Тешко е да се знае како да му одговорите на вашето дете кога ќе праша: „Дали ќе умреш?“ Вашиот инстинкт може да му понуди смирувачки зборови, на пример: „Не, злато. Нема да умрам“. Но, ова не се зборовите што треба да им ги кажуваме на децата. Сепак, смртта е неизбежна. И вистината е дека ќе умрете некогаш. Но, ова не значи дека треба да поттикнувате страв или да ја храните паниката кај децата. Наместо тоа, користете искрен, пријателски пристап кога децата изразуваат страв од смрт – без разлика дали тој се однесува за нивната смрт или на вас како родител.

Ако вашето дете почнало да изразува страв од смрт, особено поради пандемијата на коронавирусот, начинот на кој вие одговарате и реагирате прави голема разлика. За среќа, соодветниот одговор може да им помогне да се чувствуваат подобро и да се зголеми нивното разбирање за кругот на животот.

Сфатете ги сериозно стравовите на децата

Вашето дете може да ги изрази стравовите за смртта кога прави нешто забавно или кога е зафатено. Но, не велете: „Ох, не грижи се за тоа сега!“ Наместо тоа, престанете со тоа што го правите, седнете до детето и сериозно разговарајте за животот и смртта. Покажете му на детето дека се грижите за неговите стравови. И не зборувајте само за смртта. Нека биде тоа здрава дискусија – не ви се потребни статистиките за коронавирусот, но искреноста и разбирањето ќе имаат големо влијание. Детето може да чувствува дека е нарушена неговата рутина и можеби ќе помисли дека никогаш нема да се врати во нормала поради корона-кризата. Кажете му дека е во ред што се чувствува исплашено поради неизвесноста, а потоа помогнете му да научи да се справува со тие стравови.

Научете го сфаќањето на детето за смртта

Децата често го изразуваат стравот од смртта додека се во претшколска возраст. Но, на таа возраст не ја разбираат смртта на истиот начин како нас. Знаат можеби дека мртвите се закопуваат во земја. Но, не разбираат што значи да си мртов. Па може да се плашат дека тоа значи оти си во земја каде што е темно и страшно. Нивните стравови повеќе се фокусираат околу тоа како е да си мртов, отколку од стравот навистина „да те нема“. Малите деца исто така веруваат дека смртта е реверзибилна. Па обично не се толку тажни кога некој ќе почине. Дури и очекуваат таа индивидуа да се врати некогаш. Повеќето деца почнуваат да разбираат дека смртта е конечна на возраст од околу 5 или 6 години. Иако започнуваат да го разбираат тој концепт, сепак им недостига разбирање на другите аспекти од смртта.

Повеќето студии го сведуваат разбирањето на смртта на 5 компоненти. Додека децата не ги сфатат тие компоненти, нема вистински да ја разберат смртта. Ова се тие компоненти:

1. Неизбежност: Сфаќање дека сите живи битија некогаш ќе умрат.
2. Универзалност: Сфаќање дека смртта им се случува на сите живи суштества.
3. Неповратност: Признавање дека смртта не може да се промени.
4. Нефункционалност: Сфаќање дека смртта е карактеризирана со неможност на телото да функционира.
5. Причина: Сфаќање дека смртта е предизвикана од откажување на телесните функции.

Како што децата созреваат, почнуваат полека да ги сфаќаат овие концепти. Повеќето деца ги сфаќаат сите 5 компоненти на возраст од 7 до 10 години. Но, додека се случи тоа, нивните стравови може да бидат и ирационални. Пред да почнете да го убедувате детето дека сè ќе биде во ред, обидете се подобро да ги уочите неговите сфаќања за смртта.

Зборувајте за биологија

Додека за вас оваа тема значи зборување за значењето на животот, вашето дете едноставно може да се интересира за фактот – зошто мртов човек не може да ги движи рацете. Понудете кратко и едноставно објаснување како функционира телото и како престанува да работи – како машина. Сите делови од телото престануваат да функционираат кога човекот умира, вклучително и умот. Детето може да има повеќе прашања, на пример: „Може ли да гледаш нешто кога си мртов?“ и слично, па понудете ги наједноставните објаснувања кога сте соочени со такво прашање. Некои студии покажуваат дека кај децата се намалува анксиозноста кога тие подобро ќе ја сфатат биологијата зад смртта.

Внимателно одбирајте ги вашите зборови

Често зборуваме дека миленичињата се „ставени да спијат“. Ова може да биде збунувачко за децата. Тие мислат дека смртта е исто како спиењето. Избегнувајте фрази како „Го изгубивме“ или „Тој не е повеќе со нас“. Децата нема да разберат дека барате полесен начин за да ја објасните смртта. Тие повеќе ќе мислат дека некој едноставно недостига. Користете реални зборови како „умре“ и „смрт“. Потсетете ги на биологијата: „Неговото/нејзиното тело престана да работи“.

Зборувајте за вашите спиритуални верувања

Може да биде од помош ако разговарате за спиритуалните верувања/ без разлика дали верувате во задгробен живот или едноставно сакате да кажете „Дедо секогаш ќе биде во нашите срца“, децата ќе добијат некоја сигурност и од спиритуалниот аспект. Ако не сте сигурни во што верувате или не сакате да им наметнувате верувања на вашите деца, можете едноставно да споделите дека луѓето имаат различни верувања за она што ни се случува кога умираме. Можете да речете: „Тетка ти оди во црква. Нејзината црква верува дека ова им се случува на луѓето кога умираат… Но, нашиот сосед верува во нешто различно. Тој верува дека ова им се случува на луѓето кога ќе починат…“

Вреднувајте ги нивните чувства

Ако му кажете на детето дека нема да умрете (и дека и детето нема да умре) – можеби тоа ќе резултира со повремено смирување на стравот. Ако одрекувате дека смртта е неизбежна, децата ќе заклучат дека не сте соодветен извор на информации. Важно е да ги вреднувате и признаете нивните чувства. Кажете му на детето: „Знам дека размислувањето за смртта може да ти предизвика страшни чувства“. Едноставно изговорете го она што го чувствува детето и дајте му важност, а и укажете му дека тоа што го чувствува е во ред. Еднакво важно е и да избегнувате да ги минимизирате неговите чувства и да му кажете на детето: „Престани да се грижиш“ или „Смири се. Не сум уште толку стар/а“. Ова може да му испрати порака дека неговите чувства се погрешни, па поради тоа може да чувствува уште поголема анксиозност.

Фокусирајте се на здравјето и безбедноста

Некаде на возраст помеѓу 7 и 10 години децата препознаваат дека секој ја има истата моќ да помогне во превенција од прерана смрт. Затоа треба да растат знаејќи дека треба да се грижат за своето тело и да бидат внимателни. Може да му речете: „Планирам да живеам 100 години. Ова ќе го сторам за да останам здрав/а“ или „Еве зошто се користат појаси и кациги. Со нив сме безбедни“. Ако имате професија која ве изложува на ризик (а вашето дете е свесно за тоа), нагласете ги чекорите што ги преземате за да бидете безбедни. Избегнувајте да зборувате за несреќи пред вашето дете. Исто така, можете да зборувате и за тоа дека луѓето често работат заедно за да се чуваат едни со други. На пример, согласно ситуацијата со коронавирусот, можете да кажете: „Сите лекари и медицински сестри работат напорно за да им помогнат на болните. А и ние си помагаме едни на други за да останеме здрави. Затоа и имаме смени во болницата“.

Ако имате видливи здравствени проблеми, или не се грижите добро за вашето здравје, не преправајте се дека тие проблеми не постојат. Вашето дете ќе знае. Наместо тоа, признајте ги. Можете да кажете: „Треба да го врзам појасот во автомобил, а не го правам тоа често. Ќе се обидам да се поправам по тоа прашање“.

Останете позитивни за животот

Ако вие чувствувате анксиозност за смртта, вашето дете ќе се приклучи на тоа. Но, ако останете позитивни за животот и живеењето, детето ќе го прими и тоа чувство. Зборувајте отворено за сите работи за кои сте благодарни во животот. Дискутирајте колкав благослов е што сте живи и што планирате да го живеете животот со полна пареа. Ако се борите со тоа, побарајте професионална помош. Професионалец за ментално здравје може да ви помогне.

Разгледајте ги медиумските толкувања на смртта

Ограничете го изложувањето на детето на вестите и медиумите, насилните прикажувања на смртта. Таквите работи може да ја поттикнат неговата анксиозност. Ако е изложено на приказни за пукотници во училишта, или гледа хорор-филм, потоа разговарајте за она што го апсорбирало како информација.

Децата учат за смртта од филмовите и книгите. Но, медиумските прикажувања на смртта и тагата се често неточни. Тоа може да влијае врз нивниот став кон смртта. Децата може да прифатат нереални пораки за загубата. Кога истражувачите испитале 57 „Дизни“ и „Пиксар“ филмови, откриле дека барем една смрт се случила во 84 отсто од филмовите. Сите тие смртни случаи, речиси 32 отсто од нив, биле променливи (односно физички некој лик се враќал од смртта, или пак се вратил неговиот дух). Откако смртта се случила, 63 отсто од ликовите што изгубиле некого реагирале или позитивно или без покажување емоција. Истражувачите откриле дека ваквите сценарија се збунувачки за децата. Но, може да поттикнат важни разговори помеѓу децата и родителите.

И покрај нереалните портретирања на смртта, има и здрави примери за смртта и тагувањето во медиумите. Таквите примери може да им ги покажувате на децата, или пак барајте позитивни и реалистични примери за смртта и тагата во филмовите, книгите… Користете ги за да зборувате со децата за смртта. Паузирајте повеќе пати за да ги дискутирате нивните сфаќања за она што го гледаат или читаат. Прашајте ги дали тие имаат некои прашања. По неколку дена повторно отворете ја темата. Можеби ќе откриете дека откако имале време да ги процесираат своите мисли, децата развиле повеќе прашања во врска со темата.

Автор: Ејми Морин, психотерапевт

Извор



912

X