од „Поинт д ‘Ареу“ на Алпите. Неговата биографија, која вклучува фрагменти од целото писмо што го напишал до својот син, пред неговиот последен, најопасен скок, ќе излезе во јавност на крајот од летово.