Во возрасниот се крие дете, вечно дете, кое уште се формира, никогаш целосно, на кое му се потребни нега, внимание и одгледување. Тоа е дел од човековата личност кој сака да се развива целосно. Меѓутоа, човекот на нашето време е оддалечен од таа комплетност како небото од земјата. Во нејасното насетување на својот дефект, тој се дофатил за воспитувањето на детето и се воодушевува од детската психологија врз основа на омилената претпоставка, дека нешто во неговото воспитување и детскиот развој не тргнало од рака, а е нешто што може да се искорени до следната генерација.
Оваа намера е достојна за пофалба, но е осудена на неуспех поради психолошките факти дека на детето не може да му се поправи ниедна грешка што и самиот родител ја прави. Децата, се разбира, не се толку глупави колку што мислиме. Тие и предобро забележуваат што е добро, а што не е. Бајката на Андерсон за новата облека на кралот ја содржи бесмртната вистина. Колку родители ми ја најавиле пофалната намера за своите деца да ги поштедат од искуствата кои и самите морале да ги доживеат во детството. А кога ги прашав: „Но, дали сте сигурни дека самите сте ги надминале овие грешки?“, тие беа сосема убедени дека кај нив ова оштетување е одамна коригирано. Меѓутоа, во реалноста не е така. Доколку како деца биле воспитувани премногу строго, ги „расипуваат“ своите деца со невкусна, неверојатна толеранција, ако во детството им биле упорно криени извесни животни подрачја, тие сега на нивните деца им се исто така мачно просветителски откривани. Тие, всушност, запаѓаат во друга крајност.
фотоизвор: www.bbc.co.uk
Сè што сакаме да промениме кај децата би требало, пред сѐ, можеби внимателно да го провериме: да не е тоа нешто што би било подобро да го промениме кај себе, на пример, нашиот педагошки ентузијазам. Можеби е наменет за нас. Можеби погрешно ја проценуваме педагошката потреба, бидејќи би можела непријатно да не потсети на тоа дека сме уште, на некој начин, деца и дека во голема мера ни е потребно воспитување.
Карл Густав Јунг, „За развојот на личноста“