Деца на здравствени работници во Канада ги споделуваат своите приказни

Кога започна пандемијата со Ковид-19, на 7-годишниот Иса Ма му било тешко да ја гледа мајка си Надија Алам (лекар) како секој ден оди во болница. Едно утро ја прегрнал мајка си и ѝ рекол нешто што ја вознемирило: „Мамо, те молам не умирај денес.“

За време на пандемијата, Иса и неговите браќа и сестри – Конор (10), Сали (9) и Фреја (5), кои живеат во Џорџтаун, Онтарио, се соочуваат со стравови за нивната мајка и можноста таа да се разболи. Некогаш мајка им морала да работи смени од 24 часа, а некогаш не доаѓала дома до рано наутро. Сали се грижел за времето што мајка му го поминува со пациенти и луѓе кои биле во контакт со вирусот. „Мајка ми работи со многу луѓе, а сите тие веќе третираат луѓе со Ковид-19, тоа е тешко и страшно“, изјавил тој. Конор, најстариот, исто така, се грижел дека неговата мајка ќе се разболи. „Првиот пат кога мораше да оди и да се грижи за луѓе за време на Ковид-19, бев многу исплашен. Не сакав да умре. Но, исто така, знаев и дека на крајот ќе биде во ред“, рекол тој.

Без разлика на сè, нивната мајка раскажува дека тие биле неверојатно храбри и ја одржувале насмевката на нејзиното лице. А и родителите ја одржуваат силата кај децата. „Најсреќни моменти ми се кога мама и тато се дома“, рекол Сали.

фото извор: Надиа Алам/ Иса, Сали, Фреја и Конор

Мојот татко, лекар, доби Ковид-19

Десетгодишната Софија од Киченер, Онтарио, заминала на тестирање откако покажала симптоми. Нејзиниот татко, лекар, исто така се тестирал, па дознал дека е позитивен, но таа не била. За неа, позитивниот резултат на татко ѝ бил најтешкиот момент со кој морала да се соочи во пандемијата. „Секогаш кога покажуваше знаци на болест или кога имал многу случаи на Ковид-19 тој ден, јас се грижев“. Сега нејзиниот татко мора да биде сам во друга соба. „Не можам многу да го гледам. Мора да се дистанцира и да носи маска. За време на вечерата имаме зум-повик со него“. Таа вели дека е горда на татко си и е среќна што тој има поблаги симптоми. Но, заради здравјето на сите, се надева оти луѓето ќе продолжат да ги почитуваат мерките. „Очигледно е дека физичката дистанца и носењето маска се важни. Дајте сè од себе за да ги заштитите другите луѓе, а не само себеси“.

фото извор: cbc.ca/ Софија

„Реално е“, вели дете чии родители се здравствени работници

Деветгодишниот Тај Мартин, чии родители се болничари во Ватерлу, Онтарио, исто така е загрижен за своите родители. „Мајка ми оди на работа во 6, а работи од 7 до 19 часот. Кога заминува, нервозен сум и се прашувам дали ќе си дојде дома со растечен нос или кашлица, а исто така се грижам и за татко ми“, вели тој. Кога мајка му појавила симптоми, Тај рекол дека се чувствува нервозно и морал да размисли внимателно како да се движи низ куќата. За среќа, неговото семејство било тестирано и било негативно следниот ден. Но и покрај тоа, Тај вели дека се грижи и за некои деца на училиште кои велеле дека Ковид-19 не постои.

„Се чувствував фрустрирано што нивните родители ги убедуваа дека Ковид-19 не е реален и искрено бев исплашен од нив“. Поради работата на неговите родители, Тај знае дека вирусот е вистински и вели дека се надева оти луѓето посериозно ќе ја сфатат ситуацијата.

фото извор: Карли Мартин/ Тај Мартин со семејството

Мајка ми е исцрпена


Десетгодишниот Гејб Талон од Саскачеван има мајка што работи како медицинска сестра во дом за стари лица. Тој вели дека му недостигала, но таа им помага на луѓето да не го фатат вирусот, па тоа е добро дело. Најмногу бил загрижен за неа пред некое време кога почнала да покажува симптоми, бидејќи сфатил што може тоа да значи за луѓето со кои таа работи. „Си мислев, што ако таа има Ковид-19 и ги зарази старите луѓе во центарот?“ За среќа, нејзиниот тест бил негативен, но Гејб вели дека сака луѓето да знаат дека Ковид-19 е сериозна работа и здравствените работници се најмногу изложени.

фото извор: Холи Талон/ Гејб со мајка си

Извор



912

X