Мамо, ми рече дека се викам Ѓурѓа.

Ми рече дека освен животот кој ќе го споделам со сестра ми, сакаш да ја делиме и почетната буква на нашите имиња… иако јас, мамо, всушност требаше да бидам твојата Искра.

Во твојот и во животот на тато дојдов тогаш кога грубо ти рекоа: „Не оди“ и дека можеш да се обидуваш колку што сакаш, но дека нема да се случи ништо. Не беа во право. Види што сè може да се случи од тоа ништо.

Не сум ти лута што им веруваше, такви се возрасните, веруваат во бројките на некои, како што велат тие, резултати, но ние малечките доаѓаме од место каде што бројките не постојат и каде што сè е толку едноставно. Постои само вистинско време и место и јас таму се создавам. Магијата, мамо, е насекаде околу тебе, само ти некогаш не ја гледаш бидејќи многу се грижиш и забораваш да веруваш.

Те изненадив со две линии едно студено јануарско утро, веднаш по Нова година, баш тогаш кога секоја твоја мисла целосно се откажа од мене. Се појавив јас, која ќе ти донесам насмевка секојпат кога ќе те видам, потсетувајќи те дека чудата навистина постојат, дека се случуваат, дека се насекаде околу нас, а дека јас сум твоето мало чудо кое го чекаше и дека ме заслужуваш.

Мамо, многу ми се допаѓаат твоето лице и твојот глас.

Најмногу сакам кога на крајот од денот од неспиење, изморена ќе ја ставиш главата покрај мене и ме слушаш како дишам и знам дека тогаш ти се бришат ситните брчки околу челото и знам дека од самиот поглед кон мене додека спијам ти поминува уморот, знам и дека посакуваш да ме разбудиш за да бидеме уште малку заедно и да ме бакнеш во дупчето покрај моите мали усни што толку многу ти се допаѓа, но, мамо, не грижи се, бидејќи само што стигнав, тука сум и ќе те сакам сè повеќе секој ден, ако тоа е воопшто можно. А велат овие од горе, мамо, дека може и дека мојата душа ќе расте со твојата и дека тоа што сум во секоја твоја пора е само почеток.

И не грижи се, дишам, не мораш да проверуваш толку често бидејќи не одам никаде. И навистина сум тука. И тогаш те слушам како го слушаш сето ова и како зборуваш во темницата, тивко, додека сите околу тебе спијат: „Ти благодарам, ти благодарам, ти благодарам“. Знам дека веќе си луда од љубов кон мене, а јас бев тука за тебе и пред да ме спуштат на твоите пазуви, а јас те гледав како од некаде да те знам, се сеќаваш ли? Мамо, ми велиш дека јас сум твоето дете на виножитото. Не знаев точно што е тоа, но длабоко во себе претчувствував.

Ти се сместив во стомакот откако дожд паѓаше по твоите образи, стигнав по бурата која беше во твоето срце. Никако не можеше да сфатиш зошто од твојот толку топол стомак, пред и да го запознаеш, мораше да си замине толку ненадејно мојот брат. Но, мамо, така е тоа горе кај нас, со заминувањето е исто како и со доаѓањето. Кога е време, тогаш е време.

Затоа и ја разбирам твојата грижа додека ме носеше под градите, сите девет месеци. Колку беа долги тие денови, колку се слушаше себеси и мене. Ги помнам сите твои одења на лекар. И твоето толку пати поставувано прашање: „Дали чука?“

А чукаше секојпат. И ќе чука. Но, никој не можеше да те разубеди дека сè ќе биде во ред, додека не ме зеде в прегратка и не ме прегрна. А тогаш мислеше дека сонуваш. Колку само долго ме чекаше.

Велиш, мамо, дека сум јас, со својата насмевка, виножито кое си го донела на свет, па подготви се за насмевките кои само што почнав да ги делам и имам еден куп за сите вас, а за тебе имам најмногу.

И немој да се грижиш, мамо, бидејќи јас сум твоето чудо кое го држиш во рацете, затоа верувај.

Автор: Боба Ускоковиќ



912

X