Дали некогаш сте се запрашале што би пишувало во дневникот на едно двегодишно или тригодишно дете кога би умеело да ги изрази своите чувства со зборови? Она што многумина не го знаат или во кое не веруваат е тоа дека малите деца не се во состојба да ги контролираат своите емоции, ниту да ги вербализираат.
Да бидеме искрени, тоа не го умеат ни повеќето возрасни луѓе, веројатно затоа што некогаш детските фрустрации се решаваа со ќотек и казни и се третираа како разгаленост.
Сега, да се вратиме на двегодишното дете и неговиот дневник.
– Имам две години. Не сум разгален, ни грозен… Јас сум фрустриран. Нервозен, под стрес, преплавен со емоции и збунет. Потребна ми е прегратка.
Денес се разбудив и сакав да се облечам. Но, ми рекоа: „Не, немаме време за тоа, јас ќе те облечам“.
Тоа ме растажи.
Сакав сам да јадам, но ми рекоа: „Не, ќе се извалкаш, а се брзаме и немаме време за пресоблекување. Јас ќе ти дадам да јадеш“.
Ова направи да се чувствувам неспособно.
Сакав до автомобилот да одам сам, но ми рекоа: „Не, брзаме многу, немаме време. Јас ќе те носам“.
И тоа ме расплака.
Сакав сам да излезам од автомобилот, но ми беше кажано: „Не, немаме време, јас ќе те извадам од седиштето“.
Сега сакав да избегам.
Подоцна, во градинка, сакав да играм со коцки, па ми рекоа: „Не, не така, не вака“.
Потоа не сакав да играм со коцките. Сакав да си играм со количиња што ги држеше некој друг, па ги зедов. Па ми рекоа: „Не, така не се прави. Не смеат да се земаат работи што ги сака некој друг“.
Не сум сигурен што направив лошо, но знам дека бев тажен. Затоа почнав да плачам. Сакав некој да ме прегрне, но ми беше кажано: „Ајде, не плачи, оди да си играш“.
Потоа ми рекоа дека е време да ги соберам играчките. Ова го знам, бидејќи некој цело време повторуваше: „Оди, собери ги играчките“. Но, не бев сигурен што треба да правам, па чекав некој да ми покаже.
„Што правиш ти? Зошто само стоиш? Собери ги играчките, веднаш!“
Не ми беше дозволено сам да се облечам, а навистина сакав, но сега ми бараат да собирам играчки.
Не знам точно што да правам. Треба некој да ми покаже? Од каде да почнам? Каде оди оваа коцка? Слушам многу зборови, но не можам да разберам. Преплашен сум и затоа не се поместувам. Легнав на под и почнав да плачам.
Кога дојде време за ручек, сакав да си ја однесам мојата чинија со храна, но ми рекоа: „Не, мал си. Остави ме мене“.
Поради ова се почувствував многу мал. Потоа се обидов да ја јадам храната што беше пред мене, но некој постојано ми ја носеше храната в лице велејќи ми: „Земи го ова, сега малку ова, изеди го ова…“
Повеќе не сакав да јадам, но ми рекоа дека морам. Поради тоа, сакав да фрлам работи и силно да плачам.
Сега сакам да слезам од столчето, но не ме оставаат. Велат дека сум мал и дека не смеам. И постојано ми повторуваат дека треба да изедам уште еден залак. Поради ова, уште повеќе се расплакав. Сега сум гладен и фрустриран и тажен. Уморен сум и потребно ми е некој да ме земе и да ме утеши. Не се чувствувам безбедно и немам контрола. Затоа сум исплашен, па плачам уште повеќе.
Имам две години. Не ме оставаат сам да се облечам, не ме оставаат моето тело да го преместам таму каде што треба да одам, на никој не му е грижа што сакам јас.
И повторно, од мене се очекува да делам, слушам, да почекам. Очекуваат дека треба да знам што да кажам и како да го контролирам моето однесување. Очекуваат да седам мирно и ако нешто фрлам, да знам дека може да се скрши. Но, јас не ги знам тие работи.
Не ми даваат да ги вежбам вештините како што се одење, туркање, запетлување, сервирање, качување, трчање, фрлање. Баш оние работи што ми се интересни и кои би сакал да ги видам, допрам, ми се забранети.
Имам две години. Не сум грозен, ни тежок. Само сум фрустриран. Нервозен, под стрес, преплавен со емоции и збунет. Само ми треба прегратка.
Автор: Дејах Роман