Денес беше тежок ден. Навистина тежок. Еден од многуте денови што сум ги имала уште кога станав родител, кога не се чувствував силна или способна. Некои денови, обидувајќи се да го надојам бебето и да се справам со хиперактивното 3-годишно дете, прават да се чувствувам скршено. Како навистина да сум скршена. А справувањето со сето тоa, со малку спиење или без воопшто сон, предизвикува работите да се уште потешки за менаџирање.

Ги сакам моите деца и правам сè што е во моја моќ да им овозможам добар живот. Но, кога тие се постојано на прво место и приоритетни, тоа ми предизвикува доста штета. На пример, денес син ми ми го истури новото шишенце пренатални витамини во неговата бања. Ова се случи откако цел ден се борев да го научам да извршува нужда во нокширчето.

Моето најмало е новороденче, така што тоа го помина поголемиот дел од денот спиејќи. Но, кога и да се разбудеше, врескаше, па морав да ја играм играта „погоди го стимулот“, обидувајќи се да ја смирам.

Во брак сум, но мојот сопруг оди на работа многу рано и си доаѓа дома многу доцна. До моментот кога ќе пристигне дома, јас или сум го поминала денот неутрализирајќи ја ситуацијата или одеднаш и двајцата се подобри и смирени кога тој ќе влезе.

Некои денови едноставно сакам да избегам. Во текот на моментите на тишина што ги имам додека децата спијат, си замислувам живот во кој сум направила различен избор. Во мојот свет не сум омажена, имам магистрирано, а можеби и докторирано. Во овој нов свет, наместо да ги ставам нив на прво место, си создавам време за себе.


Се прашувам дали нашите семејства знаат дека ние, мајките, поминуваме време замислувајќи живот во кој тие не постојат? Порано се чувствував синхронизирано со себе и поминував време во кое надворешната јас се чувствуваше исто добро колку и внатрешната јас. Но, сега, кога ги ставам децата на прво место, се чувствувам како тој дел од мене да умрел.

Би лажела ако кажам дека не постојат денови кога си го сакам стариот живот назад.

Да се има семејство е тешко. Не само што мораш да ги исполниш потребите на децата (и барањата), туку и треба да вложиш напор и да се осигуриш дека ќе израснат во пристојни луѓе. А ако си во брак, тогаш и партнерот има очекувања. Колку и да е одлично да трошиш пари и време на работи што ги сакаш во животот, тоа не е возможно кога имаш семејство. Со тоа што ги ставаш на прво место правиш жртва.

Кога сè што имаш ќе им го дадеш на другите, тогаш си исцрпен. Уште повеќе фрустрира нерамнотежата на емотивната работа во повеќето врски и тоа што мајчинството е најнеблагодарна работа во светот.

По цел ден му посветувам внимание на мојот син, време и енергија на хранење и смирување на ќерка ми и потоа му посветувам внимание на мојот сопруг.

Кога ќе им дадам сè, кој ќе остане мене да ми ја наполни чашата?

Бидејќи е на работа по цел ден, мојот сопруг не сфаќа колку е тешко со две деца и работа од дома. Посакувам да можевме да ги замениме местата барем една недела за да види со што сè се справувам во текот на денот.

Жал ми е што знам дека голем број жени можат да се идентификуваат со мојата болка. Се обидуваме да бидеме сè за секого, а сме ништо за себе.

За среќа, сè повеќе од нас учат да го прифатат фактот дека не треба да се движиме низ животот сами. Сè повеќе писатели, професионалци за менталното здравје, па дури и информативни програми зборуваат за важноста на мајките да им дадат приоритет на своите потреби. Би сакала да се предизвикам себеси и секоја друга мајка што се бори да ги балансира сопствените потреби со потребите на другите – потребно е да направиме мали чекори кон потсетување дека нашите потреби се еднакво важни.

Не постојат правила за тоа какви треба да бидат чекорите. На пример, за некои тоа може да е маникир или педикир. За други мајки одење на курсеви или факултет. За трети, може да е ноќна прошетка. Што и да е, мора да најдеме начин да се потсетиме дека сме важни. Ако го поминеме целиот живот давајќи им сè на сите другите, не оставајќи ништо за себе, ќе бидеме мизерни и очајни. Како последица на тоа, ќе станеме емотивно недостапни за семејствата што толку ги сакаме.

Aвтор: Рошаун Медоус-Фернандез



912

X