Веднаш на почетокот да разјасниме некои работи. Да, децата се нашата најголема љубов и заради нив „ги спуштаме ѕвездите од небо и правиме ѕвездено јато“ и сето она што ќе го напишам овде пред две години би го сметала за тотална ерес бидејќи религијата „обожавање на деца“, се разбира, била и мој избор под притисок на големо количество окститоцин, пролактин и она што се нарекува прво дете.

Меѓутоа, две деца подоцна, илјада километри истенчени нерви, отсуство од каква било помош и, се разбира, личен суетен капацитет за прифаќање какво било површно влечкање, одлучив во име на таквите мајки, а знам дека ги има, да ја кажам вистината.

Јас ги ЛАЖАМ моите деца. И тоа често.

Кога ќе ме фатат како јадам некои фини и скапи чоколади, јас им велам дека се со бибер или лута пиперка и задолжително ги нудам. Исто така, кога ќе ме прашаат зошто не викаме некој другар од градинка дома, а јас не ги поднесувам неговите родители, а често и самото дете, им велам дека неговите родители многу се зафатени и немаат време. Децата чувствуваат дека тоа не е баш вистина, туку дека вие не го сакате баш тоа семејство, а всушност им кажувате дека луѓето што вам не ви се допаѓаат се многу вредни?!

Исто така, ги лажам за важни работи. На пример, немам срце да им обелоденам, се разбира кога веќе ме прашуваат, дали и тие еден ден ќе умрат. Туку им зборувам дека мноооогуу стари и болни луѓе умираат. И така, сега тие се плашат од стари луѓе!

Кога ме прашаа дали излегле од папокот, им пуштив видео на „Јутјуб“ со вистинско породување и дека излегле од „дунда“?! Се разбира дека таа идеја не им се допадна и наглас викаа „Нееееее!“
Она што исто така никој не сака да го признае е дека често не ги слуша своите деца. Обично тоа изгледа вака:

„Мамо, може нешто да ти кажам? Се разбира, сине. Мамо, знаеш ли дека во Мајнкрафт можеш да зззззззззззззззз… зззззззз… зззззззззззз… и јас сакам тоа да ми купиш“.

Или, „…а тогаш тој рече ззззззззззз, а воспитувачката рече ззззззззззз, а јас направив ззззззззззззз“, а сето тоа време додека се возиме во автомобилот и јас се обидувам да не се убијам, одговарам со АХА, АХА, навистина?

Исто така, децата се досадни.

Понекогаш кога ми велат да си играме со возови, сложувалки или коцки, јас измислувам дека имам многу работа во кујната и одам да си направам за себе некое колаче, кое божем сум го наменила за нив. Или ако сум многу изморена, седнувам на компјутер и вклучувам „Фејсбук“ додека им велам дека имам некоја многу важна работа да завршам.

Кога сите семејно играме „Не лути се, човеку“, јас се обидувам да не го одиграм секој потег наместо нив. Бидејќи ако детето од три години добива три шестки по ред, ќе останеме седум месеци на маса. „Едеен, даааа, тииии, пеееет, децееет! ААААААААААААААА, еден, два, осумнаесет, во куќааа сии! Компулсивно-опсесивниот дел од мозокот ми се згрчува во положба на фетус додека се обидувам да бидам трпелива и да го научам да брои во истата временска зона!

Или, додека играме криенка и тој не може да издржи ниту две секунди скриен на средината од собата?! Веќе вика: „Тука цууум“. И тогаш кога ние ќе се сокриеме и нема да нè најде веднаш, почнува да плаче и да вика „Не е феееј“.

Или кога ќе влезат во фазата „А ЗОШТО?“

„Зошто е оваа трева зелена? Затоа што во себе има хлорофил. А зошто? Затоа што сонцето создава хлорофил во растенијата. А зошто? Затоа што тоа е природен процес. А зошто? Затоа што светот е така направен. А зошто? Хмм, па не знам, немам одговор на тоа прашање. А зошто? Затоа што не сум научила добро на училиште. А зошто? Затоа што бев немирно дете. А зошто? Затоа што моите родители не ме воспитале добро. А зошто? Затоа што случајно ме добиле. А зошто? Затоа што и нив нивните родители ги добиле случајно. А зошто? Затоа што целиот свет е едно збунувачко место. А зошто? Затоа што никој не смислил ништо попаметно. А зошто? (Ми доаѓаат солзи и го барам далечинското за да пуштам „Сунѓерот Боб“ бидејќи ова испитување може да потрае до новата развојна фаза, значи три месеци!!!)

Децата исто така често се однесуваат како мали „Енорес“!

„Имам една тајна, ама нема да ти ја кажам (нананан). Ќе му кажам само на тато, бидејќи него повеќе го сакам (нананан)“.

Или она кога братот ќе му ја искине играчката, па бара и вие да му ја искинете нему за да биде фер?! Или кога не му дозволувате да црта по ѕидот, а тој зема килограм „нутела“, па го мачка ѕидот под креветот. Или кога ќе му се налути на својот брат, па тајно му мачка плунка на перницата! Или кога сте во продавница, а тој ви се заканува дека ќе почне да вреска ако не му купите лижавче, а кога го водите во пошта за да ве пуштат преку ред и малку го штипкате за да почне да вреска, како што сте се договориле, тој тогаш не сака!

И додека размислувате дека ова ви е познато или како тоа никогаш вам не ви се случува, бидејќи сте ја прочитале секоја книга за тоа како да бидете одличен родител и вашиот карактер е подобар од мојот, само размислете што сега прават вашите деца додека се толку тивки в соба.

Автор: Ката Граната



912

X