Седите, пиете кафе со пријателка/сопруг, меѓутоа и двајцата зјапате во телефоните. Станува збор за некултурна навика што им се пренесува на децата.
За повеќето од нас, нашите мајки беа нашите први наставнички – научивме сѐ од нив, и според нив и нивното однесување се оформивме како луѓе. Но, сега кога ги гледаме мајките со нивните бебиња, тие седат на телефони.
Ако нашите деца гледаат како ние седиме и зјапаме во телефонот – тогаш тоа им кажува дека е во ред и тие да го прават истото. Но, проблемот е многу поголем: постои опсесија со личните животи на другите луѓе, луѓето се опседнати со себе, а децата тоа го гледаат и го впиваат.
Потребно е да знаете дека сѐ што кажувате и правите пред вашите деца, тие го регистрираат и го запомнуваат. Тие гледаат како и колку често го користите телефонот, така што со тоа им давате пример како и колку често треба да го користат тие.
Она што треба да го направите е да го оставите телефонот бидејќи она што е лошо за вас е лошо и за вашите деца. Гледаме многу млади луѓе кои се дисморфични, кои се гледаат во огледало и не се задоволни од тоа што го гледаат.
Започнува со споредба и очај: размислете како се чувствувате кога вие, како возрасна личност, ќе си го споредите животот со оние луѓе што ги гледате на „Инстаграм“. Изгледа како вие воопшто да не се забавувате, а тие се забавуваат, како да не јадете храна на начинот на кој јадат тие, дека не изгледате онака како што изгледаат тие. Апликациите ни даваат идеи дека можеме да се промениме себеси – дека самите вие не сте доволни, дека вашето битие треба да биде променето со лице на зајаче, со нов глас и лице без никакви недостатоци.
Ако го исклучите телефонот, тогаш нема да ги гледате сликите што прават да чувствувате дека не сте доволни. Самоприфаќањето е клучно за еден човек: ова сум јас, ова е моето тело. Потоа, потребно ви е самопознавање и прифаќање на вашата личност. Потребно е да знаете за што сте способни, а што не сте способни да направите.
Зависноста од телефонот е нешто што можете да го промените. Воведете ги овие промени во семејството. Можете да го направите тоа? Бидејќи ако не можете вие, тогаш не можат ни вашите деца. Ако не можете да го демонстрирате ова однесување, немојте да бидете изненадени кога вашите деца ќе го користат телефонот додека вечерате. Телефонот нема да ги научи да го остават; вие треба да ги научите.
Решението за опседнатоста на децата со телефоните започнува со поглед во огледало. Проблемот сте вие и вашата зависност од телефонот; а не вашите деца. Вашите деца едноставно го прават она што виделе дека вие го правите.