На нашиот животен пат често среќаваме луѓе со кои е тешко да се излезе накрај. Некои од нив се „отровни“, енергетски вампири. Некогаш тоа е тежок соработник на работа, некогаш нарцистички пријател кој постојано ги бара нашето воодушевување и поддршката, а никогаш ништо не дава за возврат. Некогаш тоа е партнер-социопат кој манипулира и ја уништува нашата самодоверба.
Кога ќе сретнеме вакви луѓе, веќе до некаде сме израснале, зрели сме и понекогаш успеваме да го препознаеме лошото внимание на таквите личности врз нас, па се обидуваме тие односи да ги решиме на различни начини. Ако не успееме – се повлекуваме.

Што се случува кога таа „отровна“ личност во вашиот живот е вашата мајка?

„Убедена сум дека мајка ми има некое нарушување на личноста. Кога бев мала, сите мислеа дека таа е многу посветена и ѝ се восхитуваа, а јас секогаш мислев на тоа дека што и да направам, тоа не ѝ е по ќеф. Каква оценка и да добиев, според неа, сум можела и подобро. Петките секогаш биле последица на нејзиниот ангажман и познанството со наставниците. Кога и да направев нешто, а тоа да не ѝ се допаѓаше – велеше дека не ја сакам, зашто ако ја сакав, поинаку би се однесувала. Кога станав девојка, ниедно момче не ѝ беше доволно добро бидејќи не ги задоволуваше нејзините стандарди – главно затоа што не ѝ се восхитуваше доволно…“

Милица долго зборуваше за константното понижување, стравот, чувството на крајна мизерија што ги доживувала во односот со нејзината мајка. Сега се чувствува виновна затоа што така мисли и зборува за неа. Меѓутоа, колку што е постара мајка ѝ, станува сè покритична кон неа. Во сето тоа Милица е вознемирена, несигурна, уплашена. Во нејзината 50-та година од животот сè уште се расплакува и се чувствува виновна што е жива.

А каде е љубовта?

Во семејството секогаш мајка и била таа што ги носеше одлуките, татко и бил уплашен и уценуван. Дури во домот носела и други мажи правдајќи се дека тоа го прави затоа што тато не може да ѝ го даде тоа што ѝ треба. А потоа со својот шарм засенувала и владеела, како некоја „апсолутистичка кралица“. Постојано зборувала дека Милица е пресреќна што има таква мајка бидејќи има на кого да се угледа.
„Сега најмногу сум си лута на себе затоа што ништо друго не правам цел живот освен што се обидувам да ѝ се допаднам. Се разведов бидејќи не ѝ се допаѓаше мојот сопруг, немам деца зашто какви би биле тие деца од такви родители (јас и мојот никаков сопруг), дебела сум затоа што не знам да се хранам здраво… Вистинско чудо е што завршив факултет и имам работа која е под секое ниво“.

Карактеристично за сложениот однос со ваков родител е постојаното барање на неговата љубов, одобрување, прифаќање и константното отсуство на сето тоа. Таквите родители никогаш не му го даваат на детето она што му треба. Тие точно знаат што е тоа и ја користат детската потреба за прифаќање – за полнење на своите нездрави потенцијали.
Милица секојдневно се слуша со својата мајка, а некогаш разговараат по еден час (иако таа постојано им зборува на соседите дека ќерка ѝ не ја бара и ја избегнува). Таа има добро здравје, а и татко сè уште е жив, но старицата заклучила дека Милица треба да ја напушти работата (бидејќи бездруго работи за мизерна плата и треба да дојде и да живее со нив и да се грижи за нив, кои се целосно немоќни).

 

Чекори кон личен мир и разбирање

„Одвај чекам да умре и се чувствувам многу виновна поради тоа. Што да правам?“ – тоа е најчестото прашање што си го поставува Милица.
Во разговор со неа во една пригода ѝ реков дека ми требаат 100.000 динари. Таа зачудено ме гледаше. Тогаш сфати: МОЖЕМЕ ДА ГО БАРАМЕ САМО ТОА ШТО МОЖЕМЕ ДА ГО ДОБИЕМЕ.
Продолжив сериозно – дека таа е навистина сложен случај и работата со неа е поскапа во споредба со другите, а тоа ќе ја чини 100.000 динари.
А таа ми одговори дека не може толку да плати затоа што едноставно ги нема тие пари.
Се разбира, го плати вообичаениот хонорар.
Секоја наредна пригода кога во разговор со својата мајка ќе сфатела дека повторно го бара нејзиното одобрување и прифаќање, ќе се сетела на нашиот разговор и на неостварливите желби да го добие тоа што ѝ треба од својата мајка. Едноставно, мајка ѝ го нема тоа за да ѝ го даде.

НЕ МОЖЕШ НЕКОМУ ДА МУ ДАДЕШ НЕШТО ШТО ГО НЕМАШ.
Следниот чекор е детоксификација.

На Милица ѝ беше јасно дека не може да го добие тоа што го бара од мајка си, но мораше да го промени својот однос и однесувањето. Заедно направивме план – да се слуша со мајка ѝ двапати неделно, разговорите да ги скрати на 10-15 минути и да ги посетува родителите еднаш месечно.
Развивме и вербален план – на сите навреди ќе одговара мирно, тивко, јасно, учтиво… но цврсто.
На почетокот Милица сметаше дека не може на таков начин да ги занемарува своите родители, но набрзо почна да чувствува големо олеснување во комуникацијата со мајка си. Веќе не чувствуваше омраза и бес по секој разговор, туку олеснување што може брзо да се врати во нормала.
Иако Милица беше многу возбудена поради ваквите промени, она што остана беа СТРАВОВИТЕ.

Препознајте го и победете го својот страв.
Се плашеше дека нема да истрае во тие промени и последиците што ќе ги предизвикаат тие.
ДА ЗНАЕМЕ што треба да направиме е често различно од она што го ЧУВСТВУВАМЕ додека го правиме тоа. Затоа ја прашав Милица како сака да се чувствува со новите, јасно поставени граници во односот со мајка ѝ. ’Јасно и одлучно‘.
Многу истражувања покажаа дека кога луѓето се визуализираат и се набљудуваат себеси однадвор во некои нови облици на однесување, многу брзо и лесно го усвојуваат тоа однесување.
Ѝ помогнав на Милица во состојба на длабока релаксација да се види себеси како ’јасно и одлучно‘ ги поставува границите во однесувањето кон мајка ѝ. Го повторувавме тоа онолку пати колку што беше потребно за да почувствува дека границите кон манипулативната мајка се токму такви. Јасни и одлучни.
Ако некој нè труе со своето однесување, единствено што е во наша моќ е да го намалиме неговото отровно влијание така што ќе го намалиме времето што го поминуваме со него – ќе го избегнуваме“.

Автор: Лилјана Јагодиќ, клинички психолог



912

X