Александар Ковачевиќ од Ивањица, кој работи во основното училиште „Сретен Лазаревиќ“ во селото Прилике, го почнал проектот за пчеларство за учениците од петто до осмо одделение.

– Проектот во основното училиште „Сретен Лазаревиќ“ почна на почетокот од учебната година како дел од проектот на министерството – збогатена едносменска работа. Ова значи останување на децата на училиште и по редовната настава и нивно вклучување во разни активности. Во нашето училиште, кое е познато по воннаставните активности и по учеството во разни проекти, покрај пчеларството, министерството одобри уште четири проекти. Секој од нив се одвива четири пати во текот на работната недела – вели Александар.

Поради пандемијата со коронавирусот, училиштата се затворени, но проектот пчеларство, како и другите проекти, продолжи да се одвива преку настава на далечина.

– Кога добивме предлог да почнеме проекти во рамките на едносменската работа, посакав да направам нешто со децата, но мислев дека би им било попривлечно по завршувањето на редовната настава да направат нешто ново, нешто што не го направиле во текот на училишните часови. Така дојдов до идејата да се обидам со пчеларството – раскажува Александар.

Раскажува од каде потекнува неговото знаење за пчеларството, со оглед на тоа дека предава српски јазик.

– Голем број пчелари ја продолжуваат семејната традиција на пчеларството. Мојот татко се занимава со пчеларство повеќе од 20 години, а јас уште во детството бев со него, учев основни работи и му бев од помош. Низ годините моето присуство се засилуваше и почнав сериозно да се занимавам со литература и практичен дел на пчеларството. Најдобрата школа е праксата, но неопходно е постојано усовршување. И за себе можам да речам дека сум на почеток, бидејќи секојдневно се слуша и се учи нешто ново. Децата во текот на нашиот проект учеа основни работи, поими и техники и врз нивна основа тие би можеле да го засакаат пчеларството, но се здобија и со одлична основа за понатамошно учење и работа – вели Александар.

– Бројот на деца што доаѓаат варира, како резултат на објективните околности: оддалеченоста од дома, лошото време во текот на зимата, обврските на училиште, други проекти, тренинзи. Но, бројот е задоволувачки.

Како изгледаат часовите по пчеларство?

– Пчеларството практично стана наука и занимавањето со него бара постојано следење на литературата, промените и новите тенденции во светот. Поради ова, а земајќи предвид дека станува збор за живи суштества, беше потребно пред директен контакт да се помине низ најважен теоретски дел. Секако, за на децата од петто до осмо одделение да им биде интересно, теоретската настава се реализира преку илустрации на хамери, изработка на асоцијации, квизови, симулации на вежби на празни кошници и рамки. Преку учење формиравме и речник со пчеларски термини – вели Александар. Бил планиран и практичен дел, односно вежби на почетокот од пролетта.

– Децата најмногу го чекаа практичниот дел од наставата, но, за жал, вирусот ни ги затвори училиштата и ни го скрати тој аспект.

Истакнува и дека стекнал впечаток дека децата немаат страв од евентуално каснување од пчела, но, секако, превентивно зборувале и за алергиските реакции и потребата од носење заштитна опрема.

За децата ова е нешто ново и им се допаѓа, но какви се реакциите на родителите?

– Мислам дека и на родителите им се допадна бидејќи им дадоа поддршка на децата. Треба да се каже дека станува збор за приградско училиште, каде што голем број од децата се од руралните подрачја, така што, без поддршка од родителите, кои се организираа околу превозот, не би успеале да го спроведеме проектот.

За крај, Александар порачува дека е убаво што децата развиваат љубов кон пчелите и природата – сето ова еден ден може да има и примена бидејќи во иднина може да им биде хоби, основен или дополнителен извор на приходи.

Извори: Нејшанал гиографик Србија и Мондо



912

X