Авторката Кери Кариело за магазинот „Хафингтон пост“ отворено го сподели своето искуство со синот кој има аутизам. Нејзиниот текст, во кој открива „што е причината за аутизмот“, ви го пренесуваме во целост.

Минатата недела читав текст за аутизмот и некое ново истражување кое вели дека постои поврзаност помеѓу аутизмот и обрежувањето. Се смеев гласно.

Живата предизвикува аутизам.
Оловото предизвикува аутизам.
Аутизмот е резултат на недоволната емотивна врска со мајката.
Одреден вид пестициди предизвикуваат аутизам.
Пластика.
Глутенот влошува одредени видови аутизам.
Луѓето со аутизам треба да јадат повеќе јаготки.
Претераната изложеност на издувни гасови е водечка причина за аутизам.
Хемикалиите што се наоѓаат во садовите и се лепат за храната можат да предизвикаат аутизам.

Тезата за емоционалната поврзаност со мајката ми е некако болна. Вистина е дека имав тежок период кога се роди мојот помал син. Со постариот син, кој беше прекрасен, но само една година стар, малиот кој постојано плачеше, слабо спиеше, бев исцрпена и постојано се расправав со сопругот. Чувствував дека немам никаква контрола над она што се случува во нашето семејство.

Но, сигурна сум дека нашата врска сега е нешто навистина силно и посебно, а тој, ете, сепак има аутизам.

Она што сакам да го кажам е дека знам што е причината за неговиот аутизам и тоа сега ќе го споделам со вас.

Тоа е голема работа.

Моето дете има аутизам затоа што, како што вели неговиот петгодишен брат, е роден со него.

Да, сигурна сум дека аутизмот е генски предизвикан. Верувам дека некако мешавината од мојата ДНК и ДНК на мојот сопруг доведе до тоа да имаме дете кое ќе мисли дека средата е портокалова. Можеби неговиот единствен генски код го прави чувствителен на некои работи во опкружувањето како оловото, пластиката или гасот.

За јаготките не знам.

Минатата недела отидов во едно кафуле да купам мафин и една жена ми пријде и се претстави. Рече дека е мајка на девојче кое оди во одделението со мојот син. Се насмеав и полека станав да си одам.

– Почекајте. Сакам нешто да ви кажам. Мојата ќерка Лили ми рече дека некое момче го нарекло вашето дете чудак пред некој ден.

Кимнав. – Тоа се случува.

– Но Лили ми рече дека му рекла на момчето дека вашиот Џек не е чуден. Тој е токму таков каков што треба да биде.

Дали сега ја гледате мојата дилема? Ако почнам наоколу да го прогласувам како епидемија и да копам по моето семејство и по семејството на мојот сопруг барајќи ген-предизвикувач и како да го излекувам, тогаш испаѓа дека моето дете всушност и не е такво какво што треба да биде. Тогаш целата порака за прифаќање и толеранција и отворен ум паѓа во вода.

Но, од друга страна, и е епидемија. Некои парови можеби планираат деца и можеби сакаат да имаат некакви информации за тоа како ваквата состојба кај децата може да се спречи или ублажи. И моите деца можеби ќе имаат свои деца и ако аутизмот е навистина предизвикан од издувните гасови, тоа е корисно да се знае, за да почнеме да купуваме електрични автомобили.

Истовремено, не сакам толку да се фокусирам на тоа што е и кога и каде и како, па поради тоа да заборавам на она најважното.

Бидејќи на крајот, не ми е важно од каде е.

Но, повторно сум љубопитна.

Не е важно зошто моето дете има аутизам, тоа нема да промени ништо.

Но, ништо лошо нема во тоа да се имаат повеќе информации.

Во ред е тоа.

Можеби со него не е баш сè во ред, па ги помина последните 45 минути разговарајќи за тоа какви гуми за џвакање постојат во продавницата.

Ништо не би променила во врска со него.

Можеби би променила само неколку работи.

Го славам аутизмот и сите негови спектакуларни чуда.

Го мразам аутизмот. Поради него детето ми зборува за гуми за џвакање цели 45 минути.

Тој не е добро.

Тој е сосема добро.

АУТИЗМОТ НЕ Е НИЧИЈА ВИНА.

Можеби треба да престанеме да користиме пластика и да јадеме повеќе јаготки, иако тој ги мрази.

Можеби треба да го исфрлам тефлонското тавче.

Можеби требаше да го сакам повеќе, посилно додека беше мало бебенце стуткано во мојата прегратка.

Можеби јас сум виновна.

Како што можете да видите, моите чувства во врска со аутизмот што го има моето дете се комплицирани и понекогаш сомнежите што ги носам во себе се само тивко трепкање што го чувствувам, а понекогаш гласовите што се појавуваат во мојата глава се како разглас.

Јас не сум научник. Не сум доволно паметна за тоа. Но, јас сум мајка. Иако не сум доволно паметна за тоа, добро го познавам аутизмот од таа перспектива. Познато ми е тоа тивко патење што доаѓа со тоа што сме различни или чудни. Познато ми е бидејќи го чувствувам секој ден.

Кога живеете со некој што има аутизам, премногу често ќе се слушнете себеси како ја изговарате фразата „засега“.

Засега, тој е во ред.
Засега, не вреска.
Засега, спие.
Засега, се однесува добро.

Затоа, засега, верувам дека неговиот аутизам потекнува од неговата ДНК.

Засега, ќе се обидам да додадам ведра нијанса на зелена и сина и виолетова и портокалова на таа црно-бела слика што научниците ни ја сликаат. Заедно, ќе го исполниме тоа платно додека не излезе една јасна слика.

Јас сè уште не знам како таа слика треба да изгледа, но сакам да ја замислам како утопија во која се пресекуваат науката и обичните луѓе. Има на неа и јаготки и гуми за џвакање.

Има високи, руси девојчиња по име Лили и момчиња со очила по име Џек.

И ако доволно внимателно гледате, на таа слика ќе видите стаклена куќа во далечина, на хоризонтот. Осветлена е со сончева светлина и го одзема здивот.

Ако погледнете подобро, реченицата што стои испишана на влезната врата, тие девет збора се најголеми на светот.

Овие зборови се како милион сјајни ѕвезди во долга темна моќ.

Тие се мир и простување и моќ и гордост.

Првиот пат кога ги слушнав бев во кафулето и купував мафин.

„Тој е токму таков каков што треба да биде“.

Автор: Кери Кариело



912

X