Потребна е храброст да се даде отказ. Замислете ја ситуацијата во која се откажувате од вашата професија. До неа се доаѓа само ако сте длабоко разочарани или несреќни поради она што го работите.

34-годишната Џесика Џентри од Вирџинија била наставничка во едно основно училиште. Кога дала отказ, повеќето претпоставиле дека таа не била задоволна од платата. Тоа ја налутило, па на својот фејсбук-профил ги објавила вистинските причини и нејзините искрени зборови како пожар почнале да се шират на социјалните мрежи.

– Мислам дека на луѓето им е полесно да веруваат дека го оставив предавањето поради лошата плата. На мојот директор му беше полесно да мисли дека си отидов затоа што најдов нешто што повеќе го сакам. Некој би ги оставил така да мислат, да се чувствуваат пријатно во тие претпоставки бидејќи вистината знае да биде непријатна. Но, јас не сум меѓу нив. Тоа не сум јас.

Дозволете ми да ви кажам зошто оние што имаат голема страст кон предавањето ја напуштаат професијата како да им гори под нозете…

Стариот изговор „децата се променија“. Не. По ѓаволите, не. Децата се деца. РОДИТЕЛСТВОТО се промени. ОПШТЕСТВОТО се промени. Децата се само невини жртви на сето тоа. Родителите работат луди работни времиња, ги користат своите уреди, децата ги доведуваат до нестабилни ситуации, тука е и ужасното медиумско влијание… И потоа го имаме изговорот дека децата се променија? Што очекувавме? Децата се однесуваат на лош начин во опкружување во кое се чувствуваат најсигурно. Тие го тестираат опкружувањето за кое знаат дека нивните грешки и однесувања ќе ги третира љубезно и со сочувство. Тие деца што „се однесуваат добро“, тие имаат тантруми дома, бидејќи таму е безбедно. Децата што превртуваат маси на училиште? Тие дома немаат сигурно место. Нашата училница е првото место каде што слушнале „не“, каде што им биле поставени граници, каде што љубовта им се изразила преку почит.

Среде сето ова треба да бидеме училиште на 21 век. Еден на еден – ученикот со технологијата. Во ред. Тогаш заборавете ги основите на градењето на односот и на учењето. Децата не знаат да ги толкуваат социјалните знаци и да се однесуваат на начин што ќе одговара на опкружувањето. Ајде да ги затрупаме со уште повеќе уреди бидејќи тоа изгледа добро на нашите веб-страници. Во текот на еден разговор за работа ме прашаа: „Како ви оди технологијата? Тоа ни е важно“. Слушам дека шимпанзото Бобо е технички прилично потковано. За себе мислам дека сум одлична со деца.

Наместо да им ја вратиме одговорноста на родителите и да ги направиме наши партнери, усвоивме психологија на кориснички сервис. Видов расправии на „Фејсбук“ за посетување настава и оправдувања. Па еве во што е работата – не можам да го научам вашето дете на што било ако не е на училиште. Ме напаѓаа родителите кои сакаа да дојдат со нас на школски излет, но не ги видоа трите пораки што им ги испратив и кога тргнаа на пат, цело време гледаа во своите телефони. Имаше и родители кои неколку пати не дојдоа на отворените денови, а потоа беа бесни кога одбив да ги примам по работното време. Имаше и родители што ми кажаа дека не ми е дозволено на нивните деца да им кажам „не“.

Моето психичко и физичко здравје беа загрозувани секој ден. Знаев дека вашите деца заслужуваат и им е потребно многу повеќе отколку што добиваат. Кога ги сакаш своите деца и си страстен во својата мисија, те уништува кога ќе видиш дека доаѓаат во валкана облека, од хаос во домот, кога знаат дека им треба повеќе отколку што можеш да им дадеш во училницата, со сè помала поддршка, со различни инвалидитети… тоа те крши. Јадеме бидејќи сме емотивно растроени, лежиме на каучот за да се исклучиме. Нервите ни се кратки, па нашите семејства патат.

Ете зошто.

Конечно сфатив – не можеш да ги спасиш сите. Не можеш да им помогнеш ни на 21 дете ако не си здрав. Ако твоето психичко и физичко здравје не ти се приоритети, тогаш не си добра ни за тие 21.

Го оставив својот фонд за пензија, платеното боледување (46 дена ми останаа неплатени). Не си отидов за подобра плата.

Одлучив да почнам со моето дете дома. Да се обидам да им помогнам и на другите мајки. Бидејќи навистина верувам дека сè почнува тука. Најдов нешто врз кое можам да имам влијание, што не ме остава празна и бескорисна за другите.

Можеби си отидов од училницата, но сè уште се борам за тие деца. Само тоа сега изгледа поинаку“.



912

X