Воспитување

Да ги научиме децата да ја толерираат неизвесноста и да кажуваат што чувствуваат

Нема училиште. Нема играње. Нема одење на камп. Светот каков што го знаат децата целосно е променет и предизвикува анксиозност, без разлика дали децата ја покажуваат или не. Задача на возрасните е да ги поттикнат децата да се отворат во врска со своите чувства за да може да се справат со нив.

– Наша работа како родители е да обезбедиме извесност во време на неизвесност. Наша работа е да им помогнеме на децата да ја толерираат неизвесноста – објаснува д-р Џери Бубрик, клинички психолог на Институтот „Чајлд Мајнд“.

Децата не се глупави. Ниту неспособни да разберат. Слушаат дека постојано се дискутира за новите информации околу Ковид-19, ги гледаат насловите на социјалните мрежи и разбираат дека голем дел до работите во кои некогаш уживале сега не им се достапни. Сега повеќе од кога и било децата треба да знаат дека се сакани и згрижени.

– Треба да ги научиме како да ја толерираат неизвесноста. Треба да им дозволиме да ни објаснат како се чувствуваат и зошто, а може да им помогнете да ги валидизираат тие чувства ако им кажете нешто како, на пример: „И јас имам слични грижи. Ајде да пронајдеме идеи за тоа како да ги подобриме работите“ наместо да ги даваме само одговорите, подобро е да се одвива разговор и да се споредуваат идеи – вели Бубрик.

Ако ги вклучите децата во процесот на решавање на проблемите кај нив се создава чувство на важност и припадност – чувствуваат дека се корисни. Но, како што потенцира Бубрик, ако поставите нејасни прашања, добивате нејасни одговори, вклучително и одговорот „Добро сум“. Советот на Бубрик е разговорот да се води со љубопитност и со отворени, но специфични прашања:

1. Што научи денес?

2. Кажи нешто интересно или смешно што го слушна денес?

3. Која беше најзабавната работа што ја стори денес?

4. Што најмногу очекуваш и за што најмногу му се радуваш на утрешниот ден?

5. Што ти беше најнапорно денес?

6. Што не ти се допадна денеска?

7. Што те попречи денес да имаш забавен ден?

8. Што можеме да направиме заедно за да го подобриме?

9. Прочитав нешто многу интересно денес и би сакал да знам дали и тебе би те заинтересирало?

Како и со повеќето работи во животот, погодувањето на моментот е најважен.

– Времето за спиење не е вистинскиот момент. Децата се изморени. Анксиозните деца имаат повеќе грижи навечер. Не создавајте им дополнителни. Исто така, не зборувајте за овие работи со нив непосредно по нивното будење. Пронајдете време, неутрално време, кога немало некоја друга поголема дискусија претходно. Одберете некој мирен момент – кажува Бубрик.

Тој предлага опуштени разговори, или за време на вечера или за време на семејните прошетки и се потпира на едноставни, но истовремено паметни пристапи кои водат кон отворање на луѓето.

– Со моите деца, ја предлагам играта: „Како роза“. Тоа претставува активност која го крши мразот и е наша заедничка работа. Ја почнувате и ја моделирате играта. Постојат три компоненти на розата. Ливчето: Кажи ми нешто што ти се допадна денеска. Трнот: Кажи ми нешто што не ти се допадна. Пупката: Кажи ми нешто што посакуваш и на што му се радуваш во иднина. Мора да го моделирате за да добиете одговор.

Доколку вашите деца не можат јасно да се изразат, употребете графикон на емоции и водете го разговорот со негова помош. Некои петгодишни деца можат да објаснат, сосема јасно, што им ги изменило нивните емоции и зошто. Додека некои тинејџери едвај можат да состават одговор од два-три збора и нема да навлезат подлабоко без исклучително внимателно убедување. Ова е во насока вашите деца да бидат што е можно поспецифични во врска со тоа што го чувствуваат.

– Ако можеш да го спознаеш, можеш да го припитомиш – вели Бубрик.

Неговиот последен се однесува и на децата и на нивните родители. Не губете ја контролата и не претставувајте ја состојбата полоша отколку што изгледа. Потсетувајте ги вашите деца дека нивните другарчиња немаат тајни дружби во домовите и игралиштата. Сите сме „заглавени“ дома заедно.

– Сакаме да им помогнеме на децата да живеат во сегашноста. Лесно можеме да се изгубиме во непознатото. Сè што знаеме е тоа што ни се случува во моментот. Се имаме едни со други. Да се фокусираме на тоа. Со утрешниот ден ќе се справуваме утре – вели Бубрик.

Автор: Дона Фрејдкин

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top