На 1 март годинава клиничката болница „Жан Митрев“ ќе ја прослави својата 20-годишнина. Со пригодна свеченост и голем број јубилејни активности болницата ќе го одбележи своето дведецениско работење и врвна грижа за пациентите. А дотогаш продолжуваме да испишуваме приказни со среќен крај и да ги прераскажуваме со нашите пациенти. И тоа од самиот почеток на болницата, кога почна да се испишува историја која стана факел на иднината

Токму затоа, иако за многумина 1 март 2000 година е само обичен ден, за кардиоваскуларниот хирург д-р Жан Митрев овој ден значи историја. Ден кога беше направена првата бајпас-операција во Македонија и кога почна со работа тогашната Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“, а денес клиничка болница „Жан Митрев“.

Сеќавањата на тој почеток никогаш нема да избледат.

1 март 2000 година. 16 часот. 55-годишниот машинобравар Коста Шапков од Кочани веќе 4 часа е во операциска сала. Операцијата е успешна, пациентот е стабилен, лекарскиот тим задоволен, а клиниката и официјално ги отвори своите врати.
Токму за таа операција д-р Митрев, во една пригода рече: „Тоа беше мојата најтешка операција. Операција на духовното срце на Македонија. Реализација на една визија“.

Коста денес е пензионер, има полни 74 години и е среќен дедо кој му се радува на секој ден, на животот.

– Некој мора да биде прв, ете мене така ми се погоди. Не се надевав дека со мене и моето име ќе се испише историјата. Искрено, додека лежев на одделот кој во тоа време беше во рамките на Воената болница, во собата бевме неколкумина пациенти и меѓусебно си разговаравме кој ќе биде прв. Според наодите ме избрале мене, иако јас неколкупати гласно реков дека не мора да сум прв. Кога ме викнаа, немав што да кажам. Бев малку збунет, исплашен, но не можев и не сакав да се преправам. Операцијата траела некаде околу четири часа и сè помина во најдобар ред – се сеќава Шапков.

Се присеќава и на периодот пред операцијата кога бил активен и здравствениот проблем кој го имал, а се трудел да го игнорира некое време, велејќи си: „Ништо не ми е“.

– Тие мисли ги имав сè додека еден ден на работа не почувствував многу силна болка во градите. Тогаш си реков колку и да не сакам, морам да се предадам и да видам што ми се случува. Едвај одев и едвај можев воздух да земам. Ме сечеа градите. Тргнав на преглед, но не можев ни да стигнам до нашата градска болница. Ми кажаа дека во Кочани за мене лек нема и ме испратија во Скопје, каде што по низа испитувања и прегледи ми беше кажано дека мора да бидам опериран. Морам да признам дека ми беше страв, но немав избор, и си реков што треба да биде – ќе биде. Имав слушнато за доктор Жан Митрев и, иако имав можност да заминам на лекување во Бугарија, решив кај него да побарам помош. Одделот на доктор Митрев сè уште не беше готов и не се знаеше кога ќе почне со работа. Појдов во Воената болница и случајно се сретнавме, дојдов до него, му се обратив, му кажав каков проблем имам. Ми кажа дека одделот ќе почне со работа кон крајот на февруари или на 1 март, да продолжам со терапијата во меѓувреме и дека ќе ме повикаат телефонски. Така и бидна. Се вратив дома, продолжив со терапијата како што ми кажа тој и по некое време навистина добив телефонски повик да дојдам и да почнам со испитувањата – ја раскажува својата приказна Коста и открива дека најмногу го плашела неизвесноста.

Вели дека мислел на тоа што ќе биде и како ќе помине зафатот, а тој зафат бил не само почеток на успешната приказна на болницата на д-р Митрев, туку и почеток на едно прекрасно пријателство меѓу пациентот и неговиот доктор.

– Некој мора да биде прв, а токму тоа мене ми донесе едно убаво пријателство со доктор Митрев. Мене ми припадна и честа да ја пресечам лентата на отворањето на новата болница. Роден сум на 4 март, на 1 март сум опериран, а на 10-годишнината заедно ги прославивме моите два родендена. За д-р Митрев можам да кажам само убави зборови, тој е добар човек, исклучително комуникативен и полн со разбирање. Кој и да дојде кај него е добредојден, вратата секому е отворена. Тоа му го велам на секој што ќе ме праша за мислење. Пред неколку години кај мене дојде брачен пар, дојдоа да зборуваме за моето искуство бидејќи детето им било за операција и сакале да бидат сигурни дека чедото им е во добри раце. Бев збунет и во прво време не знаев што да им одговорам, само им реков кој сум јас да решавам за туѓи судбини, особено за деца, но сфатив дека сакаа само да им го пренесам моето искуство. А што можам друго да кажам освен дека докторот е прв и најдобар кај нас, а за мене ќе биде и единствен. Кога се запознавме и му кажав дека сум од Кочани, ми рече: – Јас сум од Штип, не сме многу далеку, наши сме. Многу добродушен човек, кога и да се сретнеме, убаво си разговараме. Благодарен сум и што кај него имам и посебно место и одредени привилегии. По операцијата на срцето имав и некои други здравствени проблеми, но сите тие беа на негов товар. Ми кажа дека кај нив сум добредојден во секое време и дека за мене вратата е ширум отворена, за што сум благодарен од дното на душата. Не можам да му се оддолжам што ми дари живот и за сè што прави за мене. Немам зборови, тој е најдобродушниот човек што кога било сум го сретнал – раскажува Коста и додава дека ретки се оние што не знаат дека тој е првиот пациент на д-р Митрев.

Пред операцијата помислувал и на најлошото, но денес тие стравови се само минато. Сега, додава, дочекал да има внуци, да живее убав живот.

– Водам нормален живот, внимавам како се хранам, секојдневно пешачам, а и сопругата ме чува. Многу сакам јаболка, па по секој оброк јадам по едно. Понекогаш знам да се напијам какао, оти од кафето и од цигарите се откажав. И не се нервирам, моите нервози се веќе, што се вели, скинати. Сопругата се нервира, па понекогаш ѝ велам: – Немој, ќе ти штети на убавината, а и мора некој да е здрав да ми готви, треба ли јас нешто да јадам – се шегува Кочо и на кочански дијалект додава дека сопругата го чува како писано јајце.

А сопругата само додава: Заслуга си моја, ама и на докторот.

Како тргнавме, на муабетот со Коста немаше да му се види крајот. Си ветивме да го продолжиме на 1 март, на 20-тиот роденден на Клиничката болница „Жан Митрев“, на прослава на историјата.



912

X