Михаил Лабковски, популарен руски психолог, им кажува на родителите како да изберат училиште, дали да разговараат со наставниците и кога навистина да го остават детето на мир.
Совет број 1: Децата не треба да се оптоваруваат со ништо пред училиште. Без шах, странски јазици и друг интелектуален развој. На возраст од 6-7 години, мозокот на детето не е физиолошки подготвен да прими голема количина информации. Вие ќе изгубите пари, а детето – детството.
Совет број 2: Не барајте „силно училиште“ за вашето дете. Во пониските одделенија најважно за детето е да постигне психолошка удобност. Затоа изберете нормално училиште, блиску до дома. Детето нема да троши време и енергија за одење и враќање, а полесно ќе гради односи со другарите од одделението доколку живеат во соседството.
Совет број 3: Првиот учител не треба да биде строг, туку добар. Потребен е соодветен наставник кој ги сака децата и работи во училиште бидејќи си ја сака работата. Затоа одете на училиште во пролет и распрашајте се меѓу родителите на децата од предметна настава.
Совет број 4: Училиштето е одговорност на вашето дете, а не ваша. Можете да земете слободни денови во првите две недели на почетокот на прво одделение, а потоа да се договорите со детето: – Мене твоето училиште нема да ме вознемирува, а и јас нема да те вознемирувам тебе.

Совет број 5: Престанете да прашувате што се случило на секој час и да претерувате со оценките. Темата за училиште нека стане табу. Ако детето сака да зборува за училиштето, разговарајте; ако не сака – не треба со клешти да му вадите зборови од уста.
Совет број 6: Не пишувајте домашни задачи со детето, не спремајте му ја училишната чанта и вие не треба да водите сметка дали нешто заборавило. Ако ги правите работите наместо него, тоа ќе биде голем проблем во иднина.
Совет број 7: Секако дека можете да му помогнете на вашето дете. Основното прашање е кој прв почнал. Тоа треба да биде детето. Треба да праша: – Мамо, не го разбирам ова. Ако детето не бара ништо, тоа значи дека сѐ е во ред.
Совет број 8: Ако наставникот не го сака вашето дете, проблемот мора да се реши. Обидете се прво да разговарате со наставникот, потоа со директорот, а ако нема поента – продолжете понатаму. Можете да го префрлите во друго одделение или дури и во друго училиште. Во никој случај детето не треба да се остави во состојба на долготраен постојан стрес.
Совет број 9: Пубертетот е најтешкиот период во животот на вашето дете. Почнува помеѓу 12. и 14. година и трае до 15-16 години. Тоа е време на сложени психички и физички промени, па оттука и хормонална нерамнотежа, психолошки проблеми, замор. Мој совет е: ако не сакате конфликти и сериозни проблеми, вклучително и обиди за самоубиство – оставете го детето на мир. Ваша задача е да го поминете тоа време што е можно помирно и побрзо за да заврши кошмарот.
Совет број 10: Не треба да влегувате во отворен конфликт со училиштето – најверојатно ќе ја изгубите битката. Кога ќе ве поканат на разговор и зборуваат за силно училиште, сложена програма и потреба да го забавувате детето – не спротивставувајте се. Согласете се. И продолжете да работите по ваше.
Совет број 11: Не е неопходно конкретно да се развиваат талентите на детето ако тоа не сака. Талентот треба да дава радост, а не да се искористува.
Совет број 12: Најважно е да научите да го прифатите вашето дете без да очекувате ништо од него. Не е важно како учи, сакајте го онакво какво што е, што и да прави. Да, кога ќе има 15 години, ќе биде потешко отколку кога имало пет години. Детето не треба да предизвикува никаква одбивност кај вас.