Игротека

Лаги што не треба да им ги кажувате на вашите деца

Децата се способни да им поставуваат прашања на родителите кои ќе ги шокираат и истовремено ќе ги полудат. На пример, покрај прашањето дали навистина постои Дедо Мраз, се поставуваат прашања од типот: „Дали и ти ќе умреш?“ или „Зошто тато и мама живеат одвоено?“ и родителите не се подготвени да одговорат затоа што станува збор за чувствителни теми за кои не е лесно да се зборува.

Психологот Ема Кени откри зошто во овие ситуации е важно на децата да им ја кажувате вистината наместо постојано да ги лажете.

– Истражувањата докажуваат дека ако родителите редовно ги лажат своите деца, и децата ќе лажат. Ако постојано користите бели лаги или заштитни, одбранбени лаги, вашите деца ќе го следат тоа однесување – вели психологот.

Лажењето е проблематично затоа што поставува преседан каде што лагите се дозволени во односите. Имајќи предвид дека децата поминуваат толку многу време на интернет и дека се појавуваат филтри кои ја менуваат реалноста, Ема вели дека на родителите им е поважно од кога било работите да се втемелени во реалноста.

Исто така, лагите што им ги кажувате на вашите деца всушност имаат големо влијание врз тоа во какви луѓе ќе пораснат. Дознајте кои лаги никогаш не треба да им ги кажувате на своите деца и зошто, според советите на психологот.

1. Смрт

Колку и да е тешко, Ема препорачува родителите да бидат јасни и искрени во врска со смртта.

– Мислам дека е навистина разбирливо кога родител ќе му каже на детето дека зајачето отишло да си игра во паркот со другите зајачиња, но тоа не е здрав начин на справување со смртта. Колку побрзо ќе им помогнете на децата искрено да се поврзат со смртта, толку подобро ќе биде за нив – вели Ема. Таа, исто така, вели дека е штетно да се каже дека ќе останат на светот засекогаш ако детето ги праша родителите дали некогаш ќе умрат.

– Навистина е лошо за детето сознанието дека ќе умрете еден ден. Но, децата треба да ја имаат таа логика за да бидат спремни за реалноста, бидејќи тоа, за жал, понекогаш им се случува. Честопати желбата на родителите да го заштитат своето дете и да одржуваат сè во ред, всушност, може да ги спречи децата да минат низ тешки емоции како болка и тага – објаснува психологот.

2. Развод и разделба

Една од најтешките работи за родителите е да му го објаснат на детето раскинувањето на врската. Во овие случаи психологот Ема препорачува да се држиме до конкретните реалности и да се спротивставиме на секој порив да ја префрлиме вината на другиот родител.

– Колку повеќе се обидувате да ја проектирате вината на другиот родител, толку повеќе ќе ги нарушувате семејните односи додека децата растат и сами донесуваат одлуки за тоа што веруваат дека се случило. Обидете се да бидете малку поконкретни бидејќи сепак ќе бидете сакани и вашата врска нема да се промени – тврди психологот. Исто така, важно е да знаете да избегнете ненамерно збунување на детето во обид да ја ублажите болката.

Ема објаснува дека никогаш не треба да му кажете на детето:

– Мама и тато сè уште се сакаат, но нема да живеат заедно – бидејќи изгледа многу збунувачки.

– Треба да им кажете нешто конкретно како: „Веќе нема да биде исто, нема да бидеме сите заедно, но сепак те сакаме најмногу на светот“ – советува психологот.

Ако еден од родителите се пресели кај нов партнер, Ема вели дека треба повторно да бидете искрени за детето да не се чувствува отфрлено. Треба јасно да му ставите до знаење на детето дека тоа се случува, но дека детето не избира, туку возрасните избираат да бидат со различни луѓе.

3. „Бели лаги“

Иако многумина мислат дека нема штета од неколку бели лаги, тоа е сосема погрешно размислување. Ема предупредува дека децата се навистина паметни и дека инстинктите ќе им кажат кога некој не е искрен со нив.

– Подобро е да му кажете на детето: „Не можам да си го дозволам тоа, ќе мора да почекаш“ отколку да измислувате изговори – вели таа.

Иако изгледаат наивно, децата знаат кога лажат возрасните и затоа може да зажалат за своите трикови откако децата ќе станат тинејџери. Тогаш веројатно нема да можете да им верувате кога ќе ви кажат што прават и со кого се гледаат затоа што научиле да ве лажат.

4. Насилство

Ако се открие дека вашето дете е вклучено во злоупотреба, било како жртва било како сторител, родителскиот заштитен инстинкт е многу лесно да се вклучи. Но, Ема верува дека оддалечувањето и обидот да се погледне на ситуацијата пообјективно може да биде многу подобро за вашето дете на долг рок.

– Сите сакаме црно-бело сценарио во кое детето што го воспитавме е во право, а детето што навредува некого не. Но, кога всушност го истражувате тоа, многу често има сиви зони и се работи за преземање одговорност. Значи, нема смисла да го браните вашето дете кога знаете дека некое негово однесување не било правилно. Ако ги лажете децата затоа што ги штитите, тогаш всушност им држите негативна лекција – тврди психологот.

Исто така, разбирливо, но и бескорисно е да се преиспитаат причините зошто вашето дете е малтретирано.

– На пример, кога детето е во ситуација да биде малтретирано поради килограмите, никогаш нема да има прифатлива причина за тоа. Но, исто така, погрешно е да му кажете на детето: „Немаш проблем со тежината“, бидејќи: 1) детето не ви верува и 2) нема да се справи со тој проблем.

– Најважно е да го признаеме фактот дека светот е навистина суров и дека никој не заслужува да биде малтретиран и да се обидеме да откриеме што можеме да направиме за детето да се чувствува подобро во своето тело – објаснува таа.

5. „Животот ќе биде совршен“ и други заштитни лаги

Во обид да ги заштитат децата од болка, родителите може да ризикуваат нивните деца да бидат слабо подготвени за реалниот свет.

– Кога ги учиме децата дека, на пример, никогаш не можат да грешат, дека животот ќе им биде совршен, дека проблемот е другото дете, дека нашите животи се подобри од другите затоа што сме подобри луѓе – таквите работи се штетни – вели Ема.

Пример што таа го користи за да ја илустрира својата теза е дека ако, на пример, детето загуби на натпревар и наместо родителот да прифати дека неговото дете не било најдобро тој ден, тој почнува да тврди дека судијата бил пристрасен или дека наставникот претпочитал друго дете.

– Значи, наместо да ги заштитите, помогнете им на децата да се справат и да сфатат дека понекогаш животот не е фер – објаснува Ема.

Справувањето со неуспехот е клучно развојно искуство кое им помага на децата да се соочат со неизбежните удари со кои ќе се соочат подоцна во животот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top