Во моментов веројатно нема да расчистиме дали постојат „Момо“ и „Син кит“. Она што навистина постои се деца кои се самоповредуваат и се повредуваат меѓу себе, а тоа го пали црвениот аларм

Сешто ќе се изначитате кога ќе почнете да пребарувате за игрите на предизвици „Момо“ и „Син кит“, кои наводно ги провоцираат децата да се самоповредуваат, да повредуваат други, па дури и ги тераат на самоубиство. Според едната теорија, преку друштвени мрежи одредени деца добиваат предизвици кои почнуваат со, на пример, гледање хорор-филм доцна во ноќта, а завршуваат со пишување имиња по телото со остри предмети, повредување блиски луѓе, па и самоубиства. Од друга страна, полициите во сериозни држави се огласија дека нема докази оти постојат вакви онлајн-игри, а светски медиуми напишаа дека сè што се случува се базира на лажни вести. Така и има огромна дискусија за тоа „Момо“ и „Син кит“.

И во моментов веројатно нема да ја расчистиме. Она што е сигурно и навистина постои се деца кои се самоповредуваат и се повредуваат меѓу себе и за тоа има купишта фотографии на глобалната мрежа. Од неодамна нè стресоа информации дека опасните предизвици се поврзуваат со наши деца. Директор на основно училиште од Битола алармира дека ученици се самоповредувале. Според една верзија на случувањата, тоа го правеле поради опасните онлајн-игри. Според друга, поради сосема други причини, се мотивирале меѓу себе. Што навистина се случило, ќе истражува полицијата со низа експерти. Она што го пали црвениот аларм е зошто тоа се случило и како овие деца си влијаеле меѓу себе за да направат не само опасна, туку и болна работа.

И размислувањето прво ќе нè одведе во семејството.

Колку често им го даваме телефонот на децата за да си ја одмориме главата по работа? Дали контролираме што гледаат? Полесно ли ни е да го вклучиме телевизорот наместо да играме со нив? Си разговараме ли дома за она што ни се случува, за нашиот свет, за нивниот свет, можеме ли да препознаеме кога некој од семејството има проблем, знаеме ли да пристапиме правилно за да ни каже за него?

До кога ќе се срамиме да побараме стручна помош за проблем и ќе се грижиме повеќе за ставот на комшијата отколку за тоа со што сè сами се соочуваме, со што сè ни се соочуваат децата… Одговорите и на овие и на цела друга низа прашања мора да нè освестат.
Реалноста е дека технологијата не можеме да ја забраниме, ниту на децата ниту на нам, возрасните. Но се губиме кога е во прашање умереноста, со оправдувања и за денес и за утре и за задутре…

Ајде да почнеме да работиме прво дома, па да почнеме да разговараме и за пошироко, за училиштата, за системот, за тоа како секој може да помогне, а не само кога има конкретен случај. Нека не е оправдување тоа дека живееме во тешко време и се соочуваме со огромни предизвици. Сите сме важни како поединци, но и сите формираме важна целина. Ако секој го гледа само сопствениот двор, утре ќе зборуваме и за кумановчиња што се самоповредиле, па за скопјанчиња…

Додека не е предоцна.



912

X