Игротека

Драги триесет и нешто годишни мајки…

Драги триесет и нешто годишни мајки,

Ве гледам во супермаркет, ве гледам во паркот. Ве гледам пред училиште, во возови и во ресторани. Понекогаш ме гледате и вие и си разменуваме насмевки, превртување на очите и моментот „да, те сфаќам“.

Но, честопати не ме гледате – го бркате вашето детенце по патеката, го гледате како се искачува повисоко отколку што би сакале, го предупредувате да не го удира брат му, посегате по влажни марамчиња, го бришете истуреното млеко.

Пред неколку дена бев на базен – ако постои остра метафора за животот на мајките во нивните триесетти, тогаш базенот е тоа. Таму можете да пронајдете секаков вид – стереотипите за кои се заколнавме дека нема никогаш да бидеме.

Таму никогаш не можеме да се релаксираме, нашиот фокус е целосно на нашите деца. Уморни сме. Расеани сме. А до нас се наоѓаат блескавите девојки од дваесет и нешто години. Читаат списанија, разговараат со пријателите, седат на „Фејсбук“. Тие се одморени. Имаат тен и се величествено несвесни за она што допрва ќе им дојде. Тие дури и не нè гледаат. Или ако нè гледаат, се колнат дека никогаш нема да бидат како нас.

Во ред е. Сме биле и ние на нивните места и не сме навредени.

Вистината е дека ние имаме мали деца и поради тоа, наредниот период од нашиот живот нема да бидеме приоритетни. Ќе спиеме според распоредот на нашите деца/новороденчиња. Нашата коса нема да биде средена толку често колку што сакаме. Стомачни? Склекови? Ќе бришеме носеви и газиња и ќе го чистиме нередот направен на ѕидовите. Ќе готвиме постојано и нема да станеме од масата сè додека не се изеде и последното зрнце грашок.

Ќе поминуваме часови читајќи приказни за нашите деца, до моментот кога ќе заспиеме во нивниот кревет. Течно ќе го зборуваме јазикот на „Патролни шепи“, „Пепа прасе“ и ќе ги користиме овие ликови како закани, мито или дигитални дадилки за да можеме да се истушираме.

Ова се триесет и нешто годините. Не е лесно – и тоа е вистината.

Но, постои и друга вистина. Покрај девојките од дваесет и нешто суптилно се сместени четириесет и нешто годишните. И тие се одморени. И тие имаат тен. Тие се сами, тивко читаат книги. Нè гледаат и сочувствуваат со нас, но и се смешкаат. И тие биле на наше место и знаат дека овој период не трае вечно.

Четириесет и нешто се годините кога се враќаме на себе.

Не дека посакувам да помине времето со моите деца. Иако триесет и нешто годините се малку заматени, сепак, се вистинска магија.

Затоа што повеќе никогаш нема да го почувствувам мекото обравче во средината на ноќта. Малите рачиња нема да ме гушкаат откако ќе падне. Прекрасниот мирис на бебето и приказните за добра ноќ. Повеќе нема да ги слушаме „Ја сакам мама“ и „Те молам помогни ми“.

Да, доаѓаат четириесеттите и ќе бидат блаженство. Но, не дозволувајте да дојдат премногу брзо. Ќе се изгубам себеси цела деценија, но мајчинството е прекрасно нешто за кое вреди да си изгубен.

Автор: Кетрин Дитрих

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top