Родовите стереотипи дека момчињата треба да си играат со колички, а девојчињата со кукли паѓаат во вода кога станува збор за развојот на детето преку игра. Имено, играњето со кукли носи придобивки и за момчињата и за девојчињата бидејќи тоа е првенствено алатка за игра која помага во играњето улоги.

Играњето со кукли го поттикнува развојот на имагинацијата

Освен тоа, куклите го доведуваат детето во состојба на возбуда, разиграност, ја поттикнуваат неговата мисла, имагинација и емотивен свет, му овозможуваат побогато да го изрази своето искуство за светот. Куклите кои оживуваат во неговата рака му овозможуваат да учествува во имагинарен свет што тој самиот го создал. Куклата ги заменува живите суштества, детето манипулира со неа во играта како што сака и најчесто како што не може во реалноста.

Кукла како терапевт

Помалите деца живописно манипулираат со куклата, превртувајќи ја и истегнувајќи ја. Куклата е во центарот на нивната игра. Отпрвин детето е задоволно со тоа што ја има куклата во раката и може да ги истражува нејзините физички својства. Постарите деца ја намалуваат моторната активност во таква игра. Тие логично ги дизајнираат движењата на куклата, се изразуваат во подолга монолошка и дијалошка форма која е логично поврзана.

Игрите со кукли ја поттикнуваат детската емотивност. Детето може да ја пренесе својата вознемиреност на куклата, да разговара за своите проблеми со неа и несвесно да ги анализира.

Игрите со кукли можат да придонесат за емоционално олеснување на конфликтната ситуација. Најдобро време да му подарите кукла на детето се предучилишните години бидејќи тогаш почнува да глуми настани од сопствената имагинација, но и од реалниот живот. Момчињата се гледаат себеси како татковска фигура, па затоа е нормално да си играат со нив. Куклата може да му послужи и на учител, родител, актер, педагог како пример за добро и лошо однесување, тажни и весели изрази на лицето… Куклите се одлична наставна алатка.

Комуникациски вештини

Монологот е најчестиот облик во детската игра: детето ја гледа куклата, ја чувствува, ја става на раката, се обидува да изведе различни движења со неа и веднаш сака да зборува. Најпрво го проучува сопствениот глас од кој често е изненаден. Дури потоа почнува да изговара зборови, па реченици и на крај комплетни текстови, најмногу поврзани со сопствениот живот и личните искуства.

Детето со куклата в рака почнува да си зборува и така го започнува првиот монолог во кој несвесно до израз доаѓаат говорните квалитети, како бојата на гласот, времетраењето и јачината на тонот и слично. Детето се воодушевува од таквата игра и ја повторува безброј пати. Куклата го поттикнува да си игра со сопствениот глас.

Детето што си игра со кукла започнува и социјален контакт со другите деца, сакајќи да ги вклучи во играта. На тој начин тоа ги развива комуникациските вештини, а посредникот е марионета.

Со набљудување на играта, родителите добиваат увид во развојот на детето

Возрасните, слушајќи го детскиот монолог, можат да го откријат говорниот потенцијал на детето. Претставата можете да ја збогатите со кукли со раскажување приказни, читање и пеење песни. Во ваквите облици на дружење децата ќе се ослободат во говорот и со уште поголема радост ќе ги земаат куклите и ќе измислуваат нови игри.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X