Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син кој ќе полни 3 години. Мајка му имаше критична бременост и примаше лекарства и инјекции. Како многу мал, беше премногу изложен на телевизор и телефон. На 18 месеци првпат го однесовме кај дефектолог поради сомневање: не зборуваше апсолутно ништо, ни мама ни тато. Дефектологот ни даде надеж дека се работи за „будење“ на детето и дека нема место за паника и треба да работи со логопед и дефектолог. Потоа посветивме повеќе внимание и детето почна да учи зборови и поими. Но имаше и има и други атипични однесувања: вртење тркалезни предмети како стимул, тепање по глава кога му негодуваме, па дури и во сон. Бевме и кај развоен педијатар. Во дијагнозата напишала: можно е аутистично однесување. Со дефектологот што работевме ни рече дека е далеку од аутизам, а истото го рече и логопедот со кој работеше. Следно го однесовме во Заводот за ментален развој, таму беше иследен од психолог и дефектолог и ни рекоа дека сме само испаничени и дека детево е мало за таков страв. Не застана со вербалниот развој, но тантрумите му станаа поголеми: тепањето по глава стана уште поинтензивно, гребење по ѕидот со ноктите, гракање и викање кога не сака нешто, а сè уште не знае на прашањето да каже ДА, НЕ и НЕ САКАМ или САКАМ. Кога сака нешто, директно кажува: „пие сокче“, „ајде во собата играчките играме“ и сл. Кога му се обраќаат возрасни жени, им враќа со силно гракање. Градинката многу ја сака и одлично ја прифати, таму ни кажаа дека избегнува конфликти и дека пополека се опушта. На последниот преглед ни рекоа дека детето добро се развива и пред него да не покажуваме никаква слабост или грижа. Страв ми е да не е ова почеток на тој спектар. Се надевам на помош и да ни кажете каде да се обратиме.

ОДГОВОР: Вашето дете усвојува поими и напредува, но некако тешко му оди социјалниот дел. Од друга страна, убаво се приспособува во градинка и добро му е таму, знае како да се повлекува од конфликти и да се чува. Бидејќи вашето дете има тешкотии во говорот и изразувањето, тантрумите се вообичаени бидејќи сѐ уште не може да каже што сака, што чувствува или што му треба, па поради тие фрустрации така се однесува.

Како што се подобруваат јазичните вештини, така тантрумите ќе се намалуваат. Децата сакаат независност и контрола над она што е околу нив многу повеќе отколку што можат да се справат со тоа. Кога не можат да го имаат она што го сакаат или им се прекинува задоволството, тогаш бурно реагираат, како што и наведовте кога нешто му се забранува. Кога се случува ова, секогаш бидете покрај него, не игнорирајте го и не казнувајте го. Дозволете му да ја искаже својата лутина, на пр., да удира перница, а не себеси, покажете му го тоа вие. Во моментите кога може да ве слушне и види, потрудете се да допрете до него, цврсто прегрнете го, погледнете го в очи, ставете ги рацете на неговите рамена. Секако дека тогаш ви е многу тешко и веројатно сте испаничени, но потрудете се да останете мирни.

Потрудете се да поработите на односот со вашиот син, да му обезбедите сигурен и топол однос, повеќе да бидете присутни, заедно да гледате цртани, на пр., цртани кои во содржината имаат некој однос, да му читате и прераскажувате приказни.
Поминувајте што повеќе време во природа, да трча, скока, да се качува… физичката активност е многу стимулативна за развој на мозокот. Кога детето не се движи многу, тогаш помалку импулси доаѓаат до мозокот. Поради тоа е многу важно да форсирате моторички игри, каде што ќе скока, ќе фаќа топка, ќе преместува нешто од едно место на друго, играјте со него. Мозокот се развива во движење.
Исто така, работете на фината моторика, која е поврзана и со развојот на говорот.

Правете нешто од тесто, дајте му да меси, развлекува, обликува. Наместо тесто, можете да користите и пластелин. Земете весник, па цепкајте го на мали делови, покажете му како да цепка на помали делови. Ставете магнети, па барајте места каде што можат да се залепат. Ставајте и бројте, учете ги боите, да проба да ги лепи и со десната и со левата рака. Нижете мониста, сликајте со прсти, сложувајте сложувалки. Да откопчува и закопчува копчиња. Учете да ги именува и покажува деловите од телото. Одлично е што сака да бои и да црта, што повеќе нека се забавува со тоа. Бидете доследни, да ги собира играчките ако ги растурил, ако нешто не му давате, да не попуштате само за да не вика.
Минимизирајте го неговото време пред телевизорот и имајте контрола над тоа што детето го гледа. Мобилниот заборавете го. Обрнете внимание и на исхраната, што помалку шеќери. Продолжете со работата со дефектолог и логопед.

Еве неколку идеи за развивање на фината моторика дома
https://www.littlelifelonglearners.com/2020/03/8-activities-to-develop-fine-motor-skills-at-home.html/

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X