Растот е сложен процес во чиј тек се менуваат телесната маса, висината, формата и пропорциите на телото. Неопходен предуслов за нормален раст е здравјето на детето. Акутните болести не го забавуваат растот, додека хроничните може да доведат до значајно нарушување, кое некогаш не може да се надомести.

Што сè влијае врз растот?

Низа меѓусебно поврзани фактори влијаат врз брзината со која ќе расте детето и врз тоа колкава ќе биде неговата конечна висина. Генскиот потенцијал (висината на мајката и на таткото) ја одредува очекуваната висина. За детето да ја постигне и надмине таа висина, неопходна е правилна и балансирана исхрана, отсуство на хронични болести, како и поволна емоционална клима во која ќе расте детето. Сите овие фактори се усогласуваат преку работата на ендокринолошките жлезди: хипофизата (ситната жлезда која се наоѓа на долната страна од мозокот), штитната жлезда и надбубрежната жлезда. Тие лачат хормони кои стимулираат раст во должина и созревање на коските.

Мерење на растот

Врз основа на мерењето на голем број деца се конструираат табели и графикони кои педијатарот ги користи како стандард за споредување на висината и брзината на растот на детето во однос на другите деца.

Масата се мери полесно, најдобро наутро, со што помалку облека. Во првата година од животот масата е најдобриот показател за напредувањето на детето, додека кај постаро дете предност има растот во висина. Во првите шест месеци детето двојно се зголемува, а на крајот од првата година за три пати ја зголемува тежината што ја имало по раѓањето. Подоцна детето многу помалку ја зголемува својата маса. Телесната маса се толкува во однос на висината, најчесто се пресметува индекс на телесна маса.

Висината на детето во првите две години се мери во лежечка, а потоа во стоечка положба. Должината на новороденото дете е околу 52 сантиметри, а момчињата се во просек малку подолги. Брзината на растот во првата година е многу голема, околу 25 сантиметри, а во втората околу 12. Во третата година детето пораснува околу 8 сантиметри, а потоа брзината на растот нагло се намалува и изнесува од 5 до 7 сантиметри годишно до пубертетот. Во пубертетот растот значајно се забрзува, се зголемува телесната маса, со преобликување на телото карактеристично за полот.

Висок раст

Семејниот висок раст е најчестиот облик на висок раст. Освен висината на детето (и неговите родители), сè останато е нормално, децата се со соодветни пропорции за возраста и полот. Поради високиот раст, најчесто на лекар се јавуваат девојчиња во пубертет. Патолошки високиот раст настанува поради зголемена функција на ендокрините жлезди, генски аномалии или метаболички болести. Лекувањето се одвива во рамките на лекувањето на основните болести.

Автор: д-р Радмила Косиќ



912

X