Игротека

До мојата речиси возрасна ќерка: Те сакам и извини

На вечерата фрлив поглед преку масата кон тебе додека јадеше салата. Сѐ поврзано со таа слика ме погоди – големината и формата на твоите прсти, грациозниот начин на кој ја вртиш виљушката, фактот дека своеволно ја јадеш салатата без да се жалиш.

Веднаш се вратив назад 17 години. Твоите мали бебешки прсти обвиткани околу пластична лажица, а ти се мачиш да ја ставиш храната в уста без да се извалкаш на целото лице. На некој начин, имав чувство како тоа да беше вчера. На некој начин дури и како да беше пред цел еден живот.

За тебе и е живот. Твоето детство, збирот на твојот живот сѐ до овој момент, ме враќа повторно на тоа столче на кое вечераше. 17 години е големо поглавје од мојот живот, но за тебе, тоа поглавје е твојот живот. Гледам во животот сега – живот кој помогнав да се создаде, живот кој порасна во и од мене, живот кој му помогнав да се обликува и го водев.

Многу сум горда на жената во која прераснуваш. Исто така сум преплашена што сум во оваа фаза од твојата-мојата приказна. Го започнав моето мајчинско патување со толку многу идеи за тоа што сакав да те научам, за мајката која сакав да бидам, за семејството кое сакав да го создадам. Имав цели и соништа за родителството, а во ништо од тоа не беше вклучено губењето на моето трпение, несредениот дом и бегањето сама во кафуле.

Сакав да бидам мајката што пече колачиња. Сакав да имам органска градина и да ти читам класични книги наглас. Сакав да бидам релаксирана и забавна, но и дисциплинирана и организирана. Сакав да ја негувам твојата креативност и да се осигурам дека ќе поминеш доволно време во природа и да те научам да работиш вредно и да одиш низ светот бестрашно.

Но, мајчинството беше многу поголемо и многу потешко отколку што мислев дека ќе биде. Кога ќе се навратам на тие идеали, си се смеам сама на себе, но и се чувствувам малку разочарано што не бев способна да бидам мајката која си поставив цел дека ќе бидам. Ме прогонуваат милионите сомнежи и неодговорени прашања. Дали бев добра со тебе? Дали те научив на основните работи што треба да ги знаеш за да одиш во светот без да бидеш проголтана? Дали бев добар пример? Дали ќе ти треба терапија поради изборите што ги направив или работите што ти ги направив тебе?

Знам дека многу работи направив правилно, но исто така знам дека и некои работи ги направив многу лошо. Секогаш сакав да бидам најдобра во мајчинството, но поентата е дека во мајчинството најдоброто секогаш се менува. Некои денови си одличен во сѐ – образовни цели, емоционални потреби, физичко и духовно здравје, вредни животни лекции, социјално водење, одржување на домот и останато. А, други денови, да успееш да се истушираш и да се увериш дека никој нема да умре е буквално најдоброто што можеш да го направиш.

Ова може да биде тешко за разбирање сега, но ќе ја дознаеш целата вистина за родителството ако некогаш имаш свои деца. Постои изрека која вели дека децата не доаѓаат со инструкции, и тоа е сосема точно. Како родител, претежно импровизираш цело време. Можеш да се обидеш да се подготвиш на многу начини, да ја прочиташ секоја книга за родителство, но верувај ми дека сѐ што мислиш дека разбираш за родителството се фрла од прозорец кога веќе ќе станеш родител.

Тоа не е лоша работа. Сепак, зборуваме за човечко битие кое се грижи за друго човечко битие, две уникатни души со сопствени таленти, цели, чија судбина ги споила во интимна врска која не е слична на ниту една друга. Откривањето на основите на таа врска е доволен предизвик, како и постојаните промени и неочекувани динамики што следуваат.

Толку сме блиски, јас и ти. Блиски сме откако излезе од мојот стомак и ме погледна со твоите заоблени, внимателни очи. Врската мајка-ќерка е над сѐ што можев да замислам. Кога ти си повредена, и јас сум. Кога си среќна, и јас сум. Чувствувам сѐ преку тебе, како твоите емоции да течат низ мене низ некој невидлив канал.

И еве, тука си, своја личност, целосно одвоена од мене. Колку од таа прекрасна девојка што ме гледа преку масата е резултат на моето мајчинство и колку од тоа си само она што навистина си и секогаш ќе бидеш? Карактер против родителство? Природа против грижа? Овие стари прашања што го интригираат човештвото сега стојат до мене и сум изненадена што уште ги немам одговорите.

Можам само да се надевам дека намерното добро што го направив ќе преовладува над секоја штета што можеби сум ја предизвикала. И се молам мојата бескрајна љубов кон тебе да ги надвладее сите други чувства што можеби си ги имала кон мене во текот на годините. Моите фрустрации никогаш не беа во врска со тебе – беа за мене и моето недостигнување на нереалните лични стандарди што си ги поставив.

Затоа, те молам, прости ми за грешките, душо. Да се биде мајка не е лесно, но да се биде твоја мајка беше најголемиот благослов во мојот живот. Да имав можност да се вратам, можеби ќе сменев неколку работи. Но, би поминала пак низ истото, само да ја почувствувам радоста и да гледам како растеш во неверојатна душа.

Мојата љубов кон тебе никогаш нема да се смени и мојата врата за тебе секогаш ќе биде отворена. Како што одиш низ несигурниот свет, секогаш можеш да сметаш на тоа.

Автор: Ани Рино

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top