Неодамна наидов на една од најубавите фотографии што некогаш сум ги видела.
Оваа прекрасна баба, во болничка соба, првпат го прегрнува своето новородено внуче.
Таа плаче и го гушка бебето, нејзините очи се цврсто затворени додека го држи бебето и плаче, и го впива неговиот мирис.
Таа го сака бебето. Нејзината љубов кон бебето е очигледна. Можете да го почувствувате тоа преку екранот.
И додека во мене сликата предизвика голема радост, исто така се почувствував празно.
Сè би дала да имам таква мајка. Како да добивам удар во градите секојпат кога си замислувам како мојата мајка го држи моето бебе. Како го сака моето бебе. Како ме сака мене.
Го немам тоа. Немам ни нешто што би било блиску на тоа. Мислам дека порано бев љубоморна, дури и малку огорчена кога ќе ги видев моите пријатели со нивните родители, кои се претвориле во прекрасни баби и дедовци. Сега сум вистински среќна за нив, а чувствувам жал за себе и за другите како мене.
Човек не може да закрепне од тоа што имал токсична или отсутна мајка. Може да научи да се справи, може дури и да прости, но не може да го избрише чувството дека бил запоставен или дека кон него лошо се однесувала личноста што требало најмногу да го сака.
Откако ќе добиете деца, оваа загуба може да стане подлабока. Тоа го направи кај мене. Сфатив како се чувствувам за моето дете и како буквално би отишла на крајот од светот за тоа бебе, како моето срце никогаш не се чувствувало пополно и го сфатив она што секогаш ми недостигаше. Зошто не бев доволна? Зошто работите не се подобрија како што растев?
Си помислив, можеби мајка ми ќе ги надомести нејзините недостатоци откако ќе стане баба. Длабоко ги сакам моите баба и дедо и тие се заслужни за сите мои достигнувања затоа што нивната безусловна љубов и поддршка направија мојот скршен свет да се движи. Ме чуваа. Беа тука за мене. Ми понудија семеен живот кој ми беше потребен за да напредувам.
Но, никој не може да ја пополни празнината што ја остава мајката која не се појавува. Ја чувствувам таа празнина и ден-денес. Ако му дозволам на умот да оди до тоа место, очите веднаш ми се насолзуваат. За сите тие спомени што не ги создадовме тогаш и за сите спомени што таа сега ги пропушта.
Мислев дека кога ќе станам мајка, тоа ќе биде пресврт за нас. Дека можеби таа научила да сака и да ме прифати и дека ќе се поврзе со мене на начин на кој повеќето мајки се поврзуваат со своите ќерки. Дека ќе сфати дека сум вредна за нејзиното време, љубов и внимание. Дека ќе ме гледа на ист начин на кој ги гледа мојот помал брат и сестра. Дека ќе сака да надомести дел од изгубеното време, појавувајќи се во животот на моите деца, помагајќи ми низ мајчинството.
Сонувам да имам некој што ќе инсистира да ми ги чува децата за јас и сопругот да излеземе.
Сонувам да имам мајка која ќе нè покани на вечера во текот на неделата само затоа што сака да нè види.
Сонувам да имам мајка која ме сака и која се бори за мене како што јас ги сакам и се борам за моите деца. Дури и дел од она што го чувствувам за моите деца би било доволно.
Но, тоа нема да се случи. Мојата мајка никогаш нема да биде мајката од сликата.
Немам никаква контрола врз тоа, но имам контрола врз себе. И јас ќе бидам мајката што ја немав, и ќе бидам бабата на таа слика. Го ветувам тоа.
Автор: Саманта Анголета