„Нино имаше куче што го немаше.
Да, тој го имаше тоа куче дури и кога го немаше…“
Нино е едно момченце кое има имагинарно куче кое може и се осмелува да прави сè: кога ќе отидат во шумата – ги имитира вервериците, кога се во посета на бабата на Нино – ѝ седнува во скутот, кога со Нино пловат по езерото – се фрла во водата и нурнува во нејзините длабочини.
Моќта на ова малечко куче е толку голема, што тоа може да слушне сè што му кажува таткото на Нино, кога оддалеку се јавува по телефон.
Но, еден ден, кучето што Нино го нема, ненадејно исчезнува, затоа што Нино за подарок добива вистинско куче. Новото куче нималку не е исто како она што Нино го немаше.
За среќа:
„…Нино одеднаш помисли на еленот.
Еленот што тој го немаше!
На зебрата…
Зебрата што никогаш досега ја немаше видено!
На не-нилскиот коњ и на не-носорогот,
на измислената жирафа и на
божемната мечка.
И на уште неколку кучиња!
Други кучиња!
Што Нино ги немаше!
Што Нино воопшто ги немаше!“

Во оваа трогателна приказна за лековитите моќи на фантазирањето се отвораат крупни теми, како што се тагата и осаменоста. Самотијата на Нино, кој постојано се обидува да одлета од реалноста преку неговите замислени животни, е очигледна низ целата книга-сликовница. За атмосферата во неа говорат и темните, земни тонови и динамичната композиција на илустрациите. Осамените пејзажи кои се инспирирани од скандинавските селски средини ги рефлектираат емоциите и емотивните состојби на момчето.
Но, од друга страна, цртежите во „Кучето што Нино го немаше“, исто така, го будат и копнежот за авантура и бегство од реалноста. Мечтателни и фасцинантни какви што се, ќе ве натераат одново и одново да ѝ се навраќате на оваа моќна сликовница која гласно зборува за непријатните модерни теми во чие средиште се наоѓаат децата. Ви ветувам, тоа што ќе го прочитате и ќе го видите – нема да ви остави тешки чувства. Можеби само малку ќе ве замисли и ќе ви ги направи повидливи невидливите конци што ги движат емоциите кај вашите деца или децата во вашето опкружување.



912

X