Дали знаете што се огласи и за што се измислени? О-глас, о-глас, те има ли секој од нас? О-глас… тоа ти е давање глас на нешто неживо со посебна намена. Туку, ќе се воздржам од филозофирање. Всушност, огласи се оние кратки текстчиња во весниците во кои луѓето објавуваат дека имаат нешто за продажба или сакаат нешто да купат, да најмат или зајмат… Во основа, здодевна и премногу практична форма за да ти привлече внимание. Освен ако немаш потреба од нешто (да купиш, да продадеш и слично, и лично…).
Но, кој би рекол дека од оглас може да се направи песна? Со ритам, со рима, со сите нишани? И одеднаш тој до пред малку здодевен оглас да биде во центарот на вниманието зашто не постои уво што е глуво за зборови што пеат. Е, па, такви огласи-песни постојат зашто со свои очи ги прочитав и со своја душа ги изуживав. Ми го потрошија и смејалото зашто толку се духовити што и од најголемиот немтур можат да извлечат искрена смеа (не сум јас немтурот, да не се разбереме погрешно! ). Ваквите огласи нема да ги најдете во весниците зашто за овие трансформери е потребно нешто потешко и со тврди корици, убави илустрации, деца да ги читаат итн. Токму така – овие гласови на безгласните живеат во една таква цртана книга што се вика „Мали огласи и уште по нешто“ – вашиот идеален подарок за родендени, имендени и денови без посебен повод, освен да се подари здрава смеа и некому да му го направите денот, месецот, годината. Па тој на некој друг, овој на трет – сè до недоглед.

На пример, размислете вака – што е тоа што една ќелавица сака? Се разбира дека тоа е капа, за главата да не оди боса. А шајката што плаче по чекан да ѝ биде мајка? Едни мустаќи, пак, нов стопан си бараат за конечно да видат раат. Ова сигурно ќе ви се допадне – се продава распуст по поволна цена, а може и школска година за смена (се шегувам, нема такво нешто ). Кај и да е, овој оглас ќе стане актуелен: лисјата киваат и од дрвјата се сливаат, па „се моли календарот да дознае и болеста на лисјата да ја дознае“. Добро е и ова пред време да го знаете: набавете си фрижидер пред зима за снешкото напролет дом да си има. Ако сте заинтересирани „купувачи“ на забава и смеа со најмалку 10 години гаранција, тогаш сте на вистинското место. Рекламации не се примаат зашто нема ни да има, ќе видите. Вие само прочитајте си ја оваа книга и ќе се уверите во нејзината корисност.
Освен огласите, ќе најдете и не помалку песнести тужби и жалби и други вести од кои од смеа некој може и да се онесвести. Се разбира, како и во секоја сериозно смешна книга, и тука има мал моден додаток за манекенските модели на четири нозе.
Сега ве поздравувам и одам да вработам еден дипломиран лимон, сакал конечно да види фајде и во лимонада работа да најде. 😉
Бидете ми весели, се читаме повторно!



912

X