Тинејџерите на кои им е дозволено да играат компјутерски игри како „Фортнајт“ колку што сакаат, подоцна имаат проблеми со менталното здравје. Кај младите што немаат временско ограничување колку време да поминуваат пред екранот играјќи видеоигри, голема е веројатноста да останат да играат и до 4 часот наутро, па така страдаат од недостиг на сон, промени во расположението и депресија.
Експертот за родителство Манди Салигари дава свое видување за недостигот на сон, денот поминат на училиште со „ред бул“ и за опсесијата со видеоигри.
Новата книга на Салигари – „Проактивно родителство“, која ќе биде објавена следната година, го поврзува прекумерното играње видеоигри со недостигот на сон и менталните болести. Таа за „Сандеј тајмс“ изјави:
– Родители, треба да им поставите временска граница на децата за користење на електронските уреди додека се мали, бидејќи кога имаат 11 години многу потешко се контролира времето што го поминуваат во играње видеоигри. Кога се доволно возрасни, тие не ги слушаат своите родители, бидејќи не научиле како да го регулираат времето поминато пред екранот, и сето тоа поради невоспоставувањето правила кога биле помали.
Екраните прават зависност на сличен начин како и алкохолот и дрогата. Родителите треба да го препознаат однесувањето. Тие мора да се обидат да интервенираат и да постават временски граници порано.
– Да се обидеш да му забраниш на тинејџер да игра игра кога има 16 години е исто како да му земеш дрога на зависник – вели Салигари и укажува дека забележува сè поголем број семејства што се обидуваат да најдат помош за децата зависници од видеоигри. Таа додава: „Ова е масовен проблем и постојано расте“.
Во јуни Светската здравствена организација посочи дека зависноста од игрите претставува медицинско нарушување кое треба да се третира во сите земји од целиот свет.