Нашиот син редовно си легнува и станува во исто време, така што според него можете да го навиете часовникот. Освен ако не лажеме, како и сите родители.

Има деца што никаква сила не може да ги натера навреме да одат на спиење. Нашиот Амир, за среќа, не спаѓа во таквите. Тој оди на спиење точно како саат. Такво дете е вистинско богатство! Во 20:30, ни минута порано или подоцна, тој оди на спиење, а станува во 7 наутро свеж како роза, точно по советот на лекарот и по желбата на родителите. Сè е тоа работа на дисциплина.
Целиот тој педагошки успех има само една финта – сето тоа не е вистина. Јас, имено, лажам, лажам како и сите родители. Амир всушност си легнува помеѓу 23:30 и 2:15, што зависи од ѕвездите на небото и од ТВ-програмите, па наутро едвај на четири нозе се извлекува од креветот. Во недела и на празници воопшто не станува.

Малиот, навистина, не се противи да си легне во 20:30 часот, како што препорачуваат лекарите. Точно во тоа време ги облекува пижамите и легнува в кревет, дури и им посакува добра ноќ на родителите. По некое време – да речеме една, една и пол минута – тој повторно станува за да си ги измие забите. Потоа сака нешто да се напие, потоа мора да моча, потоа го прегледува ранецот да не заборавил нешто, потоа повторно нешто ќе се напие, попатно ќе изгледа цртан на ТВ, потоа малку ќе си поигра со кучето, па пак оди да моча, потоа некое време во градината ги набљудува полжавите, после гледа јорданска ТВ-програма, а потоа тргнува во експедиција барајќи низ кујната нешто благо.
И така сè до 2:15 минути, кога е време за спиење. Секако дека таквиот начин остава последици. Амир е блед, речиси проѕирен, со големи црни кругови околу очите, па личи на дух со очила. Учителот ни се жали дека понекогаш заспива среде час и паѓа од клупата. Препорачува психотерапија. Нè праша кога си легнува Амир. Му одговоривме: точно во 20:30 часот.

Долго нè мачеше помислата дека сите деца во нашиот комшилук одат навреме на спиење, како онаа малечкана Авитал, Гидоновата ќерка. Гидон вовел апсолутна послушност и челична дисциплина во своето семејство – тој е газда во куќата и тука нема дискусија. Авитал си легнува точно во 20.45 часот. Сами се уверивме во тоа кога една вечер бевме кај нив на гости. Во 20:44 часот Гидон фрли поглед на часовникот и само мирно и кратко рече:
– Тали. Во кревет.
– Ни збор повеќе. Тоа беше сосема доволно. Тали стана, ни посака на сите „добра ноќ“ и си замина во својата соба без коментар. Тоа се вика дисциплина! Најдобрата сопруга на светот и јас умиравме од срам во нашите фотелји при помислата дека во исто време нашиот син Амир лута дома низ полумрачните соби како Хамлет во Елсинор. Се срамевме така сè со 2 часот по полноќ.

Во 2 часот наутро се отвори вратата и на прагот стоеше послушната мала Авитал, сосема будна, држејќи в рака купче весници.
– А каде е неделниот прилог? – праша.
– Сега на Гидон му беше ред да умира од срам. Оттогаш на сите наши гости им кажуваме дека нашите деца одат на спиење точно во секунда!

Всушност, ние многу добро знаеме што придонесе за тоа Амир да не може да заспие навреме. Со вирусот на несоница се зарази во текот на Шестдневната воја, кога цели ноќи радиото јавуваше вести од фронтот, а ние немавме срце да го избркаме на спиење. Таа педагошка непромисленост ја плаќаме така што сега го оставаме по цела ноќ да лута, да мие заби, да си игра со кучето, да моча, да ги набљудува полжавите и сл.
Еднаш го начекав Амир околу 3 часот ноќе во кујната како се обидува да прошверцува шише „кока-кола“ под раката.
– Зошто не спиеш, сине? – го прашав.
– Затоа што ми е досадно да спијам – гласеше прилично неочекуваниот одговор.

Се обидов да му наведам примери од многу животни што си легнуваат со сонцето и стануваат со сонцето, на што тој ми врати пример со бувот, кој му е идеал од мали нозе, што би значело од завчера. Размислував дали нема да е најдобро да го исплескам по задникот, но најдобрата сопруга на светот се спротивстави на тоа зашто не може да поднесе да ѝ ги тепам децата. Не ми преостана ништо друго освен со остри зборови да го натерам да оди на спиење. Амир послушно замина и до 3 часот решаваше крстозбори.
Се обративме на психотерапевт, кој веднаш нè предупреди ништо да не се обидуваме сосила зашто тоа би можело да остави трага во неговиот душевен живот.
– Природата сама ќе се погрижи ако ѝ дадеме шанса за тоа – ни рече.
– Ѝ дадовме шанса на природата, но таа не ја искористи. Кога еднаш во 3:30 часот го начекав Амир како со креда во боја црта авиони по ѕидовите, толку збеснав што веднаш му се јавив на попустливиот психотерапевт.
Од другиот крај на линијата ми се јави мил детски глас:
– Тато спие.

Спасот дојде во текот на празникот Пасха, кога учениците имаат распуст.
Не се случи тоа одеднаш. Првиот ден од школскиот распуст Амир остана буден до 3:45 часот, а другиот ден не склопи око до 4:20 минути. Неговиот бурен ноќен живот и нам ни го наруши сонот зашто не можевме мирно да лежиме и да броиме овци додека нашето сопствено јагне лудува по куќата. Секој ден стануваше сè полошо. Амир заспиваше сè подоцна. Најдобрата сопруга на светот сакаше добро да го истепа по задникот, но јас се спротивставив на тоа зашто не можам да дозволам да ми ги тепа децата.
Една бессона ноќ наеднаш ѝ светна спасоносна идеја.
– Ефреим, рече и се исправи во креветот. Колку е часот?
– Пет и десет – се проѕевнав.
– Ефреим, јас мислам дека времето за спиење на Амир веќе не можеме да го поместиме наназад. Зошто тогаш не би го поместиле нанапред?
На прв поглед нејзината идеја се чинеше прилично револуционерна, но потоа се покажа и воспитно многу мудра. Им дадовме на неговите воспалени, со црвено порабени очи целосна слобода. Уште повеќе, го поттикнувавме воопшто да не спие.
– Легни си в кревет кога сакаш. Така е најдобро за тебе. Се покажа дека нашиот син е спремен да соработува, а еве ги и резултатите од таа соработка:

Третиот ден заспа во 5:30 часот и се разбуди попладнето.
Осмиот ден спиеше од 9:50 до 18:30 часот.
Тринаесеттиот ден легна во 15:30 часот и се разбуди свеж на полноќ.
Шеснаесеттиот ден заспа во 6 попладне, а стана со петлите.
Последниот, 21. ден од распустот, Амир се надмина себеси. Заспа точно во 20:30 часот и се разбуди точно во 7 часот, точно така како што ни препорачуваат лекарите. На тоа и остана. Нашиот син редовно си легнува и станува во исто време, така што според него можете да го навиете часовникот. Освен ако не лажеме, како и сите родители.



912

X