– Имам 42 години и бремена сум 12 недели – ја почнува својата приказна Лиса Хачерсон за Baby Centar.

– Да, точно е, ќе бидам постара од јода кога ова дете ќе заврши средно училиште. И да, беше планирано. Што, по ѓаволите, си мислев?

Еве ги моите причини и не велам дека се најдобри. Ако сакаш да го прочиташ манифестот на некој што секогаш донесува совршени одлуки, тогаш предлагам тука да престанеш да читаш. Моите четири главни причини за бременост се:

1. Мачното плачење на моето седумгодишно девојче кое е единственото дете во нашиот училиштен округ што нема ниту брат ниту сестра и апсолутно му треба сега.

2. Доволно време помина од првото породување и заборавив колку е мачен и болен тој период и заборавив на сите медицински проблеми што следуваа по породувањето (кратко објаснување: парализа на дишењето од премногу анестезија за време на царскиот рез и една година интензивна гастроезофагеална рефлуксна болест на ќерката која вклучува секојдневно задушување и напади).

3. Поради некоја необична причина повторно почнав да уживам во бебињата на моите пријатели и сакав и јас едно.

4. Ако Гвен Стефани, Хали Бери, Кели Престон, Тина Феј и многу други познати личности може да имаат дете, а се постари од 40 години, зошто да не можам и јас? Иако тие имаат голем број помошници, асистенти, готвачи, тренери и други луѓе зад себе.

Ова се моите причини. Јас ќе бидам „баба-мајка“ и колку и да сум среќна поради тоа, се провлекуваат неколку непријатни прашања и грижа за себе.

1. Повозрасна мајка значи поголеми шанси за Даунов синдром и поголеми шанси за трисомија и моносомија. И сите други состојби што во себе содржат „сомија“.

2. Мојата кариера повторно ќе падне во бездна – особено ако и второто дете има здравствени проблеми на почетокот, како што беше случајот со мојата прва ќерка. Иако работам од дома, како новинарка и писателка и тоа ми нуди флексибилност, ќе морам по некое време да почнам отпочеток, особено кога станува збор за денешниот свет кога преку ноќ популарни стануваат нови видови технологија, социјални мрежи или нешто трето.

3. Бидејќи првото дете го добив пред седум години, дома немам апсолутно ништо. Сите работи што ги имав тогаш ги раздадов по моите помлади сестри. Време е за шопинг.

4. Дали споменав дека сум стара? Веќе влегов во новиот начин на живот – лудата жена со мачките. Се замислувам себеси на стол за нишање како збунето гледам во моето новороденче и како поради болки во грбот не можам долго време да играм со него.

Од друга страна, сакам да мислам дека постарите мајки имаат повеќе предности.

Пред сѐ, не ме загрижуваат одредени ситни и неважни работи што буквално ме полудуваа со првото дете.

Исто така, сакам да мислам дека стекнав малку мудрост. На пример: спасувањето на детето од сѐ и држењето на детето под стаклено ѕвоно носи повеќе штета отколку корист. Исто така, давањето сѐ што сака го прави центар на универзумот и го учи на неблагодарност.

Моето трпение исто така е на високо ниво. И на крај, знам што можам да очекувам овој пат. Знам колку ќе траат особено тешките фази и дека тие ќе завршат. Но, од друга страна, кого лажам? Ќе бидам „лудата“ мајка каква што отсекогаш сум била: невротична, презаштитнички настроена, попустлива и полна со љубов. Само малку постара.

И да, можеби ова не е идеално време или идеален сплет на околности. Но, тоа е животот. И јас сум подготвена.

Извор

Подготвил: Тамара Гроздановски



912

X