– Нека биде анонимно, моето име и презиме не значи ништо, тоа ѝ се случува и на Ана, и на Марија и на Јелена, и на Марко и на Петра. Но, нека биде јавно, да му помогнеме на некој што смртта ја гледа како излез.

Имам 16 години и имам огромни акни што некои момчиња од класот ги нарекуваат „кратери“.

– Еве ја, со кратерите – слушам. За мене, онлајн-наставата е спас од понижувањето.

Затворете нѐ за никој да нѐ ме гледа како чудовиште. Не сакав да се убијам поради тие акни, тие само го засилија чувството на неприпаѓање и пониска вредност што ги учам уште од основно.

Јас сум од оние што не се дружат со никој затоа што сум повлечена, мирна, тивка кога зборувам и има лице од кое сите за грозат. Неинтересна.

Се случуваше некој да слави роденден, а другиот ден на училиште да дознам дека само јас не сум поканета. Болно е, иако на постарите ова што го пишувам им е смешно.

Тие имаат „стопати повеќе грижи од моите акни и отфрленоста“.

Моите родители постојано зборуваат за станбен кредит затоа што не сакаат повеќе да бидеме станари, но не заработуваат доволно, па татко ми почна да работи уште една работа и сега повеќе не го гледам. Мама постојано е нервозна поради тоа, вели дека сето тоа ѝ е преку глава.

Не зборуваме, освен: – Како беше на училиште? Имаш домашна? Како помина на писмена?

Одлична ученичка сум, имам четворка само по математика. Сакам да учам, никогаш сум немала проблем околу тоа. Три години тренирам пливање со скокови во вода. Тренерот е многу задоволен од резултатите. Моите родители немаат проблем со мене и тоа, колку што сфатив, е причина зошто не зборуваме. Бидејќи сум вредно, работливо дете кое нема проблеми.

Но, не е сè така. Ни одблизу. Би сакала да ми беше дадена тема за писмена работа: „Самоубиство – кукавички или херојски чин“. Тогаш би можела барем некому, професорката е прекрасна жена, да му кажам како се чувствувам.

Можеби меѓу редови ќе сфатеше дека не сум добро, иако изгледам како секој ученик во училницата, па ќе посакаше да разговара со мене.

Ми требаше разговор, но не сакав тоа да биде со родителите. Неколку пати се обидов да им кажам дека се чувствувам отфрлена и тажна поради лицето, но тие само ми рекоа: – Хормони, ќе помине. Мачкај ги со тој крем.

Замислете да им кажев дека размислувам за самоубиство. Не би ме сфатиле сериозно, особено мајка ми. Ќе речеше дека е пубертетска фаза и дека сите ја имаат. Се чувствував ужасно во текот на деновите кога одевме на училиште и ме исмејуваа. Секое одење на лекар-дерматолог, кој ми го гореше лицето со малку течен азот, само правеше уште поголем проблем.

А само сакав да се вклопам, некој да ми даде шанса да го сакам, не сум секогаш тивка, но сите се тргаат и јас се повлекувам уште повеќе. Неколкумина, со кои го поминував големиот одмор, го правеа тоа од сожалување, барем јас така се чувствував.

Беше седум часот навечер кога излегов од дома тој ден, татко ми сè уште беше на работа, мајка ми гледаше станови на нејзиниот лаптоп. Ѝ реков дека одам на прошетка, а таа кимна со главата.

Зградата од која планирав да скокнам почна да се гради, па престана да се гради, има дупка во оградата и така влегов.

Се качив полека, како да одам да посетам некого, без страв што одам да се самоубијам. Тешко е да се објасни сега, како да си свесен за себе, а не си.

Ги сакам мама и тато, знам дека и тие ме сакаат, знам дека сакаат стан за некоја подобра иднина, но во тој момент јас не сакав иднина, не сакав да одам на училиште и ми беше тешко да кажам затоа што знаев дека тоа ќе ги скрши, тие секогаш мислат дека се во право затоа што се постари и дека ние измислуваме проблеми.

Прво застанав на работ на покривот, а потоа седнав. Нозете ми висеа и за момент беше убаво. Почна да врне и јас го вадев јазикот за да ги фатам капките како кога бев дете.

Набрзо сè ќе биде готово и дождот ќе биде минато. Почувствував вртоглавица затоа што станував сè посвесна дека наскоро ќе се фрлам и се сетив на крвта која не ја сакам, но не се сакам ни себеси. Дождот врнеше сè повеќе. Одлучив да го направам тоа од седечка положба, иако скокот на глава ќе беше посигурна смрт. Вежбав последните месеци на тренинзите, иако во базенот.

Вчера петмина ми рекоа да се запалам и дека мене не може да ми помогне ни филтер. Дали знаете како се чувствувам во тие моменти?

Малку се поместив нанапред.

Од кого би можела да побарам помош? Јас сум таа со кратерите што предизвикува смеа кога влегува во училница. Уште еден ден на училиште ќе ме убие, па затоа подобро сама да се убијам. Родителите не би ми верувале, не сакам да ги повредам со мојот „глупав проблем“.

Заѕвони телефонот. Мама. Не се јавив. Ѕвонеше петпати, а потоа повторно по неколку минути. Можев да замислам како почнува да паничи тато, бидејќи сум добро дете кое никогаш не прави проблеми, се враќа кога ќе каже, легнува навреме, чува сè во себе за да не повреди никого, глуми дека е во ред, се смее сосила, се затвора во соба за да чита лектира.

Почнав да плачам. Во тој момент ми беше жал и за нив, и за мене, и за Дуња, нашиот мелез кај баба ми во дворот. Само нејзе не ѝ пречеше моето лице.

Плачев, и плачев, и плачев, го извлеков телефонот од јакната, ѝ се јавив на мајка ми и плачејќи ѝ реков: – Мамо, сакам да се убијам, помогни ми, мамо! Почна да ме смирува, избираше реченици, ми рече да останам таму додека не дојде. Но, не сакав да дојде сè додека не ѝ кажев сè, не сакав да ја гледам в очи.

Ѝ кажав сè, дека сум ништо, дека ми велат да се запалам себеси наместо акните, дека се чувствувам лошо, дека не сакам повеќе да одам на училиште, дека не си го сакам животот.

Таа само плачеше повторувајќи: – Душа на мама, мило мое бебе. Кажи ѝ на мама дека слезе од покривот, те молам, не прави го тоа. Зошто не ми кажа, зошто не ми кажа? Додека двете плачевме преку телефон, дојде тато, воден, исплашен, липајќи.

Не разговаравме таа ноќ, само сите заедно легнавме в кревет. Мајка ми ми го бакна лицето како првпат да сфаќа сериозно и ми рече: Мила моја кожа.

Конечно сфати дека никогаш не бев среќна како што се чинеше. Тоа сознание ја промени. И неа, и тато.

Наредниот ден отидовме на психотерапевт и оттогаш веќе три месеци редовно одам на терапија, некогаш сама, некогаш со нив.

Учам да се прифатам себеси. Да се сакам себеси со акни.

Да не ја губам волјата за живот затоа што некој не е добар со мене во одреден момент. Дека не проблем што не може да се реши.

Сето ова го пишувам бидејќи би сакала да има повеќе вакви теми на писмена, за никој да не помисли дека се лоши, којзнае колку деца не можат да разговараат со родителите, немаат со кого да разговараат, а помислуваат на најлошото.

Би сакала училиштата поотворено да почнат да зборуваат за проблемите што ги мачат младите, за нивните чувства, за превенција.

Да се разбијат табу-темите, тоа е поважно од дропките.

Ги молам луѓето, родителите, наставниците, професорите, да сфатат дека депресијата не ги погодува само постарите луѓе, дека нашите проблеми нам не ни се мали и смешни, дека понекогаш тие се поголеми од волјата за живот, дека фактот дека сме само тинејџери во тој момент не значи многу, како и дека фактот дека „животот е пред нас“ создава уште поголем притисок, бидејќи тоа значи повеќе живот со проблеми.

Немојте да молчите за ова, бидејќи се случува. Немојте да се изненадувате од вакви теми за писмените. Младите се убиваат.

Сакав да го завршам одбивањето од околината скокајќи од зградата. Сите би рекле: – Не ѝ фалеше ништо, одлична ученичка, спортистка, нормално семејство.

Но, ми фалеше, љубов кон себеси.

Постои помош.

Ве молам споделете ја мојата приказна и напишете дека реков дека не е срамота да побарате помош.

Извор



912

X