Како специјален едукатор и рехабилитатор, со години работам со деца кај кои предизвиците во учењето не се последица на интелектуални тешкотии, туку на невидливи бариери во телото, како што е недоразвиена моторика, нестабилност, лоша сензорна регулација.
Во процесот на детски развој често несвесно го стававме фокусот на „академскиот ум“, мислејќи дека учењето започнува со седење, читање и пишување. Но, реалноста е сосема поинаква, детето прво учи со телото. Тоа најпрво го „чита“ светот со рацете, кожата, очите и движењето. Психомоторниот развој e развојот кој ги поврзува психичките процеси со моторните способности и е невидлива основа врз која се надградува сè друго: читање, пишување, зборување, концентрација и социјална комуникација. Во практиката, гледаме сè повеќе деца со слаб мускулен тонус, неправилен стисок на молив, избегнување физички активности и тешкотии со организираност и внимание. Причината често се крие во недоволно стимулирање на психомоторниот развој во училиште, дома, а и во сè почестото седечко детство. Кога му даваме можност на телото да се развие, му даваме простор на умот да се изрази. Движењето не е прекин во учењето, туку тоа е самиот почеток на учењето.
Разлика меѓу стабилен и слаб психомоторен развој
Психомоторниот развој претставува сложен и меѓусебно поврзан развоен процес во кој се вклучени: невролошка зрелост, развој на моторичките способности, когнитивна контрола и перцепција, емоционална саморегулација, сензорна интеграција. Тој го опфаќа и процесот на сознавање на телесната шема (сопственото тело и неговите делови), просторно-временска ориентација (снаоѓање во простор и време), внимание и фокус, како и симултаната употреба на сетилата и телото за успешно извршување на задачи.

Децата што се психомоторно стабилни имаат: подобар тонус и контрола на телото, повисоко ниво на самодоверба, поразвиени извршни функции (планирање, следење инструкции, издржување на задача), подобри академски резултати бидејќи телото не им е пречка во процесот на учење, туку сојузник.
Кај деца што немаат доволен или имаат слаб психомоторен напредок, можеме да забележиме: тешкотии во пишување, несигурен стисок на молив, болка при пишување, нерамномерни букви, фрустрација при учење, постојано движење на телото, неможност за одржување седечка положба, замор по краток временски период. Имаат слаба саморегулација, дете кое не може да ги контролира своите импулси, често се однесува хиперактивно или повлечено. Недоволна социјална вклученост, постои избегнување групни активности, слаб контакт очи в очи, тешкотии во разбирање просторни односи (близина-дистанца). Сензорно преоптоварување – деца кои се премногу чувствителни на допир, звук или светлина често реагираат бурно на „обични“ стимулации.
Како специјален едукатор и рехабилитатор, честопати ги советувам родителите и наставниците да обрнат внимание на следниве сигнали:
- Детето бргу се заморува при седење и постојано бара да се движи.
- Тешко ја држи позицијата на телото (исправен грб, стабилност).
- Покажува несигурност при скокање, качување или фаќање топка.
- Не може да ја исече формата, држи молив неефикасно, избегнува боење или цртање.
- Не препознава лево/десно, пред/зад, горе/долу, што се одразува и во читање и математичко размислување.
Овие појави не се „мрзливост“ или „непослушност“, туку повик на телото дека му треба поддршка.

Како да го поттикнете психомоторниот развој?
Во училиште:
- Вклучете микропаузи со активности како скокање, виткање, истегнување на раце/нозе.
- Користете музика со движење, игри со инструкции („Направи 3 скока и сврти се“).
- Обезбедете движење во учење, решавање задачи на под, во стоење, со движење од едно до друго место.
- Вежби за визуомоторна координација цртање низ лавиринти, следење линии со молив, вежби со очи и движење.
- Наставни материјали со тактилен карактер картички што се чувствуваат, пластични броеви, песочни табли за пишување со прст.
Дома:
- Пуштете ги децата да играат на под на колена, на стомак, да лазат.
- Дозволете им да влечат, туркаат, скокаат, да трчаат боси, да се качуваат по мебел (во безбедна форма).
- Вклучете ги во домашни активности: месење тесто, собирање и диплење алишта.
- Направете патека со препреки дома под столови, преку перници, качување и ползење.
- Игри како: „огледало“ (имитирање на движења), „замрзни се“, „што ќе направи моето тело ако…“
Запомнете дека кога му даваме можност на телото да се развие, му даваме простор на умот да се изрази. Движењето не е прекин во учењето, туку тоа е самиот почеток на учењето. Да им овозможиме на децата да скокаат, ползат, трчаат, цртаат, се вртат, играат. Да создадеме средини кои не го ограничуваат телото, туку го охрабруваат, затоа што токму преку телото детето ќе научи како да биде стабилно, организирано, фокусирано и слободно и во училиште и во животот.
Автор: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/ наставник ментор/ реедукатор на психомоторика