Никој не сака да му е досадно. Луѓето не сакаат досада, мајките, татковците и бабите не сакаат децата да им се досадуваат. И воспитувачите се трудат во градинка да нема досада. Цело време детето мора да се занимава со нешто и да се забавува за да не му биде досадно. Само да не остане само со себе.

Досадно ти е? А зошто е тоа толку страшно? Што се случи? Што има лошо во тоа? Зошто толку загриженост затоа што ти е досадно? Затоа што мајката на детето што му е досадно е „лоша мајка“? Детето на добрите мајки никогаш не се досадува? Многумина велат дека детето треба да оди во градинка бидејќи дома е досадно. А не е досадно во градинка? Поради музиката и разните активности? Тука нема многу развој. На децата им се кажува што да прават, а не што тие сакаат. И не кога тие сакаат.

Детска досада

Уметноста е родена од досада. Кога е безбедно, топло, удобно и убаво. Тамам човек да почне да се забавува со нешто. Така почнуваат да се откриваат вистинските интереси на децата, спонтано и често изненадувачки за возрасните.

Од постојана стимулација исчезнува креативноста. Исчезнува вистинската креативност – онаа оригиналната, индивидуалната. Онаа што допрва треба да допре. Детето не ни стигнало да сфати што сака, да проба вака или онака, па да види како му изгледа – кога ете го забавувачот кој го уништува креативниот нагон кој штотуку срамежливо се појавил. Да испечати шаблони. Ова е куќа, ова е сонце, ова е маче. Тоа е тоа. Разбирливо и лесно. Сите мирни и безгрижни. Безбедно е. Сè е во ред. Постигната е целта. Програмата е исполнета.

Досада на мајката

Ова е посебна приказна. И сама долго време бев во заблуда. На мајките да им е досадно со роденото дете? Или на детето со мајката? Тоа е неприфатливо. Треба да биде весело, забавно и позитивно!

Но, мене ми е досадно. Често ми е досадно. Почесто отколку што би се осмелила да помислам.

Не ми е забавно 30 пати да ја прочитам „Пепелашка“. Не ми е забавно да собирам играчки, постојано да „готвам“ ручеци, да копам по песокот, да одам во паркот. Во паркот со ќерка ми често не ми е забавно. Да, не ми е забавно со мало дете. И кога беше уште помала, уште помалку ми беше забавно. Како што ми расте детето, така мене ми е позабавно.

Бидејќи јас не сум мало дете за постојано да ми биде забавно со мало дете. Мене ми е забавно со возрасните, и не баш секогаш и не со сите. Забавно ми е кога правам нешто што мене ме интересира.

А со мало дете не ми е забавно. И сигурна сум дека тоа е нормално. Мама не е забавувач. Мама е поддршка, основа, засолниште. Мама е појдовна точка на безбедност. Мама е сигурност. Мама е топлина. Мама е водич. Мама е одговор на потребата. Мама е таа што прифаќа. Мама е таа што простува.

Но, мама не е кловн, не е аниматор.

Мама има други задачи. И мама има право на досада во друштво на нејзиното дете. И право на други чувства. Важно е како се справува со нив. Досадно ми е постојано да готвам, но сакам да го нахранам семејството. Досадно ми е постојано да шетам, ама сакам бидејќи на ќерка ми ѝ е важно да го запознае светот и да го вкуси.

Јас сум свесна дека ми е досадно. Спремна сум да ми биде досадно и не затворам очи пред тоа. Досадно ми е со детето. Повеќе не ми е срам поради тоа, како ни поради фактот што моментално не можам ништо да направам во врска со овој проблем. Напротив, се надевам дека во оваа моја досада ќе дојдам до нови откритија.

Автор: Жана Јермашова



912

X