Честото и хронично цицање на палецот, прстите или цуцлата може да предизвика трауматски промени во детскиот угриз. Еве што му помогна на едно дете да престане со оваа навика. Мајката го споделила своето искуство за порталот Parents.com.

Откога мојот син Ијан почна да го цица палецот како дете, знаев дека еден ден ќе мора да престане. Сепак, не брзав и одлучив да не го присилувам. Впрочем, зошто да го лишам од неговото задоволство, освен ако тоа не е сосема нужно?
За нашето момче, како вистинско време за откажување од таа навика се покажа дека е возраста од 8 години. Тоа беше кога првпат посетивме ортодонт и дознавме дека честото цицање палец, прсти или цуцла може да предизвика трауматски промени кај неговиот угриз. Два најчести проблеми се отворен угриз и вкрстен угриз.

Отворен угриз (надворешните горни и долни заби се допираат при угризот, а предните не, односно постои растојание меѓу нив). Вкрстениот угриз (некои од долните заби гризат преку горните, што е обратно од нормалното) може да го забави развојот на вилицата и да ги спушти забите, вели Роберт Делароса, доктор на науки, детски забар во Батон Руж, Луизијана.

Меѓу 10 и 15 отсто од петгодишниците имаат навика да цицаат прсти или палец, откриле истражувачите. Треба да се преземат чекори ако детето има над 4 години, а стоматологот укажува на некои знаци на загрозеност. „Ако детето престане да цица пред да му излезат трајните заби, трауматските промени може да бидат реверзибилни“, вели д-р Делароса. Уште една предност, особено во сезона на настинки и грип: чувањето на рацете на детето подалеку од неговата уста може да доведе до намалување на бројот на денови кога детето е болно!

Како ја најдовме вистинската стратегија?

Ортодонтот на Ијан рече дека престанувањето со цицањето палец би можело да го спаси него (и нашиот буџет) од апаратче за заби. Знаејќи го сето тоа, мојот син беше подготвен за одвикнување, но се сомневаше дека може да го постигне тоа само со чиста волја. Ортодонтот понуди изненадувачко решение: „Посоветувајте се со професионалец од доверба“. Тој нѐ упати кон Лона Монтгомери, поранешна забна хигиеничарка, која доаѓа во домашни посети и им помага на децата да се одвикнат од цицање палец.

Монтгомери објасни дека целта на првата посета ѝ е да се осигури дека Ијан не се чувствува присилен. „Зошто мислиш дека би било добро да престанеш да го цицаш палецот?“, го праша нежно додека лежеше згрчен на каучот.
„Поради апаратчето“, рече тој. Пред да си замине, Монтгомери ни остави список со потребни резерви: самолеплив еластичен завој, три големи сигурносни игли и медицинска лента. Бевме заинтригирани.

Се врати по три дена и ни покажа што е следно: Ијан десет ноќи спиеше со медицинска лента околу палецот и со лесно обвиткан завој околу раката. Стававме три сигурносни игли на завојот на три места: во близина на зглобот, на неговиот лакот и на бицепсите – што му го отежнуваше ставањето на палецот во устата. Во текот на денот палецот мораше да биде обвиткан.

Таа го замоли Ијан да ѝ ја покаже неговата соба и брзо го најде она што го бараше: голема кутија полна со мали животинчиња – 63 на број. „Ова се твоите тригери, нели?“, го праша. Без никаков поттик, Ијан ја прегледа кутијата и ги подели животните на две купчиња: на кадифени и на оние поради кои сака да го цица палецот. Не можев ништо на сфатам.

Подоцна од Монтгомери дознав дека многу деца што цицаат палец имаат одредено чувство, објект или место поради кое сакаат повеќе да цицаат. Мојот син исто така откри дека две од неговите четири ќебенца на неговиот кревет биле тригери за цицање палец.
Отстранувањето на овие тригери е првиот голем чекор и, за среќа, Ијан се согласи дека сите тие играчки и ќебенца треба да заминат на „одмор“. Ни помогна и тоа што му ветивме дека секое утро штом ќе се разбуди ќе добие некакво мало изненадување (Монтгомери ни ги кажа деталите). Дополнително му нагласивме дека за десет дена ќе добие голема награда.

И конечен крај

Првите две ноќи Ијан беше налутен и нервозен, како пушач кој се откажува од пушење. Но, третата ноќ се смири. И тој ги сакаше своите утрински ситни изненадувања. Помина една недела и сите се плашевме дека нема да успее, но во рок од десет дена Ијан се откажа од таа навика.
„Мислиш ли дека повторно ќе го цицаш палецот?“, го прашав. Тој ги подигна рамената. „Мојата уста веќе не го сака“.

Монтгомери воопшто не беше изненадена. „Родителите ми велат – не гледам како една животна навика може да се елиминира само во десет ноќи. Но, децата едноставно губат интерес за палецот. Кога ќе се обидат да го вратат назад, го чувствуваат како туѓо тело“.

За да биде сигурен, Ијан одлучи да продолжи да ја носи својата ноќна лента уште два месеца. Го прашав дали откажувањето беше толку тешко. „Да“, рече. „Тогаш како успеа да го направиш тоа?“, се интересирав. „Со истрајност“, ми одговори тој.



912

X