Изгледа како секое време да си носи свои работи, различни предизвици, но одговорот на тоа како родителите би требало да се однесуваат и што може да направат е помалку или повеќе ист – вели Ирена Приморац-Бошњак, психијатар од Заводот за јавно здравство од Дубровско-неретванската жупанија, за порталот „Здравје“.

„Мислам дека е многу важно, пред сè, за родителите кои имаат повеќе деца, да го приспособат воспитниот пристап на различностите на децата. Често слушам: Сите тројца ги одгледував на ист начин, а само со него имаме проблеми.“

Родителите, всушност, не разбираат дека тоа не е добро бидејќи би требало да почувствуваме какво е детето и на тоа да се приспособиме. На некои им се потребни поцврсти граници, а на некои поблаг пристап бидејќи се чувствителни и цврстата рака никако не му одговара на тој карактер. Често може да се чуе во јавност, а и родителите се жалат дека премалку време поминуваат со децата. Би сакале, но различните обврски ги спречуваат.

„Според мене, не е важно колку време ќе поминеме со децата, туку колку квалитетно време ќе поминеме. Се сеќавам на сцена од ова лето. Семејството дојде во Дубровник и ги гледам како пијат кафе, децата јадат сладолед, родителите и постарите деца се на телефон, а помладите на таблет. Тие се на годишен одмор заедно, но што навистина имаат од тоа? Според мене, многу малку ако поголемиот дел од времето го поминуваат на сличен начин. Важно е поминатото заедничко време да биде исполнувачко и изградувачко.“

Родителот треба да биде авторитет

Д-р Приморац-Бошњач истакнува дека е особено важен родителскиот стил, говорејќи дека инстант психологијата ја истакнува потребата од градење пријателски однос со децата. Таа не се согласува со таквиот пристап и се залага за авторитативен (но не авторитарен) стил на родителство.

Факт е дека најдобри резултати во воспитувањето дава авторитативниот пристап. Родителот во тој случај е авторитет на детето, но со детето многу разговара, на разни начини му изразува поддршка и љубов. Па така, ако му поставуваме граници на детето, тогаш објаснувањето не е: „Затоа што јас така реков“, туку му ја објаснуваме на детето одлуката што ја носиме бидејќи тоа е за негово добро. И сите одлуки што ги носиме, ги објаснуваме, со тој мотив, за бурниот период од адолесценцијата на детето да помине колку што е можно подобро и полесно.

Она што родителите денес често го пропуштаат е поттикнување на самостојноста на децата.

Докторката вели дека е зачудувачки колку се несамостојни денес децата.

„Разговарав во една пригода со учителите на училиште. Ги водат децата на екскурзија во четврто одделение и се среќаваат со деца кои не знаат да си ги измијат забите или да си ги врзат врвките без помош. Тоа е дете од 10 години. Мајките од улога на мајка влегуваат во улога на батлер. Тоа дете е мал принц на кој му треба батлер за да заврши сè, а тој не смее и без помош од батлерот не може ништо самиот. За развојот на децата, важна е и изградбата на систем на вредности“, наведува д-р Приморац Бошњак.

„Секој адолесцент со кој разговарам во Заводот го прашувам дали родителите разговарале со него што е најважно во животот, каква е неговата скала на вредности, што е смислата на животот. За жал, сè уште не сум добила позитивен одговор на тоа прашање. Го толкувам тоа на начин дека децата со кои родителите разговарале за тие теми, никогаш не дошле во мојата ординација. Доаѓаат оние што се изгубени во сето тоа и не знаат да ги постават работите на свое место.“

Асертивен пристап

Важно е детето да развива и социјални вештини. Лицата што не развиваат социјални вештини подоцна имаат проблем во меѓучовечките односи. Вистински пристап е асертивниот, односно да знаеме да се заземеме за себе на општествено прифатлив начин. Често среќаваме лица кои со агресивен пристап се обидуваат да се изборат за себе или со хистеричен напад настојуваат да го добијат она што го сакаат. Ако им се попушти и им се исполнат желбите, таквите лица го задржуваат истиот образец и подоцна. Нема буквално да се фрлаат на под, но сите други елементи од таквото однесување ќе бидат задржани. Факт е дека лицата што имаат развиено социјални вештини многу помалку се наклонети кон развој на ментални нарушувања. Според сето наведено, д-р Приморац Бошњак особено ја нагласува важноста од давање примери на децата, бидејќи ако правиме едно, а го кажуваме сосема спротивното од тоа, на децата им се испраќаат различни пораки кои се многу несоодветни за здрав раст и развој.

Автор: Силвија Капурсо

Извор



912

X