Ок, кај мене состојбата е ваква. Мама ме има веќе 6 месеци… Првите неколку месеци беше супер – ќе заплачев, таа ќе ме земеше и ќе ме нахранеше, во кое било време – и дење и ноќе. Потоа нешто се промени. Последниве неколку недели таа се обидува да преспие цела ноќ без будење. Прво мислев дека тоа е само фаза, но станува сè полошо. Разговарав и со други бебиња и изгледа дека тоа е вообичаено, откако мајките нè имаат околу 6 месеци. Во што е работата: всушност тие мајки немаат потреба да спијат. Тоа им е само навика. Многу од нив имале речиси 30 години за спиење – едноставно, тоа не им треба повеќе. Затоа смислив план. Го нареков „Крајбејби пресврт“.

Постапката е следна:

Прва ноќ – плачете на секои три часа додека не ве нахрани. Знам дека е тешко да се гледа мама вознемирена од вашето плачење. Имајте на ум дека тоа е за нејзино добро.
Втора ноќ – плачете на секои 2 часа пред да ве нахрани.
Трета ноќ – плачете секој час, а повеќето мајки ќе реагираат побрзо по 3 ноќи. Некои мајки се поотпорни и би можеле да се противат на промената подолго време. Тие можат со часови да стојат на вратата и да велат шшшшшшшшшш. Не предавајте се.

Ова треба посебно да го нагласам:

ДОСЛЕДНОСТА Е НАЈВАЖНА!

Ако ѝ дозволите да преспие цела ноќ без будење само еднаш, ќе го очекува тоа секоја ноќ. ЗНАМ ДЕКА Е ТЕШКО! Но таа навистина нема потреба од сон, само се противи на промената. Ако вашата мајка е од оние што се особено отпорни, обидете се да престанете со плачењето десетина минути, колку да се врати во креветот и да заспие. Тогаш почнете наново. И КОНЕЧНО ќе „запали“!

Мојата мајка беше будна 10 часа, непрекинато, така што знам дека таа го може тоа. Минатата ноќ плачев на секој час. Едноставно мора да донесете одлука и да се придржувате до неа.

БИДЕТЕ ДОСЛЕДНИ! Јас плачам од која било причина што можам да ја најдам. Вреќата за спиење ми ја чешка ногата. Ги чувствувам наборите на чаршафот. Мојата ѕвечалка направи сенка на ѕидот. Ждригнав и тоа ме потсети на круши (а не сум јадел круша од ручекот – од каде сега тоа?) Мачката мјаукна (Требаше да знам. Мама ме потсетува на тоа барем дваесетина пати на ден). Еднаш дури плачев само затоа што ми се допадна звукот на одекот од бебе-алармот во другата соба! Претопло, престудено, тамам како што треба – не е битно! Продолжете со плачење! Требаше многу време, но успеав. Ме нахрани во 4 часот наутро. За следната ноќ моја цел е 3:30. Потребно е полека да се скратуваат интервалите меѓу хранењето за да се измести внатрешниот часовник на мама.

П.С. Не дозволувајте да ве залажуваат со оние гумени работи, без оглед колку да ги цицате, од нив НЕМА да излезе млеко! Верувајте ми.

Бебе

 



912

X