Ако светот е сериозен за намалувањето на емисијата на јаглерод, ќе треба да размислиме како ги храниме нашите деца. Создавањето начини за поддршка и промовирање на доењето, според научниците, е еколошки императив.

Денес доењето ретко се гледа како климатско прашање, но новото истражување од истражувачи од Велика Британија тврди дека производството на замена за млеко претставува закана за животната средина. И тоа не е проблем само за родителите, туку нешто за кое сите можеме да помогнеме.

Се разбира, за оние мајки што не можат да дојат, адаптираното млеко е буквално спасувач на животот што не треба да се осудува или да им се одземе. Сепак, точно е дека производството на адаптирано млеко – и особено „последователното“ адаптирано млеко за мали деца – ја однесе глобалната рамнотежа во прилог на далеку помалку одржлива алтернатива.

Научниците пресметале дека ако мајките ги дојат децата барем шест месеци, светот би можел да заштеди до 153 килограми СО2 на бебе. Само во Велика Британија ова би значело отстранување меѓу 50.000 и 77.500 автомобили од патиштата секоја година.

Важно е да се напомене дека авторите го ставаат товарот на бројот на доени новороденчиња врз владите, а не врз мајките, кои веќе се соочуваат со стрес, осудувања и преиспитувања на нивниот избор. Ним им е потребна нашата помош и поддршка, а не срамот со кој се соочуваат за тоа како ги хранат нивните деца.

– Ова е општествена одговорност за која сите можеме да придонесеме. Културната промена е задоцнета за да се отстранат огромните пречки од доењето со кои се соочуваат новите мајки – пишуваат авторите.

Мајчиното млеко е најеколошка храна бидејќи не произведува отпад или стакленички гасови.

Сепак, само 41 отсто од 140 милиони бебиња родени на глобално ниво секоја година се доени до шестмесечна возраст. А повеќето земји не ги исполнуваат сите мерки на Светската здравствена организација за поддршка на доењето.

Адаптираното млеко е најпопуларна алтернатива, но за негово создавање се вклучени земјоделство, складирање, пастеризација, сушење, ладење, пакување и испорака – а сето тоа бара големи количества вода и гориво. Всушност, на секој килограм млечен прав потребни се 4.000 литри вода.

А тука воопшто не се споменати другите форми на отпад. Пред една деценија секоја година се фрлале по 550 милиони лименки од адаптирано млеко и оттогаш индустријата ги зголеми двојно повеќе.

Денес, само шест земји во светот произведуваат 0,72 милиони тони адаптирано млеко, што изнесува над 2,8 милиона тони СО2.

– Половина од овие стакленички гасови доаѓаат од адаптираното млеко за мали деца создадено како одговор на кодот на СЗО што спречува рекламирање на адаптираното млеко за бебиња на возраст од 0 до 6 месеци кои содржат пораки за да допрат до ранливоста на вознемирените родители – објаснува истражувањето.

– Адаптираните млека за мали деца се непотребни според регулаторите и се потенцијално штетни.

Без разлика дали станува збор за борба против дезинформациите за бесмислени адаптирани млека за мали деца или за подобрување на поддршката за доење, авторите тврдат дека постојат многу начини за намалување на емисиите на јаглерод од адаптираните млека без мешање во правото на избор на мајката.

Тие ги повикуваат владите да го поддржат доењето со инвестирање во медицинска едукација за дополнителна поддршка; обезбедување програми што им помагаат на родителите да развијат планови за хранење; овозможување поголем пристап до донаторско млеко; и со зголемување на бројот на овластени консултанти за лактација.

– Мора да признаеме дека „нашата куќа гори“ и дека следната генерација бара од нас да дејствуваме брзо за намалување на стапките на јаглерод во секоја сфера на животот. Доењето е дел од оваа сложувалка и потребни се итни инвестиции низ целиот сектор – заклучуваат истражувачите.

Автор: Карли Касела



912

X