Вообичаените и чести инфекции на увото и проблемите со носот и грлото кај децата може да се поврзани со аутизмот, покажува истражување објавено од германската новинска агенција „Дпа“.

Експертите велат дека нивната голема студија открила врска помеѓу симптомите како што се дишењето на уста, ‘рчењето, тргањето и ставањето на прстите во ушите, како и црвените уши и послаб слух и главните карактеристики на аутизмот и дијагнозата на аутизам кај децата што страдале од инфекции. Тие пронајдоа и докази за поврзаност помеѓу гноен исцедок или леплива слуз од ушите и аутизмот и некохерентниот говор.

Сепак, тимот нагласи дека нивната студија, објавена во списанието „Би-ем-џеј оупен“, не докажува дека овие состојби предизвикуваат аутизам или дека децата со аутизам имаат поголема веројатност да ги развијат овие состојби. Претходните студии исто така укажаа на врската помеѓу овие видови инфекции и аутизмот.

Симптомите на инфекции на увото, носот и грлото се чести во детството

Д-р Аманда Хол, истражувач на Медицинскиот факултет во Бристол и професор по аудиологија на Универзитетот „Астон“, вели дека оваа студија, како што е спроведена, не ни дозволува да кажеме дали има причинско влијание или не.

– Мислам дека тоа придонесува за долго пријавените наоди во литературата дека децата со аутизам имаат различна медицинска историја од децата што не се аутисти. Медицинската историја, вклучувајќи инфекции на увото, е различна кај аутистичните деца во споредба со децата што не се аутисти – вели таа.

Таа додава дека тимот открил дека вообичаените симптоми на увото и горните дишни патишта се почести кај децата со последователна дијагноза на аутизам или високи нивоа на аутистички особини.

– Но, важно е да се забележи дека овие симптоми на уво, нос и грло се многу чести во детството и на повеќето деца кои ги имаат овие симптоми не им е дијагностициран аутизам. На пример, од група од околу 1.700 деца кои ‘рчеле на возраст од 30 месеци, повеќето од нив (1.660 деца) не добиле подоцнежна дијагноза на аутизам – вели таа, додавајќи дека нејзината порака до родителите на аутистичните деца е да се консултираат со својот општ лекар или педијатар доколку се загрижени за увото и слухот на нивното дете.

Биле проучувани повеќе од 10.000 мали деца

Научниците користеле податоци од долгорочното истражување „Деца од 90-тите“, кое ги следело децата од раѓање. Тие проучувале податоци за повеќе од 10.000 мали деца кои биле внимателно следени во првите четири години од животот.

Нивните мајки пополниле три прашалници помеѓу 18 и 42 месеци, во кои била забележана зачестеноста на различни знаци и симптоми поврзани со горниот респираторен систем, како и проблеми со увото и слухот. Пополниле и три прашалници кога нивните деца имале нешто повеќе од три, речиси шест и девет години. Прашалниците биле дизајнирани да ја одредат кохерентноста на говорот, социјалните и комуникациските проблеми, повторувачките и абнормални однесувања и дружељубивоста – особини кои се поврзани со аутизмот. Користена е и документацијата со која е утврдена дијагнозата на аутизам.

Прашањата што им биле поставени на мајките вклучувале: „Дали вашето бебе има болки во увото?“, „Дали дише преку устата, а не преку носот?“ и „Дали влече, гребе или става нешто во ушите?“ Вкупно 177 деца во студијата имале веројатна дијагноза на аутизам. Дури и кога биле земени предвид 10 можни фактори на животната средина, наодите не се промениле.

На пример, децата со гноен исцедок или леплива слуз од нивните уши имале повеќе од трипати поголеми шанси да имаат аутизам на возраст од 30 месеци, додека оние со губење на слухот за време на настинка имале двапати поголеми шанси.

Извор



912

X