Немојте да бидете премногу зафатени и практични и од тој агол да го напаѓате и озборувате снегот.
Снегот е небесна убавина и добрина. Снегот треба да го сакате, треба да му се радувате, да го почитувате.
Старите и мудри луѓе, кои паметат и знаат многу, подраниле утринава, го собираат снегот, го тријат меѓу своите раце… Како да се познаваат, како некогаш одамна да биле заедно, некаде каде што и ним и на снегот им било поубаво.
И децата се радуваат на снегот. Постои некоја длабока, атавистичка поврзаност меѓу децата и снегот. Децата го паметат она што возрасните го заборавиле: во нивните гени сè уште е свежо сеќавањето на далечното родно место во зимска идила, каде што се родиле и првпат прозборувале и запеале.

Паѓа снегот и покрива сè што било. Ни се чини дека ќе почнеме сè од почеток, после овој снег. И дека сè ќе биде поубаво и почисто отколку што било.
Кој едноставно не може да не биде зафатен и практичен, нека гледа на снегот како на една од мерките за заштита на животната средина или како на важна агротехничка мерка за зголемување на производството во земјоделството.
Баш ни е жал ако не можете со вашиот автомобил да одите на работа!
Земете ги вашите брачни другари и качете ги на грб бидејќи тие со своите дизајнерски италијански чизми навистина не можат по овој снег.

Автор:  Душан Радовиќ, Баш свашта, собрани записи, Завод за учебници, Белград, 2008.

 



912

X