Писма до нашите близнаци

Драги наши патчиња,

Тато и јас си помисливме дека би било прекрасно да ви пишуваме писма, на пример, секоја втора недела навечер. Да ги адресираме на нашата адреса за вас и кога ќе стигнат, да ги чуваме неотворени во една убава, голема кутија. Еден ден ќе ви ги подариме. Тоа ќе биде дневник на мама и тато за вас. Ќе ви пишуваме за сето она што веруваме дека ќе ве интересира, за еден ден да го прочитате.

Ќе ви пишуваме за вашето растење. За тоа колку се медени вашите рачиња кога мавтаат, кога фаќаат мали предмети онака со целата дланка, кога копате со прстето по нацртаната точка на хартијата, насочени на таа работа како да е најважната на светот. Ќе ви пишуваме за тоа колку сте убави кога наутро се протегате, кога плескате по површината на коритото бидејќи сакате да се бањате, кога се проѕевате како мали лавчиња. Кога викате од среќа кога ќе откриете дека вашето малечко тело умее да направи нешто ново! Ќе ви пишуваме колку сте сакани и прекрасни, засекогаш тоа да го запомните.

Ќе му пишуваме на секој посебно за неговите сопствени случки, карактеристики. Бидејќи вие двајца сте прекрасно различни деца, толку совршени што кога би ни дале да ве замислиме, не би можеле.

Ќе ви пишуваме, секоја втора недела навечер, за нашите желби за вас. За тоа какви луѓе сакаме да станете. Ќе ве учиме, онака како што ние умееме, да бидете решителни и храбри, да бидете чесни и засекогаш во вас да остане таа радост за животот како што ја имате сега во изобилство. Ќе ви пишуваме и за нашите двоумења за тоа што и како треба да се направи, бидејќи и вие ќе бидете возрасни еден ден и ќе имате свои дилеми. Треба да знаете дека храбрите луѓе не се секогаш сигурни во себе, дека постои време кога е потребно да се повлечеме и да си дозволиме да бидеме слаби, бидејќи така ја собираме својата храброст за утре да продолжиме понатаму. Ќе ви пишуваме и за тоа како да ги изберете луѓето околу себе, за тоа како ние сме ги одбирале своите и што значи да се има најдобар пријател.

Замислете го само поштарот кога секој втор понеделник или вторник ќе почне да носи писмо адресирано на истата адреса од која е испратено! И насликано со некои цртежи!

Ќе ви пишуваме за секојдневните мали случки. За тоа ќе ви пишуваме најмногу бидејќи еден убав живот е составен од низа убави денови, а секој ден е исполнет со мали случки, како што се вкусен појадок, мирисот на леб од нашата мала домашна пекарница, мирисот на пржено кафе кога ќе прошетаме на пазарот или мирисот на липите во лето кога наутро ќе го отвориме прозорецот. Во еден обичен ден правиме планови за некои нови авантури за викендот, подготвуваме мали подароци за пријателите и едвај чекаме некои убави разговори. Ќе ви пишуваме песнички кои ќе ги смислиме во лет, додека ве бањаме или ви менуваме пелени. Бесмислени песнички, кои токму затоа ќе ни бидат убави. Почнувам да учам да везам, па во едно од следните писма ќе добиете мало парче платно со вашите извезени имиња.

Ќе ви пишуваме за тоа како сме се запознале јас и тато и како сме се засакале. Верувам дека нашата љубов е една од највредните работи што ви ги даваме.

Ете. Сигурни сме дека тие писма многу ќе ви значат. А уште посигурни сме дека ќе ни значат и нам. Сега кога ќе видам нешто убаво, ќе слушнам некој смешен збор или ќе помислам на некоја забавна мисла во врска со вас, го запишувам тоа на хартија. Тато вели дека последен пат пишувал писма кога бил во војска, така што нему оваа идеја му е многу забавна.

Ве сакаме до Месечината и назад и уште два круга околу Земјата (тато така вели).

Мама и тато.



912

X