Поучно и охрабрувачко искуство кое покажува дека во моментот на измореност од читањето на една иста сликовница на своето дете треба само да се земе здив и да се пронајде нов креативен пат за читање на истата приказна.

Кога станав мајка, едвај чекав да почнам да му читам сликовници на Ноа. Да се разбереме, јас му читав веднаш штом се роди, но не можев да го дочекам моментот кога ќе имам некоја повратна информација од негова страна. Не требаше долго да чекам на тоа. Беше лето и на некој од штандовите на плажа купив неколку сликовници. Вечерта легнавме в кревет, ја зедовме „Трите прасиња“ и така почна сѐ. Ноа само што наполни една година (да, почна многу рано да зборува) и само велеше „уште“ и „пак“. Се разбира дека бев воодушевена, јееее, му се допаѓаше (тоа е онаа повратна информација што ја чекав!). По една недела ми здосадија и волкот и прасињата. Ја знаев целата приказна напамет (и денес ја знам!). Потајно сакав да ја изгубиме сликовницата, прасенцата да го средат волкот или тој да ги изеде прасенцата… ма, јас ќе ги изедам сите по ред, и сликовницата, само да не морам повеќе да ја читам истата приказна.

Во разговор со други родители сфатив дека го немам само јас тој „проблем“ и некако е полесно кога знаете дека не сте сами, зарем не? Потоа почнав да барам одговор на прашањето: Зошто децата бараат секогаш да им се чита истата приказна? Барав, читав и сфатив дека и покрај своите маани, читањето исти сликовници им носи многу предности на малите читатели. Се сетив на латинската изрека Repetitio est mater studiorum (Повторувањето е мајка на знаењето). Сите учиме со повторување, така што не е чудно што децата секогаш ги бараат истите сликовници. На тој начин мозокот ги впива приказните и новите јазични шеми.

Истражување за усвојувањето на јазикот кај децата, кое ги спровеле психолозите Хорст, Парсонс и Брајан од Велика Британија, покажало како децата на кои им се чита истата книга повеќе пати побрзо запомнуваат и усвојуваат нови зборови, за разлика од децата на кои им се читаат различни книги. Одредени зборови детето треба да ги чуе и до 250 пати пред да ги запомни и сфати. Со читање децата усвојуваат голем број зборови, со што го збогатуваат својот вокабулар. Со слушање на омилената приказна уочуваат дека јазикот не се состои само од букви, туку и од гласови и рима. Ако сте родител, тогаш знаете дека децата сакаат рутина. Таа им дава чувство на контрола над околината и сигурност дека можат да предвидат што ги чека. Рутината е важна во сите аспекти на животот, па така и во читањето. Читањето иста приказна му помага на детето да се смири и опушти, што е од голема важност кога детето се подготвува за спиење. На тој начин детето го поврзува чувството на блискост и пријатност како со вас така и со читањето.

Ако ви недостига идеја или ентузијазам, искористете ја таа сликовница како задача – дајте им на децата некој поим што мора да го пронајдат. Преку сликовницата тие ги учат боите, облиците, видовите животни, сето она што ќе ви падне на ум. Сменете ги улогите: вие слушајте, а детето нека ја „чита“ приказната. Воведете некои нови ликови и разговарајте за тоа како би можела да тече приказната. Кога ви се чини дека не ја следат приказната, променете некои зборови и ќе видите како децата веднаш ќе реагираат: „Тоа не е така!“

Учењето нови зборови, збогатувањето на вокабуларот, разбирањето на прочитаното, запознавањето со јазикот, подобрите комуникациски вештини, поголемата самодоверба, се само некои од предностите што ги носи читањето. Затоа, драги родители, баби и дедовци, читајте ги повторно сликовниците и не прескокнувајте нови и непознати поими. Токму спротивното, првин тие посочете ги, објаснете го нивното значење, па многу брзо ќе видите дека детето ги запомнило и усвоило. И, се разбира, имајте трпение бидејќи на малите глави им треба малку подолго време за да запомнат.

Ноа сега има сестричка со која безброј пати ја читавме „Трите прасиња“, но овој пат не ги изгубив нервите. Знаев зошто е тоа потребно и важно. Повторно ја читаме и новата сликовница „Мрсни боици во штрајк“ на Дру Дејвалт, со која си направив услуга и на секоја боица ѝ дадов друг глас. Па кога читам повторно, не можам да се сетам кој глас на која ѝ припаѓа, но Ерин и Ноа тоа многу добро го знаат, па ме исправаат, дури и самите им даваат свои гласови. Добро се забавуваме додека повторно ги читаме истите сликовници.

Автор: Невена Зубер



912

X