Не знам зошто родителите мислат дека за децата е подобро да бидат изложени на разни хемикалии (на пример, средства за одржување хигиена или додатоци во храната, вдишување вештачки ароми…) отколку да јадат земја. Што е поприродно? – вели д-р Мирјана Раилиќ-Стојановиќ од Србија

Научникот Мел Гривс, по 30 години работа, смета дека има одговор на прашањето како настанува и како може да се спречи леукемијата кај децата. И тоа е добра вест. Но лошата вест е дека дел од одговорот лежи во нешто што веќе знаеме дека е лошо – да се чуваат децата „под стаклено ѕвоно“. Затоа овој научник се обидува да направи пијалак сличен на јогурт кој би спречил развој на болести кај децата така што би го подигнал нивниот имунитет со внесување микроорганизми кои му недостигаат на организмот, пренесоа светските медиуми.

Неговата цел е да пронајде начин да се реконструира микробиомот кај децата, кој е нарушен бидејќи малите деца повеќе не се изложени на разни бацили и инфекции како некогаш, така што нивниот имунолошки систем останува неразвиен.

Д-р Мирјана Раилиќ-Стојановиќ од катедрата за биохемиско инженерство и биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет се занимава со проучување на микробиотите. Таа за „Неделник“ објаснува дека децата од Запад во организмот имаат драстично помал број микроорганизми, а поради нивниот недостиг, организмот почнува да се „зашеметува“ и да има неадекватни реакции бидејќи нема развиен имунолошки систем. Затоа и се наоѓа во состојба на хронична инфламација, за која зборува и д-р Гривс.

– Ние сме изгубиле многу микроорганизми од микробиотите (микробиомите). Го губиме природниот диверзитет на микроорганизмите. Не знам зошто родителите сметаат дека за децата е подобро да бидат изложени на разни хемикалии (средства за одржување хигиена или додатоци во храната, вдишување вештачки ароми) отколку да јадат земја. Што е поприродно? – наведува д-р Раилиќ-Стојановиќ.

– Строго се внимава детето да не се разболи, но тогаш нема нормална реакција на организмот кон нешто што е вообичаено – вели таа и додава дека повеќе истражувања потврдиле дека заедниците што живеат во „повалкани“ средини се поотпорни.

– Децата на Индијците и Пакистанците, кои мигрираат во Британија, една година по раѓањето се во драстично помал ризик од автоимуни болести отколку лицата што се родени во Британија, како што покажува една студија. Во една друга студија за диверзитетот на микробиотите било откриено дека урбаниот Американец има само една третина од вкупниот број бактерии во микробиомот на Амазонец или рурален Африканец – наведува таа.

Во педесеттите години од минатиот век акутната лимфобластична леукемија од која во Велика Британија заболува едно од 2.000 деца била смртоносна. Денес може да се излекува во 90% од случаите, иако лекувањето е токсично и остава долготрајни нуспојави. Последните децении научниците забележале дека бројот на заболени во Велика Британија и во Европа се зголемува со стапка од 1 процент годишно.

– Овој тренд се случува само во развиените земји, но не и во земјите во развој. Се чини дека болеста може да се поврзе со благосостојбата – вели Гривс, кој ја проучувал леукемијата на Институтот за истражување на ракот во Лондон.
Иницијална каписла е генетичката мутација што се случува кај едно од 20 деца. За леукемијата сосема да се развие, потребен е уште еден биолошки настан кој го вклучува имунолошкиот систем.

Родителите при одгледувањето на децата користат антисептички марамчиња, антибактериски сапуни и разни средства за дезинфекција. Нечистотијата е искоренета од нашите домаќинства, сè помалку деца се доени, а опаѓаат и контактите со други деца. Затоа се намалува контактот на децата со микробиомите, пренесува „Гардијан“.

„Кога таквото дете ќе се изложи на обични инфекции, неговиот имунолошки систем реагира ненормално и претерано, па се развива хронично воспаление“, потенцира Гривс.

Тој сега експериментира со глувци, а за две-три години би можело да има и тестови на луѓе.
– Целта е да се пронајдат шест или можеби десет вида микроби што најдобро ќе го вратат детскиот организам на здраво ниво. Тој коктел од микроби би можел да се зема како пијалак сличен на јогурт, приспособен за мали деца.

 



912

X