Детските книга главно се на маргините на општествениот интерес. Сепак, постојат историски моменти и специфични општества кои и детските книги може да ги претворат во опасен производ. Ова се само неколку од тие што имале таква судбина.

„Не морате да ги палите книгите за да ја уништите културата. Само натерајте ги луѓето да не читаат повеќе“ – Реј Бредбури

Токму во оваа реченица е смислата на сите забрани и обвиненија кон одредени автори и нивните дела. Книгите ни даваат знаење, слобода на мислењето и изразувањето, сето она што режимите во текот на историјата настојувале да го имаат под контрола. Причините за забрана на одредени книги се различни, но многу ретко се засновани на здрав разум. Најчесто се работи за верски догми, идеолошки уверувања, политички несогласувања или едноставно човечка глупост.

Низ историјата, во различни делови од светот биле забранувани и стигматизирани и големи дела од детската книжевност. Ова е само дел од долгата листа со забранети познати дела за деца:

1. „Авантурите на Хаклбери Фин“ – Марк Твејн

По печатењето (1885) книгата била забранета во многу градови од САД бидејќи содржи повеќе од 200 збора што се сметаат за погрдни.

2. „Хари Потер“ – Џ.К. Ролинг

Поради својата содржина, во која е вклучена магија, серијалот бил забранет во неколку училишта во САД бидејќи ги навредува конзервативните католици. Ова е една од најзабрануваните книги на светот.

3. „Бајки“ – Јакоб и Вилхелм Грим

Забранети биле во германските училишта по Втората светска војна бидејќи во текот на Третиот Рајх биле користени за нацистичка пропаганда. На почетокот од 20 век биле забранети и во училиштата во САД поради преголемо насилство, расизам и негативно прикажување на женските ликови.

4. „Волшебникот од Оз“ – Л. Френк Бам

Државните библиотеки во Чикаго ја забраниле во 1928 година бидејќи ја прикажува жената во улога на силен лидер што му се „противи на Бога“. Библиотеката во Детроит ја забранила книгата во 1957 година бидејќи немала значење за тогашните деца.

5. „Чарли и фабриката за чоколада“ – Роалд Дал

Библиотека во Колорадо во 1988 година ја забранила книгата бидејќи пропагирала „мизерна животна филозофија“, а претходно била забранета во 1964 година поради споредбата на „Умпа Лумпа“ со Африканците.

6. „Добро дрво/ Добро стебло/ Дрвото има срце“ – Шел Силвестајн

Оваа симпатична книга била забранета во државната библиотека во Колорадо во 1988 година бидејќи нејзината содржина била оценета како сексистичка.

7. „Мечето Вини Пу“ – А.А. Милн

Во 2006 година е забранета во повеќе градови во САД бидејќи животните што зборуваат од некоја причина биле оценети како „навреда кон Бог“. Книгата била забранета и во училишта во Турција, Русија, Велика Британија бидејќи најдобриот пријател на Вини, прасенцето, се смета за навредлив за муслиманите и затоа што книгата „промовира нацизам“.

8. „Алиса во земјата на чудата“ – Луис Карол

Наводно содржи алузии за сексуални фантазии и мастурбација, што било причина за нејзина забрана во училниците во Њу Хемпшир на почетокот од 20 век. Во текот на 60-тите години е забранета во САД поради страв дека децата ќе потклекнат на злоупотреба на дрога. Книгата била забранета и во Кина во 1931 година со изговорот: „животните не можат да зборуваат“.

9. „Пајажината на Шарлота“ – Е.Б. Вајт

Многу слично како и кај мечето Вини, неколку училишта во Англија ја забраниле оваа книга поради страв дека прасето Вилбур може да биде навредливо за муслиманите. Откако се огласил Муслиманскиот совет на Британија, кој сметал дека тоа е погрешно толкување, книгата е вратена на полиците во библиотеките, каде што ѝ е местото.

10. „Дневникот на Ана Франк“

Оваа вредна книга, која сведочи за нацистичкиот прогон на Евреите во Втората светска војна, е забранета во училиштата во Вирџинија во 2010 година поради „тематизирање на сексуалноста и хомосексуалноста“. Порано книгата била забранета и во некои американски училишта бидејќи била „премногу депресивна“.

Етикетирањето на поединечни книги како „лоши и забранети“ доведува до непријатност за авторите, па дури и за нивните семејства. Тоа го почувствувала на свој грб и авторката на „Бум Томица“ од Хрватска, Силвија Шесто. Спорната книга се нашла под лупата на јавноста кога верските заедници ја обвиниле за ширење на порнографија. Но, одборот во Агенцијата за воспитување и образование во Хрватска оценил дека не е порнографија и оправдано се наоѓа на списокот со (незадолжителни) лектири во основно училиште. Книгата е вратена на полиците, но кој ќе ѝ го врати угледот на авторката?

Најчесто забраните не важат долго време, а обвиненијата за авторите и делата потоа обезбедиле поголема читаност отколку што можеби би постигнале без да се случат забраните.

Автор: Невена Зубер



912

X