Со летните одмори го врзуваме и поимот слободно време и сето она што со него доаѓа. Одмор, забава, спиење, хобија, опуштање… Можеби е ова идеален период од годината да си го поставиме прашањето – дали во контекст на динамичниот, зафатен, натрупан свет на денешницата кој брза околу својата оска ловејќи се самиот себе, во вителот на тоа шизофрено секојдневие, воопшто ги учиме децата за слободното време? Какви пораки им пренесуваме: Ги учиме ли дека е во ред да се застане, да се одмори и да се занимава со работи што не се поврзани со некоја прагматична цел? Или, пак, несвесно им порачуваме дека секоја работа мора да биде утилитарна, а секој временски исечок да биде исполнет со тој утилитаризам?

Пишувањето на овој текст го одолжував со денови, односи ноќи. Не можев да ја пронајдам главната нишка, суштина на текстот. Се вртев околу безделничењето и грчкиот одмор, важноста на досадата, развојот на личноста… неповрзани работи кои никако да се поврзат во смислена целина. Тема која ми стана товар и ја доживував како промашување. Сè додека лутајќи, не сфатив дека темата е всушност идеална. За мене лично и за „хомо економикусот“ како вид кој преовладува. Ја погодува суштината не само кај мене, туку и кај масата други луѓе што го вовеле императивот на продуктивноста и вредноста на „воркохолизмот“.

Во ред е да не се прави ништо и да се наполнат батериите

Брзиот и хиперпродуктивен современ свет произведе мравјалник за воркохолиците на кои совршенството им е патоказ, а максималното продуктивно користење на секоја секунда во денот е единствен правилен модалитет на егзистенцијата. Да не се работи нешто што има конкретна цел во која било димензија на животот, хуманоидната мравка го доживува како губење, расфрлање на временскиот простор во кој би можело нешто да се направи. Нему, нам, мене, тебе, поговорката „amici, diem perdidi (пријатели, го изгубив денот)“ ни е најболен стих за вина што нè тера во очај. Времето се претвори во највредна валута. Секогаш ни треба повеќе време за да успееме да направиме уште нешто. Уште, уште! Повеќе, повеќе! Побрзо, побрзо! Како ние вакви, како работен булдожер, можеме на децата да им ја пренесеме пораката дека е во ред човек да се одмори.

Се сеќавам на еден состав на едно девојче, денес девојка. Ивона. Темата беше „примери на кои се угледуваме“. Таа ги наброила сите членови на потесното семејство и објаснила зошто секој од нив ѝ е пример на кој се угледува. За мајка ѝ напишала дека ѝ е пример бидејќи ја научила дека е во ред да се застане и да се одмори. Да не се работи ништо и да се наполнат батериите. Така некако. Тој дел од составот ми беше како некое просветлување, но само во теоретска смисла оти не бев подготвена да почнам да го практикувам. Но, мислата се вгнезди некаде во мене и долго, долго ферментираше… под влијание на „обработување“ и „уште само ова“, чувството на вина и постојаното прашање „се занимавам ли со нив (децата) доволно“, под висок притисок и висока температура на сè подолгиот „да се направи“ – список, полека созреваше. И еве ја. На пат е да стане зрел плод и да шири семиња на мудрост за тоа како е важно да се одмораме. Уште едно откривање на топлата вода.

Кога ќе застанеме, чувствуваме вина

Шегата настрана, факт е дека работниот ритам нам, на мравките, ни стана и животен ритам. Се претворивме во „перпетуум мобиле“ кое бесконечно се движи и движи, без да сопре. Бидејќи, кога ќе сопре, чувствува вина. Вина, бидејќи го троши она највредното, а тоа е времето, наместо да го пополни со искористување на енергија која ќе се претвори во некаков облик на работа. Како тој „перпетуум мобиле“ ќе ги научи своите деца за вредностите на слободното време? Особено кога и самото слободно време ги примило контурите на своевидните обврски, станувајќи попатно сврталиште, одморалиште, на кое треба да се види, вкуси, допре, доживее што повеќе – торба која треба да се наполни со искуства и доживувања пред да се врати на редовниот колосек.

И на овој текст малку му фалеше да стане каталог-препорака за поминувањето на слободното време или да проповеда колку е важно да се досадуваме, но со тоа би бил само едно од оправдувањата на „работното слободно време“ во кое мора да се оди на некои активности, да се читаат книги, да се патува, да се занимава со хобија… каде што на децата мора да им биде здодевно за да се развиваат. Тоа е слободното време од „да се направи“ – листата. И да ја искористам изреката на еден јунак од стриповите кој сакав да го читам во деновите исполнети со слободно време, одамна, на топлината и под дрво со смокви. „Дојде до тоа да мораме да се учиме да се одмораме“.

Автор: Маја Јерчиќ



912

X