Воспитување

Јас сум твоја мајка или ти си мое дете

Пред да станам мајка, мислев дека точно знам кои грешки ги прават повеќето родители и дека еден ден, кога ќе дојде време, едноставно ќе бидам совршена. А потоа дојде Зои. Набрзо сфатив дека немам поим за грешки, дека немам поим за родителство, дека не знаев оти на мајките им е најтешко да судат и дека не бев ни свесна што значи да се биде добар во таа задача. Не знам ни сега. Секој ден се соочувам со многу мали сомнежи. Како да се поставам, што да кажам и колку. Понекогаш мислам дека колку и да се трудам, не ја правам вистинската работа. Понекогаш се восхитувам на мојата снаодливост и тактичност. И така натаму. Но си ветив едно нешто. Ветив дека никогаш нема да ми биде поважно тоа што сум јас мајка отколку тоа што си ти дете.

Малку збунувачки, нели?!

Приказната ја замислувам вака…

Јас сум мајка… Тука сум за сѐ што ти треба. Секогаш тука за тебе. Јас го немам мојот живот. Мојот живот си ти. За тебе живеам и дишам. Мојата единствена цел е да се грижам за тебе. Можеби поради мене ќе станеш мала жена со големи проблеми, но не затоа што јас сакам, туку затоа што моите желби не можат да дојдат до израз од твоите. Ти не знаеш да ги наброиш работите во кои јас уживам. Не знам ни дали постојат веќе. Уживам само во начинот на кој ме гледаш, чувството кога знам дека не можеш без мене и кога сум во позиција да ти дадам нешто.

Можеби еден ден ќе се посомневаш дека не верував во тебе затоа што постојано те поддржував и ја исполнував секоја твоја желба. Ќе ти кажам нешто. Никогаш не размислував да те подготвам за живот. Многу поважно ми беше да си помогнам себеси. Да си помогнам себеси за да сфатам зошто вредам. И да, не во тебе, јас всушност не верував во себе. Немој никогаш не ми кажеш дека не си побарала таква љубов од мене и дека мислиш оти нема да можеш да ја оправдаш, иако цел живот ќе се трудиш. И тоа ќе ти ја гризе совеста. Не кажувај ми дека посакуваш повеќе да се смеев, да излегував, да ги работев работите што ги сакам и да работев на себе, наместо постојано да се грижев за тебе. Ќе ме повредиш ако ми го кажеш тоа.

Можеби ќе ти биде тешко да се справуваш со луѓе, можеби нема да можеш да се снајдеш, веројатно постојано ќе се преиспитуваш и ќе носиш тешки одлуки, а ќе ти биде уште потешко да ги спроведеш. Ќе „живуркаш“ наместо да живееш, нема да веруваш во соништа и нема да имаш желби. Веројатно нема да веруваш во себе, бидејќи несвесно те учев на тоа цело време. Само дозволи ми да живеам со вербата дека сум „одлична“ затоа што тоа е сѐ што имам и што ми е важно. Навистина постапив најдобро што можев, но сепак сум само мајка.

Ти си мое дете… мора, секако, да ги слушаш правилата и да се приспособиш на нив. Моите правила. Имам мое време, мои обврски, мои желби и тие по природа се работи поголеми и поважни од твоите. Ти се приспособуваш на мене. Не сум совршен човек, ниту сум совршен родител и ќе грешам додека сум со тебе. Ќе направам многу грешки. Но, од нив ќе научиш сè. Понекогаш нема да бидам фер. Ќе те карам и тогаш кога навистина не го заслужуваш тоа, но ќе научиш колку се променливи луѓето и работите и дека единствената личност на која можеш да се потпреш си ти.

Кога ќе одиш на училиште, никогаш нема да ги обвинувам наставниците и учениците за твоите лоши оценки и тешките задачи. На тој начин ќе научиш дека правилата на играта мора да постојат. Секогаш и засекогаш. Ќе мора да разбереш дека играњето многу пати нема да биде фер. Претпоставените понекогаш ќе заслужат да бидат повеќе во групата на подредени. Многумина ќе изневеруваат за да успеат. Некогаш и ти ќе изневериш. Честопати нема да ти се допадне улогата што ја играш во играта, но ќе мора да знаеш како да ја претвориш во твоја корист. И на крајот, сепак ќе треба да разбереш дека најважно е што мислиш ти за себе и за играта. Она што исто така можам да ти го ветам е дека никогаш нема да се плашам за тебе, за мене, за нас. Ќе верувам во тебе, ќе верувам во себе и ќе верувам во среќа. Стравот е најголемиот товар што ќе го носиш во животот, доколку го стекнеш како дете, и затоа ќе се трудам да го држам подалеку од нас.

Ќе ти дадам добри примери. Не со тоа што ќе ти раскажувам празни приказни за „она што треба“ и „што не треба“, туку со тоа што ќе те оставам да видиш и почувствуваш самата. Знам дека со плескавица во чинија нема да те убедам за важноста на здравата исхрана, ниту со цигара в уста за штетноста на тутунот. Затоа ќе се трудам да бидам подобра и за тебе и за себе, за нас.

И запомни, што е најважно, никогаш нема да ти го олеснам патувањето или да застанам на него. Не затоа што ми е тешко. Затоа што немам право на тоа. И ако некогаш сакам да ти го свртам грбот кога не треба, да направам повеќе отколку што можам во моментот и да се обвинам себеси за она што можеби нема да можам да го направам, тогаш ќе нѐ сопнам и двете. Ти, затоа што ќе мислиш дека можеш да преминеш пречки само преку мојот грб, а мојот грб нема секогаш да биде толку силен. И јас, затоа што ќе ти ја одземам шансата за успех и среќа. Се откажав од одговорноста и за двете кога те родив. Оттогаш, сама ги направи најголемите работи… се соочи со огромниот непознат свет околу тебе, првпат го вдиша воздухот, се бореше со грчеви, детски настинки, први чекори и зборови. Ѝ се восхитував на таа борба. Бори се за животот. Сè уште се сеќавам на твојата голема насмевка кога го кажа првиот збор и силата што ја видов кај тебе кога со првите чекори ја совлада песочната плажа.

Како што растеш, задачите стануваат сѐ поголеми и потешки, но верувам дека можеш да одговориш на нив. Секоја поддршка на мојот грб ќе значи дека не верувам доволно во тебе. А јас верувам. Најдобрата услуга што можам да ти ја дадам е да се тргнам настрана и да го гледам твојот пат со љубов. Понекогаш ќе ти треба водство, многу пати ќе ти треба охрабрување и јас ќе бидам таму. Ќе бидам таму да те потсетам дека соништата се остварливи, дека желбите се остварливи, само ако сакаш доволно силно, но и дека не треба да живееш без желби и соништа. Мојот успех како родител никогаш нема да биде во тоа колку ќе ти ги исполнувам желбите и ќе ги надминувам препреките наместо тебе, туку колку ќе придонесам за тоа ти самата да ги имаш и да ги постигнеш и надминеш без мене, без никого.

Само тогаш ќе бидам одличен родител кој прави мали грешки, а поради тие мали грешки и големи ветувања ќе бидеш спремна да живееш без мене. И тоа е мојата цел. И дури тогаш тоа што ти си дете ќе биде поважно од тоа што јас сум мајка. И тоа е вистинската работа.

Извор

Поврзани написи

To top